Лекцијата од Алепо: воените злосторства се исплаќаат
15 декември 2016![Syrien Aleppo nach der Kapitulation der Rebellen](https://static.dw.com/image/36760224_800.webp)
Али Лариџани меѓу првите го честиташе „ослободувањето“ на Алепо. „Сирискиот народ“ таму оствари „успех против терористите“, според изјави претседателот на иранскиот парламент.
Во реалноста, тоа беше бесрамна самопофалба: воената победа на режимот на Асад во Алепо не би била можна без масивна поддршка од Иран и шиитските милици финансирани од Иран, каква што е либанската Хезболах. И тоа би било тешко возможно без активно учество на Русија во форма на најбрутални воздушни напади - како врз вооружените бунтовници, така и врз цивилното население.
Човечките животи не вредат ништо
До неодамна, а и натаму, ќе продолжат борбите и бомбардирањата во Алепо. Човечките животи и за двете страни не вредат ништо. Станува збор за уништување на противникот - без оглед на загубите. Според ОН, во последните неколку дена се случиле страшни масакри. А дури и кога на победниците потоа ќе им успее да го заземат и последниот блок куќи, се стравува од нови злосторства .
Триумфалниот воен поход на режимот на Асад е незапирлив додека може да се потпре на своите сојузници. Штом цело Алепо ќе падне под контрола на режимот на Башар ал-Асад, речиси е сигурно дека тој погледот ќе го насочи кон останатите бунтовнички области во регионот Идлиб. Значи војната ќе продолжи и ќе има уште многу жртви. Кој или што би можело да го запре Асад ?
Западот или таканаречената „меѓународна заедница“, секако, не! Обединетите нации комплетно потфрлија, како што впрочем призна генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. Светот целосно пасивно гледа на убиствата во Алепо и во останатите делови на Сирија. Иако дипломатија работи на високи вртежи, зад сето тоа не се крие ништо друго освен чиста немоќ: никој не доаѓа на помош на измачените цивили! И со идниот американски претседател Доналд Трамп во тоа нема ништо да се промени.
Ништо веќе не оди без Русија и Иран
Воените злосторства се исплаќаат - ова е горката порака од Алепо. А втората гласи: во Сирија веќе ништо не оди без Русија и Иран. Во Ирак, Либан и во Египет, владите можеби имаат симпатии за ваквиот нов „поредок“ во нивниот регион. Но, Саудиска Арабија и други земји во Персискиот залив тешко дека ќе го прифатат ова и согласно тоа продолжуваат да им доставуваат муниција на нивните сојузници. Значи убивањето продолжува.