170709 Ärzte Jahresbericht
18 јули 2009На претставувањето на извештајот на германската секција, која постои од 1993, беше потсетено дека активистите - медицинари, работат во кризи подрачја и понекогаш го ризикуваат дури и животот. Минатата година донациите за „Лекари без граници“ во Германија пораснаа за 28 проценти и тие во најголем дел доаѓаат од приватни донатори. Организацијата има свои национални секции во 24 земји, а хуманитарно дејствува во 65 земји. Минатата година од Германија на терен беа испратени повеќе од 300 лекари, негуватели, бабици и немедицински персонал. Претседателот на германската секција Танкред Штебе се пожали дека во многу земји безбедносната состојба драматично се влоши и за хуманитарците.
„Во последните години бележиме значителен пораст на безбедносните инциденти, при што не зборуваме за поситни инциденти, туку за примена на сила, киднапирања, убиства. Нашите национални соработници се непропорционално повеќе погодени“.
Битна е независноста од политичките интереси
Во февруари во Пакистан беа убиени двајца локални соработници на „Лекари без граници“ во борбите меѓу владините трупи и Талибанците.
„Невладините организации во Пакистан често пати ги доведуваат во врска со западната политика и поради тоа не ги респектираат многу. Затоа, за работата на ’Лекари без граници‘ е битна целосната независност од било какви политички интереси. Поимот невладина организација таму има многу негативен предзнак“.
Ни во Судан не е подобро, откако е издадена меѓународна потерница по претседателот Омар Башир: од кризниот регион Дарфур се протерани 13 хуманитарни организации, меѓу нив и холандската и француската секција на „Лекари без граници“.
„Суданската влада ги обвини ’Лекари без граници‘ дека соработувале со Меѓународниот кривичен суд, што е сосем погрешно. Организацијата не му дава никакви информации на судот и во сите земји работи независно и неутрално“, нагласува Штебе.
Автор: Бетина Маркс/ Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска