Лагард: Заздравувањето на светската економија е кревко
4 април 2012Кристин Лагард ги предупреди земјите членки на еврозоната од самобендисаност по најновото релаксирање на состојбите во поглед на должничката криза. Иако ситуацијата во меѓувреме е навистина значително подобра отколку пред неколку месеци, политиката сепак мора да ја искористи оваа пауза за земање здив за да работи, изјави шефицата на ММФ на средбата на новинските издавачи од САД, што се одржа во Вашингтон.
Шефицата на ММФ притоа истакна и дека заздравувањето на светската економија и натаму е многу фрагилно. Најголеми извори на опасност се потресениот финансиски систем во Европа, високите јавни и приватни долгови, како и големата и „тврдокорна“ невработеност, истакна Лагард. Таа смета дека и растечките цени на нафтата имаат потенцијал да направат значителна штета за светското стопанство. Шефицата на ММФ, покрај тоа, предупреди од пребрзо кратење на владините трошоци во САД или во ЕУ, бидејќи тоа може да ја влоши наместо да ја релаксира состојбата.