1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Лековити билки кои навистина лечат

23 јули 2022

Лекови од билките се добиваат веќе со векови, а нови уште се откриваат. Ова се дел од билните екстракти со силно медицинско дејство: грав, глог, кора од стебло на врба...

Heilmittel aus der Natur - Weißdorne (Hawthorn tree )
Фотографија: Gottfried Czepluch/IMAGO

Луѓето ги изучувале лековитите својства на билките со илјадници години. Иако билните лекови често се занемаруваат како ненаучни, повеќе од една третина од современите лекови потекнуваат директно или индиректно од природни производи, како билки, микроорганизми и животни.

Научниците од Истражувачкиот институт Скрипс во Калифорнија откриле дека хемиската супстанција екстрахирана од кора на дрвото Galbulimima belgraveana има психотропни ефекти кои можат да помогнат во лекувањена депресија и анксиозност. Дрвото се наоѓа само во оддалечените прашуми на Папуа Нова Гвинеја и северна Австралија и староседелците долго го користеле како лек против болки и треска.

„Ова покажува дека западната медицина ги нема исцрпено можностите на полето на нови терапии, постојат традиционални лекови кои уште чекаат да бидат проучени“, изјави неодамна доктор Рајан Шенви, професор по хемија на калифорнискиот институт.

Полиња со афион во АвганистанФотографија: Rahmat Gul/AP/picture alliance

Најпознат пример за медицински лек екстрахиран од билки е опиумот, кој за лекување болки се користи преку 4.000 години. Опијатите како морфиум и кодеин се добиваат од опиумски афион и имаат силно дејство врз централниот нервен систем. Но, кои други древни лекови засновани на билни материи имаат јасни  медицински ефекти?

Грав против Паркинсон

Пред сѐ тоа е еден вид грав (Mucuna pruriens), кој се користел уште во древната индиска ајурведска и кинеска медицина пред повеќе од 3.000 години. Најстарите сочувани текстови зборуваат дека исцелителите користеле екстракт од „кадифен грав“ за намалување на тремор кај пациенти за лечење на состојба која сега ја нарекуваме Паркинсонова болест.

Сегашни истражувања покажуваат дека „кадифениот грав“ содржи соединение по име леводопа, лек кој денес се употребува за лечење на  Паркинсонова болест. Леводопа помага во запирање на тремор, зголемувајќи ги допаминските сигнали во деловите од мозокот кои го контролираат движењето.

Модерната историја на леводопа почнала во почетокот на 20 век, кога соединението го синтетизирал полскиот биохемичар Казимир Функ. Децении подоцна, во шеесеттите години од минатиот век, научниците откриле дека леводопа може да се користи како ефикасен третман за запирање тремор кај пациенти со Паркинсонова болест. Лекот направи револуција во лечењето на болеста и денес е златен стандард за терапија.

Глог - лек од природатаФотографија: qiiip /YAY Images/IMAGO

Глогот би можел да биде иден лек за кардиоваскуларни болести

Клинички испитувања покажале дека глогот (Crataegus spp) го намалува крвниот притисок и може да биде корисен за лечење на кардиоваскуларни болести. Глогинките, плодовите на глогот, содржат соединенија како што се биофлавоноиди и проантоцијанидини, кои се чини имаат значајна антиоксидативна активност.

Медицинските својства на глогот први ги забележале грчкиот лекар Диоскорид во првиот век и Танг Бен Цао во старата кинеска медицина во седми век. Екстрактите од глог уште не се погодни за поширока  медицинска употреба – студиите се во тек, а потребни се темелни испитувања заради проучување на долгорочната безбедност на употребата на екстракти за лечење болести.

Пацифичка врбаФотографија: George Ostertag/IMAGO

Кора од пацифичка тиса против рак

Дрвото тиса има посебно место во медицината и европската митологија. Најголем дел од дрвото е многу отровен, предизвикувајќи асоцијации и на смрт и на бесмртност. Третата вештерка во Шекспировиот Магбет ја споменува тисата.

Овде станува збор за вид северноамериканска тиса, наречена уште и пацифичка тиса (Takus brevifolia). Таа поседува најкорисни медицински својства. Научниците во шеесеттите години од минатиот век откриле дека кората на дрвото содржи соединенија кои се нарекуваат таксели. Еден од тие таксели, наречен паклитаксел, развиен е во ефикасен лек против рак. Паклитакселот може да запре делба на клетките на ракот, блокирајќи го натамошниот развој на болеста.

Чудесен лек од кора на врба

Кората на врба е уште еден од традиционалните лекови со долга историја. Кората пред 4.000 години ја употребувале Сумерците и Египќаните за лекување болки и оттогаш не престанала да се користи. Кората на врба содржи соединение наречено салицин, кое подоцна ќе стане основа за откритието на аспирин, најчесто користениот лек во светот.

Аспиринот има неколку различни медицински предности, вклучувајќи ублажување болки, смалување на температурата и превенција од мозочен удар. Неговата прва широка употреба била во текот на пандемијата на грип во 1918 година за лечење на високи температури.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми