1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

По Омикрон, крај на пандемијата за шест месеци

ДТЗ
25 декември 2021

По шест месеци ќе имаме сезонска форма на болеста, најчесто со клиничка слика на настинка, укажува д-р Пановски. 

Corona in Nord Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

По детектирањето на првиот случај на сојот Омикрон во Северна Македонија, лекарите апелираат на претпазливост. Иако првичните укажувања се дека Омикрон варијантата на коронавирусот е послаба од претходната Делта, епидемиолозите сепак предупредуваат дека тој се шири многу побрзо. Во пресрет на новогодишните празници, тие повикуваат да се избегнуваат групирања и алармираат дека е неопходно да се воведат одредени ограничувања за влез во земјата, со цел да се забави ширењето на вирусот. Надлежните, пак, сметаат дека засега нема потреба од воведување нови рестрикции

„Брзото ширење на Омикрон варијантата ќе доведе до крај на пандемијата во рок од шест месеци. Прашање е каков ќе биде тој крај? Тоа зависи од тоа колку оваа варијанта ќе биде вирулентна“, вели микробиологот д-р Никола Пановски за ДВ.

„Брзото ширење на омикрон варијантата, ќе доведе до крај на пандемијата во рок од шест месеци“, вели ПановскиФотографија: picture alliance / Zoonar

Според него, се знае дека овој сој не дава потешка форма на болеста, но прашање е дали и колку предизвикува полесна форма на болеста и намалена смртност.

„Ако се повтори нешто слично како во ЈАР, тогаш ќе имаме крај на пандемијата со многу случаи, но со малку починати. Се разбира ова зависи и од процентот на вакцинација, почитување на мерките, оптoвареноста на болниците и.т.н. По шест месеци ќе имаме сезонска форма на болеста, најчесто со клиничка слика на настинка“, укажува Пановски. 

Контрола на гранични премини

Првиот случај на Омикрон беше детектиран во петокот (24.12.2021) во земјата. Секвенционирањето е направено во приватната болница Жан Митрев во Скопје, кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија. Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја прележал болеста и тогаш бил асимптоматски. Потоа примил две дози од вакцината Фајзер. По втор пат позитивен тест на Ковид- 19 имал од пред два дена, по што е потврдено дека станува збор за Омикрон. Со оглед на тоа дека имал полесни симптоми, тој се лекува во неговиот дом. 

Веста за ширењето на Омикрон дојде само неколку часа откако надлежните информираа дека едногодишно дете починало како последица на Ковид-19. Станува збор за дете кое престојувало во дом за деца без родители во Битола. Тоа било повеќепати хоспитализирано на Детска клиника од компликациии во склоп на  основните заболувања меѓу кои епилепсија и хидроцефалус. Детето починало на 29 ноември, но дури во петокот беше информирана јавноста за случајот. 

Со тоа бројот на починати од Ковид се искачи на 7.879, а вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 222.666. 

Зошто се крева толкава прашина

Епидемиолозите во земјата со внимание го следат развојот на ситуацијата и ширењето на најновиот сој, поради кој соседните земји веќе воведоа дополнителни рестриктивни мерки. Дел од нив предупредуваат дека е потребно да се воведе контрола на граничните премини и аеродромите, особено откако Омикрон сојот се појави и во соседството.

„Сите релеватни и независни укажувања сугерираат дека Омикрон е со многу поблаги симптоми и шансите да завршите во болница се околу 80% помали, од моментално доминантната Делта варијанта во С. Македонија“, смета проф. д-р Нико Беќаровски.

Зошто се крева толкава прашина и се влева страв? Беќаровски укажува дека ако во моментов има околу 500 новозаразени дневно, кои македонскиот здравствен систем успешно ги апсорбира, тоа би значело дека од Омикрон варијантата здравствениот систем успешно би апсорбирал и до 4.000 новозаразени, бидејќи заболените главно би лежеле дома.

Сите релеватни и независни укажувања сугерираат дека Омикрон е со многу поблаги симптоми и шансите да се заврши во болница се околу 80% помалиФотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/picture alliance

„Каде е тогаш проблемот? Ако просечното траење на Ковид-19 е околу десет дена, тоа значи дека секој ден во подолг временски период би имале околу 40.000 активни случаи, што мора да се согласиме дека може да создаде сериозни економски импликации и голем број отсутни работници од своите работни места. Токму затоа, поради сериозните импликации врз бизнисот, е големата паника која владее во ЕУ и САД, од омикрончето“, вели тој во неговата објава на социјалните мрежи.

Без разлика на новиот сој Омикрон, рестриктивни мерки треба да има, укажува во повеќе наврати и микробиологот д-р Никола Пановски. Тој апелира да се обрне внимание пред Нова Година и да не се чека да се повтори ситуацијата како со Делта сојот. „Тогаш сметаа дека нема потреба од контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на Делта сојот, а кога воведоа мерки - се однесуваа за излегување од земјава“, потсетува д-р Пановски.

Според него, најдобро е училиштата да преминат на онлајн настава, или барем на комбиниран модел „пола - пола“. Да се ограничат собирањата надвор и бројката на присутни во угостителски објекти да се редуцира на 30%.

Рестрикции како во соседните земји

Омикрон за кратко време станува доминантен сој на коронавирусот во Европа. Властите на многу земји одлучија повторно да воведат одредени ограничувања, за барем да го забават ширењето на вирусот. 

-повеќе на темата: Ризикот од хоспитализација со Омикрон е помал, утврдуваат британски студии

„Северна Македонија не треба да се изземе од остатокот на Европа и треба да воведе одредени рестрикции на границите по примерот на Грција“, укажува епидемиологот Драган Даниловски, во пресрет на предновогодишните празници, со оглед на тоа дека сојот Омикрон веќе е присутен во соседството, а се очекува и доаѓање на наши луѓе од дијаспората.

Со оглед на податоците од студиите кои покажуваат дека третата доза ја зголемува ефикасноста против Омикрон, спасот е во вакцинатаФотографија: Hans Klaus Techt/APA/picture alliance

„Треба да бидеме претпазливи за да добиеме време и да видиме како Омикрон ќе се однесува во другите земји, односно да се види каква клиничка слика ќе предизвика кај заразените. За да го добиеме тоа време треба да се преземат одредени мерки на границите, да се бара ПЦР тест за влез во земјата, без разлика дали се вакцинирани или не. Или, пак, тие што нема да имаат тест, да бидат во седумдневен карантин (не 10 или 14-дневен!). Во тој период на чекање и школите треба да ги ставиме во комбиниран модел на настава“, посочува Даниловски.

Нема нови рестрикции

И покрај предупредувањата на дел од лекарската фела, Северна Македонија нема да воведе нови дополнителни рестриктивни мерки за време на новогодишните празници. Министерот за здравство во оставка, Венко Филипче, неодамна изјави дека нема да има нови мерки, најавувајќи дека се затвораат дел од Ковид-центрите. Според Филипче, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни. Прогнозите се дека вирусот ќе достигне кулминација за време на новогодишните празници и потоа ќе спласне.

Спасот е во вакцината, со оглед на податоците од студиите кои покажуваат дека третата доза ја зголемува ефикасноста против Омикрон.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми