Лекари шокирани од брзината со која убива коронавирусот
БГ /РТР
9 април 2020
Медицинските работници во САД велат дека се збунети и шокирани од брзината со која им се влошува состојбата на заболените од Ковид-19. На наглото влошување не се имуни ниту младите и здрави пациенти.
Реклама
Еден медицински работник вели дека тоа е „ненормално“, друг вели дека му предизвикува параноја. Брзината со која состојбата на пациентите се влошува и умираат од коронавирусот е шокирачка дури и за искусни лекари и медицински сестри кои не можат да откријат како да ги запрат таквите ненадејни влошувања.
Пациентите „изгледаат добро, се чувствуваат добро, а потоа ќе се свртиш за момент и одеднаш веќе не реагираат“, вели Дијана Торес, медицинска сестра во болницата Маунт Синај во Њујорк, епицентарот на пандемијата во САД.
„Параноична сум. Се плашам да излезам од нивната соба“, вели таа.
Не се само постарите или пациентите со хронични болести тие кои во еден момент се чувствуваат добро, а веќе во следниот се полумртви. Може да им се случи и на млади и здрави, исто така, велат здравствени експерти.
Млада жена неочекувано починала додека медицинската сестра Лори Даглас била на смена во болница во Батон Руж, Луизијана. По 34 години искуство, Даглас вели дека вообичаено „има интуиција кој ќе се предаде, а кој ќе се подобри“.
„Но сега тоа искуство ништо не значи“, вели Даглас. „Минатата недела, таа си ја планираше свадбата. Неделава нејзиното семејство планира погреб“, вели таа алудирајќи на починатата пациентка.
Нема правила
Пациентите можат да влезат во болница со високо ниво на кислород и нормално да разговараат, вели доктор во итна нега во Презбитеријанската болница во Њујорк, а веќе по неколку часа да не можат да дојдат до здив и да мораат да бидат ставени на респиратор.
„Најстрашното е што нема никакви правила“, вели лекарот кој инсистира на анонимност.
Вакви ситуации се забележуваат насекаде во светот откако со Ковид-19 се заразија над 1,5 милиони луѓе. Наглите промени на полошо најверојатно се резултат на „претераната“ реакција на имунолошкиот систем додека се бори против вирусот, вели д-р Ото Јанг, специјалист за инфективна медицина во Универзитетскиот центар во Лос Анѓелес. Оваа ткн. цитокинска бура се случува кога телото произведува премногу имунолошки клетки со нивните активирачки делови наречени цитокини, што предизвикува зголемен крвен притисок, оштетување на белите дробови и откажување на органите.
Лекарите велат дека имаат ограничен успех во спасувањето пациенти на кои им е потребна интубација- дишење преку механички апарати.
Лекарот од итната медицинска помош во Презбитеријанската болница во Њујорк вели дека повеќе пациенти од вообичаено умираат додека се на машините. Точните бројки се уште не се познати додека пандемијата е во својот ек, а болниците често работат во хаотични услови. Некои болници експериментираат со недокажани лекови во надеж дека ќе им помогнат на пациентите, како анти-маларискиот лек хидроксихлорокин.
„Ние всушност на пациентите им даваме се што ќе ни дојде при рака“, вели лекарот од Њујорк.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.