1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Легализација на дивоградби- нови поволности наместо санкции

Костадин Делимитов
11 март 2021

Ниту уривање, ниту затворски казни. Нерешените дивоградби ќе се решаваат со пролонгирање на роковите за легализација. Невладините реагираат за двојни аршини и амнестија на криминалот. Отпор има и во парламентот.

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Нови пет години рок, по изминатите десет години законска можност за легализација на бесправно изградените објекти се турка во парламентот. Една деценија беше малку за решавање на хроничниот проблем, па сега се предлагаат измени во законот со кои се нуди екстра можност за да се заврши она што не е завршено. Новиот рок се турка откако истече законската можност за легализација на објектите изградени заклучно со 3 март 2011 година, што се предвидуваше со законот кој беше донесен во февруари 2011.

Паралелно со иницијативата за продолжување на рокот за овој закон., во собранието се турка уште еден закон со кој се предвидува легализација на бесправно изградени објекти заклучно со 01.10.2019 година. Тој предвидува дополнителни седум години рок, но со обврска да се плати 50% повисока цена за комуналии од постојната. 

Излегување во пресрет на посиромашните граѓани

Власта тврди дека роковите се пролонгираат за оние граѓани чии објекти се во процес на легализација, а се изградени заклучно со 3 март 2011 година, односно за објектите и инфраструктурата од интерес на државата и општините.

„Има многу предмети кои се уште се во постапка, дел за објекти, дел за инфраструктурни линиски водови. И бидејќи тие се` уште се во постапка, се создава правен вакуум. Општините не може да постапуваат по законот оти тој истече и затоа се бара продолжување на важноста за да може да се решат предметите. Но ова не значи дека граѓаните и фирмите ќе можат да поднесуваат повторно барања, туку ова е за сите стари барања. Односно за објекти изградени до 3 март 2011 година", објаснуваат за Дојче веле од министерството за транспорт и врски.

Фотографија: DW/A. Feilcke

Се огласи и премиерот Зоран Заев кој тврди дека со ваквото решение им се излегува во пресрет на посиромашните граѓани:

„Има граѓани кои не успеале да соберат 50 евра за да направат елаборат и не успеале да ги легализираат нивните објекти, тоа е нивниот дом и сега немаат начин, остануваат дивоградби. Државата не треба да урива затоа што тоа е материјално добро и пред сè, на најсиромашните. Ако не го продолжиме законот, еве заглавен е, навистина никој нема придобивка од тоа“, изјави Заев.

Нова амнестија на криминалот

Ваквата стратегија на власта сепак нема поддршка во јавноста. Невладините организации критикуваат за двојни аршини и предупредуваат дека се крои нова амнестија на криминалот:

„Оние кои беа гласни во минатото како опозиција против овој закон и неговите продолжувања, сега бараат после цели 10 години на сила на овој закон, да важи ни повеќе, ни помалку, туку уште  5 години. Како граѓани, навистина не можеме да ја разбереме оваа континуирана амнестија на криминал без крај, бидејќи, едноставно, градење на диво е кривично дело за кое е предвидена  казна затвор од 3 до 8 години. Се бориме за владеење на правото, а не за амнестирање на криминал", реагираат во изјава за Дојче веле од невладината О2 Иницијатива.

Повеќе:

-100 илјади дивоградби помалку

-Политичко-бизнис мафија го силува Охрид!

-Легализацијата на дивоградбите отвора многу дилеми

Граѓанскиот сектор критикува дека со законот веќе е направена огромна штета. Затоа инсистираат роковите да не се продолжуваат, но и да не се дозволи да помине и второто законско решение кое повеќе од една година е заглавено во парламентот:

„ Бруталноста продолжува до таму што е предвидена легализација во заштитени подрачја, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, потоа во подрачје на заштитено недвижно културно наследство и разни други заштитни зони и појаси. Ова, една нормална држава не смее ни да го помисли, а камоли со инфериорно притискање на зеленото копче во собрание, да го легализира. Ова е злосторство против природата и злосторство против граѓаните на оваа држава, штета која ќе биде направена и за сегашните и за идните генерации, во корист на индивидуални банкарски сметки и нечии лични интереси“, реагираат од О2 Иницијатива. 

Фотографија: DW/F. Musliu

Двојни аршини

Отпор за законските измени има и во парламентот. Против двете законски иницијативи се пратениците од ДОМ, кои се дел од владејачкото мнозинство.

„Ние сме против двете законски решенија и сметаме дека веќе треба да се престане со давање можност за легализирање на бесправно изградени објекти. Овој закон е донесен во март 2011 и мислам дека граѓаните имале доволен период за легализација, а во два наврата имаше и продолжение на роковите“, изјави за Дојче веле Маја Морачанин, пратеник во парламентот.

Според неа, праксата на двојни аршини мора да запре, а законите да се почитуваат: 

„Треба да се престане со таа пракса, бидејќи пораката која што се испраќа до граѓаните на овој начин е градете си бесправно а државата ќе најде начин како да легализирате. Од друга страна има и оправдан револт кај граѓаните кои си ги почитуваат законите и процедурите. Еднаш мора да се сопре ова продолжување и да пратиме јасна порака дека ова повеќе не може да се прави. Мора да се почитуваат законите и процедурите оти е очигледно дека тука затајуваат и инспекциите. Конечно, станува беспредметно и носењето на просторни планови, генерални и детални урбанистички планови кои сме сведоци какви реакции предизвикуваат во јавноста. Како ќе обезбедиме здрав и хуман живот ако постојано легализираме бесправно изградени објекти“, реагира Морачанин. 

Идејата за пролонгирање на роковите ја критикуваат и поранешни пратеници во чие време беше и донесен првичниот закон за легализација на дивоградбите.

„Самиот закон во старт беше донесен за да се постави еден ред во урбанизмот кој беше главно поради неорганизираност на државата и ненавременото носење на урбанистичките планови. Затоа имаше смисла едно вакво решение. Но сега е неприфатливо да се дозволи на ваков начин некој што кршел закон да добива бенефиции. Посебно ако се знае дека роковите веќе двапати се продолжуваа но и откако се најдоа нови методи на изигрување на запишувањето на парцелите во катастар и се дозна за корупција со лажни бројчиња. Ова премина во еден коруптивен бизнис за големи бизнисмени или за оние кои свесно прекршиле и со помош на политиката се надеваат дека ќе успеат да го завршат. Затоа ова не смее да се прифати“, реагира Лилјана Поповска поранешен пратеник од редовите на ДОМ.

Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Како до кворум во Собранието?

Во вакви услови спореед Поповска единственото чисто решение е проблемите да се решаваат со поединечен пристап преку институциите:

„Она што е изградено по роковите да се урне, или ако е гранично и не прави штета ако мора да се легализира со неколкукратни давачки. Тоа е проблемот со Охрид и Струга на пример, но и на други локации. Да има избор, или да платат или да се урива. Па да се знае дека нелегалното градење е казниво. Од друга страна има и многу примери на граѓани кои бараат легализација но поради неажурност и грешки на општините не го завршиле процесот. Но тие мора да се решаваат поединечно, институциите нека работат, а не вака да се дерогира законот и уставниот принцип на рамноправност“, предупредува Поповска. 

Откако пред 10 години тогашната Влада на Никола Груевски го донесе законот за легализација на дивоградбите, досега се легализирани над 260 илјади објекти. Тогашните проценки беа дека во државата има околу 400 илјади објекти со нелегален статус. Во моментов се опеерира со нерешени најмалку уште 100 илјади предмети. Она што фали како податок е колкав број на дивоградби има изградено во заштитените подрачја и колку од нив се легализирани. Граѓанските организации инсистираат надлежните да излезат со конкретни податоци за ова, но и за предметите кои добиле позитивно мислење, а чекаат на усвојување на законските измени.

Каква ќе биде разврската околу ова прашање е неизвесно. Не само поради противењето на дел од пратниците од власта, туку и поради повторната неможност за нормално функционирање на парламентот. Неколку пратеници од мнозинството се спречени да присуствуваат на седници поради коронавирусот, а опозицијата тоа го користи и не обезбедува кворум.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми