1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Сезонскиот грип во сенка на Ковид-19

ДТЗ
7 декември 2021

Спласна интересот за вакцинирање против сезонски грип. Надлежните апелираат граѓаните да се заштитат оти болеста го достигнува пикот во февруари.

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Спласна интересот за вакцинација против сезонски грип. Ако на почетокот на ноември, кога пристигнаа вакцините имаше редици на граѓани кои поитаа да се заштитат од инфлуенците А, Б и нивните подвидови, кои земаат замав во текот на зимата, сега интересот е нагло опаднат. Директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, Бесим Зеќири за ДВ потврдува дека е намален интересот за вакцинација. Во Скопје од вкупно 4.000 комерцијални вакцини, останати се уште 2.000 дози, кои мора да се искористат до јануари. Цената на вакцините е 800 денари. 

Надлежните сметаат дека намалениот интерес е резултат на вакцинацијата против Ковид-19.

„Граѓаните коишто се вакцинираа против ковид, сметаат дека нема потреба да примат и вакцина против сезонски грип, што е погрешно“, укажува Зеќири. Според него и сезонскиот грип е опасен за здравјето на граѓаните, а според најновите препораки, нема никаква пречка граѓаните двојно да се вакцинираат. „Вакцините за сезонски грип почнуваат целосно да штитат три недели по нивното аплицирање“, објаснува Зеќири. 

Не е доцна за вакцинација 

Преку страницата vakcinacija.mk минатиот месец почнува пријавувањето за вакцинација од сезонски грип. Oваа година се набавени 40.000 бесплатни дози четиритипни вакцини против сезонски грип за ризичните групи. Вакцинацијата против сезонски грип се врши на вакциналните пунктови во  Центрите за јавно здравје, како и во поликлиниките каде нема вакцинација за Ковид- 19, или наизменично со ковид вакцинацијата во поликлиники во Скопје.Овие вакцини можат да ги добијат стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години. 

Веќе трета година по ред вакцината за овие групи граѓани е бесплатна. Најдобар период за вакцинирање против грип е во октомври и ноември, иако вакцината може да се прими и подоцна, во текот на сезоната на грип. 

„Не е доцна граѓаните да се вакцинираат против грип во ноември или декември, бидејќи согласно епидемиолошките податоци, оваа болест во последните десетина сезони го достигнува пикот кон крајот на месец февруари“, апелираат здравствените работници.

Секоја година околу 500.000 луѓе во светот умираат поради компликации од грип. Околу 10% од овие смртни случаи се во Европа. 

Вакциницијата против грип не штити од Ковид- 19, но е многу значајна во услови на пандемија и влијанието на здравствениот систем. Во состојба на олабавување на рестриктивните меркиц, кога се враќаат социјалните контакти и патувањата, се зголемува ризикот од ко-циркулација на Ковид-19 и грип. Со тоа може да се очекува оптоварувањето од сезонскиот грип да биде надополнето со оптоварувањето од Ковид- 19. Ризичните групи за грип, се истите кои се под најголем ризик и од ковид, поради што им се препорачува вакцинација против грип. На тој начин ќе се избегне и дополнително оптоварување на здравствениот систем, бидејќи лицата заболени од грип би се хоспитализирале во ковид центрите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми