Партиските ветувања на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите се нереални. Извештајот на ММФ и состојбата во Фондот за ПИОМ покажуваат дека нема простор за такви клиентелистички авантури.
Реклама
Нема ништо реално во ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на пензиите, децидни се економските аналитичари, укажувајќи на големата финансиска дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но и на пораките од најновиот извештај на Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за состојбите во оваа сфера во Македонија. Во него ММФ констатира дека пензискиот систем во Македонија се соочува со значителна финансиска нерамнотежа поради стареењето на популацијата и намалување на придонесите, па им препорачува на властите да размислат за зголемување на старосната граница за пензионирање.
„И покрај поранешните реформски параметри при воведувањето на вториот столб, првиот столб се соочува со значителни нерамнотежи заради стареењето на населението и намалување на стапката на контрибуција. Дефицитот во пензискиот фонд кој изнесува значителни 4,5% од БДП е проектирано да се зголеми повеќе од двојно до 2030 година. За да обезбедат стабилност ги охрабруваме властите да го разгледаат зголемувањето на старосната граница за пензионирање, како и индексацијата на пензиите да се поврзе со трошоците на живот, да се воведат политики за да се зголеми партиципацијата на работната сила и да се зголемат стапките на контрибуција“, се вели во Извештајот на ММФ.
Битка за пензионерски гласови
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во битка за гласовите на „најголемото гласачко семејство“ од 300.000 пензионери, на изборниот пазар вети зголемување на пензиите за вкупно 10,25 отсто, и тоа по 5 отсто во септември 2018 година, и уште 5 отсто во септември 2020 година. Ова е еден од клучните „рефрени“ кој партискиот лидер Никола Груевски го повторува на митинзите. „Реално“ е името на програмата на ВМРО-ДПМНЕ на 500 страници, во која според партијата, се нудат „реално остварливи проекти“. Еден од нив е токму зголемувањето на пензиите.
„Тоа воопшто не е реално со оглед на состојбите во Фондот за ПИОМ, и секој политичар кој е барам малку одговорен, не смее на ваков начин да ги подгрева очекувањата на пензионерите“, вели економскиот аналитичар Сашо Трајковски.
„Таа 'дупка' сега се покрива со задолжување. Тоа не е решение. Мора што поитно да се премине кон спроведување на темелни реформи, кои по извесен период, не толку краток, ќе почнат да даваат резултати. Сега е потребна длабока анализа на состојбата, согледувања на реалните слаби точки и долгорочна стратегиска одлука каква реформа да се спроведе. Компаративните искуства во земји со проблем сличен на нашиот, покажуваат дека најчесто се спроведувал комбиниран сет од мерки, кој го опфаќа економскиот раст и зголемувањето на стапката на придонес за пензиско осигурување, а во некои и поместување на старосната граница за пензионирање“, вели Трајковски.
Денес Македонија има едни од најниските стапки на придонеси за пензиско осигурување во Европа и централна Азија. Пониски стапки имаат само Косово и Казахстан.
Во изминатиов период протече информација дека Владата планира поместување на старосната граница за пензионирање (67 години за мажи и 64 за жени), но од Владата тоа ниту го потврдија, ниту го демантираа. Аналитичарите во ова препознаваат одложување на вистината во изборни цели.
„Мора да се знае каква стратегија се планира во оваа сфера. За тоа е потребна решителност и соочување со суровите факти. И тоа не треба да зависи од моментот дали е (пред)изборен период, па заради партиски интереси неодговорно да се продолжи изборното кокетирање со одредена категорија гласачи, во случајов пензионери. Напротив, респект ќе заслужи онаа партија или партии, кои на гласачите ќе им ги соопштат реалните состојби. Изборите ќе завршат, па брзо ќе се види дека состојбата во пензиската каса останала идентично неповолна или дополнително се влошува. Тогаш, секој ќе се праша на каков фундамент се потпирале ваквите ветувањата, а тешко ќе може да се најдат искрени одговори“, вели политикологот Арбен Адили.
Фондот веќе е крахиран
Проблемите со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување започнаа со формирањето на приватни пензиски фондови, но се зголемија со растот на пензниите и намалените приходи од придонеси. Од 2006 година до 2015 година повеќе од двојно е зголемен дефицитот во буџетот на фондот. Во 2006 година тој изнесувал 152 милиона евра, а лани се искачил на 364 милиони евра, односно поради владините мерки дополнително се зголемил за 211 милиони евра.
Свет кој старее
До крајот на 2050 година, бројот на лица постари од 65 години ќе се искачи на 15,6% од вкупната светска популација. Како се случи ова и што значи за светот?
Фотографија: Munir Uz Zaman/AFP/GettyImages
Неизбежна старост
Светот старее. Во 2010 година бројот на луѓето со повеќе од 65 години изнесувал 7,7% од светската популација. Според проценките на ОН, овој број ќе се искачи на 15,6% до крајот на 2050 година. Причините за ваквиот развој се ниските стапки на природен прираст на населението и зголемениот животен век на луѓето. Во земјите во развој особено се очекува луѓето да живеат подолго од претходно.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Енергични пензионери
Пред еден век да се доживее 75 години беше исклучок. Луѓето на оваа возраст биле сметани за многу стари. Денес, пензионерите се често во добра здравствена состојба и целосно уживаат во животот. Во Германија има пет пати повеќе постари лица отколку пред 30 години.
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders
Активен живот
Добрата физичка кондиција на постарите лица е поврзана со подобрената медицинска нега и просперитетот кој се зголемува. Овој тренд се појавува и во земјите во развој, каде што во иднина ќе бидат најголемиот дел на повозрасни лица и пензионери.
Фотографија: Patrizia Tilly/Fotolia
Низок приоритет
Во годините што доаѓаат ќе продолжи и трендот кај младите смејства кои сакаат сè помалку деца. Ова, делумно, се должи на тоа што жените повеќе ја ценат својата финансиска независност, а комбинацијата од деца и кариера тешко се балансира.
Фотографија: Fotolia/Fotowerk
Жените сакаат образование
Друга причина поради која жените имаат помалку деца е затоа што сакаат подобар живот за нивните деца. Тоа е особено забележливо во посиромашните земји, каде што жените ги испраќаат своите ќерки во училиште наместо да ги обврзуваат да се грижат за семејството и домот.
Фотографија: DW/H. Hashemi
Лоши пензиски системи
На земјите во развој во основа им недостасуваат пензиски фондови и социјални системи, а поранешните високи стапки на природен прираст на населението неминовно ќе водат кон зголемување на бројот на возрасните.
Фотографија: Issouf Sanogo/AFP/GettyImages
Само негата не е доволна
Дури и во развиени земји како Германија, добрата грижа за возрасните е само дел од равенката. Иако има голем број на негувателски домови, тие се скапи. Како што се намалуваат пензиите, сѐ повеќе и повеќе возрасни стануваат сиромашни.
Фотографија: Fotolia/Kzenon
Помеѓу пукнатините
Во посиромашните региони, возрасните жени често се принудени да просат за да преживеат. Многу од нив целиот свој живот работеле во полињата и немаат право на пензија.
Фотографија: picture-alliance/Lehtikuva/Hehkuva
Гласот на пензионерите
Низ целиот свет, пензионерите протестираат за соодветни пензиски фондови. Во Никарагва, на пример, пензионерите бараат минимална пензија од 70 евра месечно.
Фотографија: REUTERS
Кариера и во пензионерските денови
Обединетите нации бараат од државите низ светот да создадат можности за вработување за повозрасните луѓе. Нашето сегашно сфаќање за животот во пензионерските денови мора да биде променето. Дури и денес, голем дел од пензионерите работат како сопственици на мали бизниси.
Фотографија: Munir Uz Zaman/AFP/GettyImages
10 фотографии1 | 10
Загриженост од постојаното растење на дефицитот во ПИОМ неодамна изрази и Светска банка. Од СБ посочија дека една од причините за продлабочување на дупката во Фондот за пензиско е и намалување на стапката за придонеси од 21 на 19 отсто во 2009, па на 18 отсто наредната година. Според некои пресметки, бројот на пензионери до 2030 ќе се зголеми за уште 50.000, односно ќе достигне 355.000, па од сегашните 740 милиони евра, за исплата на пензии ќе бидат потребни над 1 милијарда евра.
Опозициската СДСМ во изминатот период ги критикуваше штетните економски политики на Никола Груевски, кои го загрозиле функционирањето на пензискиот фондот.
„Следната година дури 452 милиони евра или над 45 % од пензиите ќе се исплаќаат директно од Буџетот. ВМРО-ДПМНЕ нема никаква идеја за стабилен пензиски систем и единствено што ги интересира е како моментално да ги закрпат дупките. Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за одржливоста на ПИОМ на среден рок и долг рок“, обвини СДСМ, додавајќи дека за решавање на овој проблем се потребни здрави економски политики кои ќе поттикнуваат отворање на реални работни места и ќе обезбедуваат стабилност за ПИОМ.
Власта тврди дека ја зголемила вработеноста, но тоа сепак не се одрази директно на уплатата на придонесите. Голем дел од економските аналитичари велат дека пензискиот фонд е веќе крахиран, штом државата мора да дополнува речиси 50 отсто од потребните средства за да може редовно да се исплаќаат пензиите. Состојбата ја сметаат за алармантна. Според нив, предупредувањето на ММФ може да се смета дури и за „оптимистичко“, бидејќи ако се продолжи ова темпо на погрешни политики, дефицитот во пезниската каса може двојно да се зголеми уште во наредните осум до десет години.
Кој е кој во македонската политика
Предвремените парламентарни избори нема да понудат многу нови лица на македонската политичка сцена. Главната битка ќе ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалиции. Изненадувања се можни во албанскиот политички блок.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ
Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски.