Договорот за името меѓу Македонија и Грција е една од малкуте добри вести за ЕУ во последно време. За конечен успех на решението, и Европа мора да стори повеќе, гласат дел од рекциите во печатот на германски јазик.
Реклама
„Крај на една расправија“ е насловен освртот во германскиот неделник Шпигел од дописникот од Псарадес: „Алексис Ципрас и Зоран Заев не можеа да одберат посоодветно место од Псарадес на Преспанското Езеро за конечно да му стават крај на огорчениот спор за името на земјата 'Mакедонија' ... Езерото не само што е неверојатно убаво туку е поделено меѓу Грција, Mакедонија и Албанија. Местото значи е симбол за она што владите во Атина и Скопје сакаат да го постигнат: имено заедничка иднина, одбележана од мир, благосостојба и безбедност, како што рече Ципрас... Но во Грција противниците на договорот имаат јасно мнозинство. Според последната анкета повеќе од 67 насто од испитаниците сметаат дека договорот е лош за нивната земја...“, пишува авторот на текстот и веднаш потоа прашува: „Зошто тогаш Ципрас го протурка договорот, иако голем дел од неговите сонародници се против него? Зошто ризикува- кратко пред изборите- натамошно да губи поддршка? ... Ципрас се надева дека преку договорот ќе биде сфатен како политичар од меѓународен формат...Покрај тоа Ципрас се надева дека преку дилот за Македонија му се осигурува признанието од Западот. Неколку месеци пред истекот на третиот пакет помош за Грција на Ципрас тоа му е итно неопходно. Примерот со Македонија покажува дека тој сѐ уште може да биде гледан како носител на надеж.
За ЕУ пак договорот е една од малкуте позитивни вести во последно време- пред сѐ по референдумот за Брегзит во Велика Британија. Насочувањето на Македонија кон Западот, притоа може да помогне да се потисне руското влијание во регионот“, читаме меѓу другото во Шпигел.
Австрискиот весник Стандард пак во коментарот на оваа тема истакнува дека решението за прашањето за името меѓу Македонија и Грција е сѐ поблиску, меѓутоа за конечно остварување на целта притисок мора да изврши и Европската народна партија:
„Непријателските активности како шовинизмот и ревизионизмот треба да бидат спречени од страна на страните во договорот, се вели во членот 6 на договорот за решавање на прашањето за името меѓу Македонија и Грција. Во членот 7 се прави обид да се заштити „хеленистичката традиција“, што индиректно ја открива сржта на проблемот околу кој кружат толку многу на Балканот: несигурниот национален идентитет.
Овој несигурен идентитет е и причина за ирационалниот спор за името, кој сега би можел да биде надминат. Она што недостасува за менување на уставот е согласноста на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која е во сестрински однос со Европската народна партија (ЕНП). Само ЕНП е во состојба, со масивен притисок да ја натера ВМРО-ДПМНЕ да попушти- и тоа мора да го стори, ако се чувствува обврзана кон европскиот дух, бидејќи за Македонија во прашање е иднината во ЕУ и НАТО.
Притоа воопшто нема причина со ВМРО да се постапува нежно, зашто во цела Европа немаше ниту една друга партија која до 2015. година толку бескрупулозно ја поткопуваше државата како националистите во Скопје“, читаме во коментарот на Стандард.
„Спорот за името: повеќе од фарса“, под овој наслов германскиот весник Ное Оснабрикер Цајтунг објавува коментар по повод потпишувањето на договорот за надминување на спорот за името:
„Еден проблем помалку: Македонија може да се нарекува Македонија, иако со додавката 'Северна'. Ова може да биде помирливиот крај на деценискиот и прилично бизарен конфликт. Би можел. Конзервативците и националистите од двете страни ќе се спротивстават со сите средства. Во Грција ова прашање за името служеше како повод за обидот за соборување на владата на Алексис Ципрас.
Кавгата што надвор од двете земји делуваше како фарса би можела да стане лекција. На пример, за тоа како еден спор си се осамостојува. Имено, вистинската причина за спорот - премногу смелите формулации во уставот на новоформираната македонска република - е одамна расчистена, па спорот се подгреваше на друго ниво. Еден период мораше да се истрпи именувањето на аеродромот во Скопје во Александар Велики. Конечно и двете страни го сметаат древниот владетел како дел од нивното национално наследство.
Лекција, исто така, и за тоа што се случува кога една од страните во кавгата се наоѓа на подолгата страна на лостот: Атина имено од почетокот на спорот, го блокира можното членство во ЕУ, како и членство во НАТО на соседот. Зошто? Затоа што ѝ се може.
Но пред сѐ е лекција за тоа како може да се реши конфликтот, кој со години е подбуцнуван од национал-конзервативната страна, ако инволвираните влади имаат искрена волја да се придвижат за прашањето - и добрососедскиот соживот го ценат повеќе од негата на шовинистичкото страшило“, се вели во коментарот на Ное Оснабрикер Цајтунг.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.