1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лекарски прогнози – кога ќе се збогуваме со коронавирусот?

ДТЗ
2 септември 2021

Епидемиолозите се надеваат на помирна есен – како ќе расте бројот на вакцинирани, така вирусот ќе стане се понемоќен да нанесе фатални последици врз здравјето на граѓаните.

Nordmazedonien | Coronavirus | Impfkampagne in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Летниот бран, кој ги наполни македонските болници со заразени со Ковид-19, полека стивнува, но бројката на починати лица и понатаму е голема. Особено загрижува фактот што на болеста и подлегнуваат се помлади луѓе. Северна Македонија вчера ја регистрираше и најмладата жртва од вирусот - 15 годишно девојче од тетовското село Селце, кое почина на Инфективната клиника во Скопје. Ден претходно на болеста и подлегна и 22-годишно момче од Куманово. Дел од лекарите се надеваат на помирна есен – како ќе расте бројот на вакцинирани, така вирусот ќе стане се понемоќен да нанесе фатални последици врз здравјето на граѓаните. 

„Делта монструмот полека ќе се сведе на ‘скротен лав’- исто како што тоа се има случено со неговите сродници, четирите типови на корона вируси што предизвикуваат обична настинка. Независно од можната појава на какви било идни мутанти, малку е веројатно повторно да се појави пандемија. Популацијата на планетава не е веќе имунолошки ‘наивна’. Со короната е завршено“, се оптимистичките прогнози на проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог којшто за време на пандемијата секојдневно им помага на граѓаните со совети за што поефикасно справување со болеста. Дел од лекарите, пак, се воздржани со прогнозите.
„Вирусот е непредвидлив, никој не може да знае како ќе се развива ситуацијата понатаму“, коментираат дел од инфектолозите за ДВ. 

Младите на удар

Стравувањата што ќе донесе есента се оправдани, ако се има предвид дека по повеќе од една година онлајн настава, Министерството за образование и наука донесе одлука новата школска година да започне со физичко присуство. 

Стравувањата од ширењето на вирусот се зголемија по одлуката децата да се вртат во училишните клупи. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Групирањето на децата во училишните дворови, автобусите преполни со патници, дружбите во кафулиња само ги подгреаја стравувањата дека вирусот може уште позабрзано да се шири особено кај најмладата популација, кај која процентот на вакцинирани е очајно мал. Ако епидемиолошката состојба се промени, од МОН најавија дека се подготвени за брза промена на моделот на настава со некое од резервните сценарија со кое ќе се обезбеди континуитет во образовниот процес. 

-повеќе на темата: Ако не избереш вакцина, ќе те избере вирусот

„Младоста сама по себе не штити од ковид, како што се сметаше на почетокот од епидемијата. Имаме работа со тешка инфекција и мора да бидеме исклучително сериозни, независно од младоста. Младоста не нè штити така како што сметавме или се надевавме на почетокот на епидемијата“, вели директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ, која апелира до младите да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките. 

На Инфективната клиника се хоспитализирани 160 ковид-пациенти од кои 10 до 15 примиле една или две дози на вакцина. Според Стевановиќ, клиничката слика на оние што примиле вакцина е драстично полесна отколку кај невакцинираните. 

Скротен лав

„Летниот бран стивнува, но ако се случат дополнителни ‘епидемиолошки важни настани’, какви што се настава во живо во школите без тестирање два пати неделно на децата и наставниците со брзи тестови и ако останат невакцинирани членовите на повеќето нивни семејства, како и групирања во затворено понатаму во ладните денови, на овој бран може да се надоврзе есенско-зимски бран. Тогаш летно-есенско-зимската епидемиска крива ќе има облик на двогрба камила, анализира епидемиолот Даниловски. 

Со короната е завршено, се оптимистичките прогнози на проф. д-р Драган Даниловски.Фотографија: privat

Но, тој нов бран, според него,  не би требало да биде со висока амплитуда како сегашниов, затоа што веќе практично „догорува сѐ што беше за горење“. „Нема да има веќе доволно гориво. Зошто? Бројот на заразени и вакцинирани сѐ повеќе се зголемува. Тие постепено ќе станат мнозинство. Бидејќи делта го пробива во одредена мера и стекнатиот имунитет, меѓу новозаразените сѐ повеќе ќе има вакцинирани и веќе прележани граѓани. И ова ќе биде добра почва да почнат да се шират идеи дека вакцините не делуваат, дека џабе се вакцинираме итн. Но, треба да се има на ум дека вакцинираните и прележаните се заштитени во огромен процент од тоа да не завршат со тешки симптоми… или уште полошо…“, укажува тој. 

Прогнози 

Есенва ќе се заразуваат и вакцинирани заради тоа што кај нив постепено ќе ги снемува антителата. Меѓутоа, заедничко за сите (освен за невакцинираните и непрележани) ќе биде стекнување на базичен имунитет кој ќе ги заштити во најголем дел од тешка клиничка слика и смрт. Затоа, вели Даниловски,  карактеристика на можниот есенско-зимски бран ќе биде појава на голем број инфекции (но помал отколку во актуелниов бран), со изразито малку хоспитализации и смртни случаи. По зимскиот бран, додава тој, многу веројатно, ковидот ќе го имаме меѓу нас само како ендемска болест што ќе тлее и одвреме-навреме ќе избива во форма на локални „џепови“. Вакцинација ќе им треба само на високо ризичните граѓани. 

-повеќе на темата: Забави, свадби и сунети ги наполнија болниците со нови ковид-пациенти

Слично размислување има и доктор Горан Кунгуловски, кој неодамна изјави дека се надева дека не ни претстои тешка зима, со оглед на тоа дека голем процент од населението дотогаш ќе биде имунизирано. 

„Сега гледаме дека има една нагорна линија на позитивни пациенти, заразени со коронавирусот. Откако го детектиравме првиот пациент со Делта-сојот во С. Македонија, знаевме дека ќе има една нагорна линија и знаевме дека таа нагорна линија, отприлика, ќе заземе некој интензитет во август и дека најверојатно својот врв ќе го достигне во септември“, укажа неодамна Кунгуловски. 

Но, доктор Миле Босилковски од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за ДВ вели дека е тешко да се предвиди за колку време може да стивне пандемијата и колку жртви таа ќе земе.
„Надеж секогаш има, човештвото се изборило со многу поголеми пандемии и болести како шпанскиот грип, за кој се претпоставува дека има земено 50 милиони животи. Ќе се преброди и овој вирус, но за колку време, тоа тешко може да се предвиди“, вели инфектологот. 

-повеќе на темата: Колку антитела се доволни за имунитет против коронавирус? 

За него е позагрижувачки тоа што расте бројот на смртни случаи на лица коишто имаат други сериозни болести, а поради пандемијата речиси две години не можат навремено и соодветно да се лекуваат. Додека се лекуваат од ковид, многу често нивните примарни болести се тие коишто им го окончуваат животот. 

Стравувања

Лекарите алепираат за помасовна имунизација на населението, со цел да се спречат фаталните последици од вирусот. Националниот комитет за имунизација неодамна издаде препораки во кои се укажува дека вакцината обезбедува заштита од развој на тешки облици на болеста и смртност. Податоците покажуваат дека кај лицата кои се вакцинирани доколку се развијат симптоми, болеста минува многу поедноставно и без тешка клиничка слика. Епидемиолошките податоци на светско ниво покажуваат дека болеста се шири и доаѓа до заболување на лицата кои не се вакцинирани, а во овој бран доминантно тоа се младите лица како популација, кај кои процентот на вакцинација е најнизок. 

Со последните бројки 53% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со последните бројки 53% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина. На вакциналните пунктови во државата и на терен се  вакцинирани се вкупно 728.628 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.267.666 дози вакцини, а ревакцинирани се 539.037 граѓани.   

-повеќе на темата: Ковид: Најопасни се оние надвор од „радарот“

Директорот на Центарот за јавно здравје, Беким Зекири е дециден дека мерките за заштита и вакцинацијата се најмоќното оружје против вирусот и новите мутации. „Многумина се опуштија оти мислат дека го прележале вирусот и дека повеќе не се загрозени. Голема е и бројката на оние коишто не веруваат дека вирусот воопшто постои. Им помина стравот и на оние што го прележаа вирусот со лесни или никакви симптоми и сега ги убедуваат другите дека не е ништо страшно“, изјави неодамна за ДВ доктор Зекири. Но, дека вирусот не треба да се потценува, според него, покажува тоа што изминативе денови имаше повеќе смртни случаи на помлади луѓе, за кои надлежните информираа дека не биле вакцинирани. 

„Нема 100 проценти гаранција дека нема да се заразат вакцинираните, но факт е дека имунизацијата го намалува разорниот ефект на вирусот и во голем процент штити од смртни последици“, дециден е Зекири.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми