1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лекарите во Берлин открија индиции дека Навални бил отруен

БГ/ ДПА
24 август 2020

Тестовите укажуваат дека водечкиот руски опозиционер Алексеј Навални бил отруен, соопшти болницата во Берлин каде тој се наоѓа на лекување. Навални е надвор од животна опасност.

Moskau | Alexei Nawalny  Boris Nemtsov Gedenkmarsch 2020
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Kudryavtsev

Од болницата „Шарите“ во Берлин соопштија дека се уште не знаат со каков отров точно е затруен Алексеј Навални, но претпоставуваат дека супстанцата дошла од групата на холинестеразни инхибитори, хемиска материја која го спречува разградувањето на одредени неуротрансмитери.
Иако здравствената состојба на 44-годишниот Навални е сериозна, нема акутна опасност за неговиот живот, изјави портпарол на болницата. Според неа, прогнозата останува несигурна, а долгорочните последици, особено на невролошкиот систем, не можат да се исклучат во оваа фаза.

На Навални му се слоши на лет од градот Томск кон Москва во четвртокот. Во саботата беше префрлен во Германија на третман во водечката болница во Берлин- „Шарите“.

Тој е во кома по првичниот третман во болницата во Омск, каде лекарите најпрво не се согласуваа да биде пренесен во странство, за на крајот, да попуштат.

Влезот во болницата „Шарите“ во Берлин го обезбедува полицијаФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Болничките анализи ги потврдуваат тврдењата на тимот на Навални, кои посочуваа на труење како причина за нарушувањето на неговото здравје од самиот почеток. Според соработници на опозиционерот, тој пиел чај на аеродромот во Томск кој најверојатно бил затруен.

Во болницата во Омск тврдеа дека нема никакви докази за намерно труење и наведоа дека Навални веројатно паднал во кома поради низок шеќер во крвта.

„Ние му го спасивме животот. Немаше никакво надворешно влијание врз негата на пациентот и не можеше ниту да има“, изјави главниот лекар на болницата во Омск, Александер Мураховски.

Навални е лидер на опозицијата против рускиот претседател Владимир Путин, и организатор на повеќе серии протести против долгогодишниот моќник, кого го обвинува за одржување на корумпираниот систем.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми