1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажни анкети и рејтинзи за лов на (не)партиски опортунисти

8 јули 2020

Додека трае „војната“ со анкети и препукувањата која е вистинска, а која лажна, се наметнува прашањето за целта на ваквите предизборни манипулации? Ваквиот наратив е всушност битка за опортунистите, велат познавачите.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Со денови се објавуваат анкети чија автентичност ја спори оној кој заостанува во нив, додека партиските лидери паралелно прогласуваат сигурна изборна победа. Последниот таков пример е денешната на извесен Институт БИПС, но претходно се спореше дури и истражување на Брима Галуп, иако се испостави дека такво навистина постоело.
Целта на овие анкети и „анкети“, но и на наративот кој го слушаме во изборната кампања не е само да внесе забуна кај граѓаните, туку и да се влијае врз гласачите кои чекаат до последен момент пред да одлучат кому ќе го дадат својот глас.
Во последните недели, но и претходно, е забележливо инсистирањето на лидерите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, дека токму тие се сигурни победници на изборите. Се лицитира со бројот на гласови, па и со разликата во корист на едните или другите. Мицкоски и неговата партија со месеци наназад не пропуштаат; во интервју, говор или партиско соопштение, сеедно; да потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ сигурно победува на изборите. Заев и СДСМ, пак, одат и чекор понатаму па во јавните настапи веќе го сведуваат изборниот исход на прашање на разлика. „Победа од 60 до 120 илјади гласови разлика“, типува Заев. 
Познавачите на состојбите велат дека ваквиот наратив е насочен кон сопствената партиска база, но и кон ткн. опортунисти, односно гласачи кои до последен момент прават проценка кој ќе победи на изборите, па нему му ја даваат довербата.
„Мојата проценка е дека има меѓу 15 и 25 илјади гласачи на секои избори кои гласаат за победникот“, вели поранешен висок државен и партиски функционер кој предводел повеќе кампањи. „Кога ќе почувствуваат кој победува гласаат за таа опција“, дополнува изворот кој инсистираше на анонимност. Меѓу таквите „опортунисти“ тој ги вбројува бизнисмените и вработените во државната администрација, и проценува дека меѓу нив навистина има многу кои успешно го погодуваат победникот.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, бројката на гласачи врз кои се влијае со ваквите партиски наративи е всушност далеку поголема. Тој проценува дека во игра се и до 20 проценти од електоратот.
„Македонскиот електорат е крајно авторитарен. Се врзува за победник и за власт и очекувањето за тоа кој ќе победи влијае врз одлуката на денот на гласањето“, вели Арсовски.
Но, стратегијата на партиите не е насочена само кон оние кои во изборите гледаат некаква шанса.
„Таквата кампања влијае и врз членовите на сопствената партија. Доколку партиски членови очекуваат или се убедени во победа на својата партија, тие повеќе ќе работат за да дојде до неа. Така што сметам дека влијанието во тој дел е дури и поголемо врз партиската машинерија“, вели Арсовски.

Аналитичарите велат дека е тешко да се процени кој победува, а кој губи во оваа битка да се убедат гласачите во „сигурната“ победа на изборите, но сигурни се дека тие гласови можат да бидат решавачки на 15 јули. Особено ако се земе во предвид дека пандемијата на коронавирусот би можела да ја спушти излезноста на денот на гласањето.
„Во 2016 година изборите завршија со многу мала разлика, а перцепцијата за тоа кој ќе победи беше прилично изедначена, но малку во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Овојпат, СДСМ создаде перцепција дека победува, но ВМРО-ДПМНЕ се бори и се обидува да го смени впечатокот“, вели анонимниот експерт и додава дека таа борба се одвива и преку негирање на резултатите од анкетите, односно преку објавување на сопствени анкети чија релевантност е во најмала рака проблематична, но доволна за да создаде конфузија во јавноста.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми