1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лек или леб? Или можеби театар?

29 март 2020

Самозалажувањето е луксуз на комоцијата - баш би сакал да видам некој антиваксер сега да каже дека е принципиелно против вакцинирање за коронавирусот? Пишува Петар Арсовски

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во моментов светот се наоѓа сред пандемијата на новиот корона вирус. Иако е претенциозно да се прават било какви конечни анализи и опсежни предвидувања за иднината, веќе сега е прилично очигледно дека оваа пандемија ќе има сериозно влијание на сите аспекти на нашето колективно живеење. Сеедно дали излезот ќе биде полесен или потежок, побрз или побавен, едно е јасно: нашиот живот значително ќе се промени како последица на ситуацијата во која сега се наоѓаме. Овие трендови веќе се евидентни во политичка, општествена, па и суштинска, идеолошка смисла.

Најголем дел од нациите кои се погодени од вирусот, најверојатно ќе се најдат во ситуација да мораат да бираат помеѓу леб и лек.  Како што се зголемува бројот на заразени од коронавирусот, така најголем дел од земјите во првиот налет ќе се фокусираат на стратегија на т.н. „супресија“ – строга контрола на контакти, социјално дистанцирање, карантин, замрзнување на целокупното движење во општеството, со цел да се намали веројатноста за ширење на болеста и да се овозможи здравствените капацитети да не бидат целосно поклопени од напливот на пациенти.

- Натпревар во троплук 

- Срамотизам и Македонизам

Истовремено, во услови кога цели држави се ставаат „на пауза“, владите носат драматични и радикални одлуки и пакети мерки за помош на стопанството, во обид да го задржат во каква-таква кондиција после епилогот на пандемијата.  Сепак, лошата вест е што таквата стратегија не може да трае долго, дури ни за најбогатите. Светската (па и националните) економии, не можат да издржат долг карантин, дури и со големо задолжување, зашто пролонгирана економска криза може да ги обезвредни фундаментите на кои сега почиваат економските текови воопшто, како вредноста на парите, на стоката и слично. Оттаму, порано или подоцна, најголем дел од владите, откако ќе го поминат првиот период во кој можат да си дозволат стагнација на економиите, ќе се соочат со многу тежок избор: животот и здравјето на 3-4% (просечна смртност) или иднината на 96-97% од преживеаните. Треба да очекуваме тешки одлуки, каде лидерите на голем дел од погодените земји, ако кризата потрае, ќе мораат да ја рестартираат економијата, дури и по цена на нов бран заразени или мртви. Како тоа ќе се одрази на нашите животи во моментов не можеме ни да замислиме.

Професионалците (повторно) во мода

Втор од трендовите кои се евидентни е дека (како што пишува Крастев), повторно ќе се врати во мода да си професионалец. Живееме во време на квази експерти, полу-медиуми, полу-вистини, море на лажни вести, квази-научни тези, потрага по популарност како замена на потрагата по вистина. Последните финансиски и мигрантски кризи ја поттикнаа недовербата кон експертите. Но, сега ситуацијата е дијаметрално различна – сега се работи за животот, најчесто за сопствениот живот.  Во екстремна ситуација на ризик, кај луѓето се буди чувство на страв, кое често се поврзува со синдром на зголемена авторитарност.

- Лажни вести во коалиција со коронавирусот

Тој ќе се рефлектира на повеќе полиња: луѓето брзо ќе се ориентираат кон вистински професионалци и ќе бараат вистинска експертиза, во секоја смисла на зборот. Веќе нема да се залажуваат со етерични капки, приказни за хомеопатија, тврдења за кемтрејлс или чудотворни лекови од мошус од морско коњче, туку ќе бараат вистински доктор, потврден извор, научни показатели, вистинска медицина и терапија. Самозалажувањето е луксуз на комоцијата - баш би сакал да видам некој антиваксер сега да каже дека е принципиелно против вакцинирање за корона?

Лесна идентификација

Ова се секако лоши вести за популистите, лажните медиуми, анти-естаблишмент идеологијата (дали крајно десна или анархистичка), но изгледа не за националистите. Да почнеме од лажните медиуми и лажните вести. Со појавата на пандемијата, фреквенцијата на продукцијата на медиумска содржина влезе во светлосна брзина, во молскавичен и континуиран тек на наслови кои се редат постојано, од безброј извори. Истовремено, сега, поради кризата, сите се постојано „закачени“, и сите читаат се. Резултатот на тоа е што лажните вести и неодговорните медиуми, релативно брзо испливуваат на површина, лесно се двојат потврдени факти од сомнителни тврдења, и многу побрзо се филтрираат вистинските вести, новинари, и медиуми, од оние кои го глумат тоа. Тоа ќе доведе до опаѓање на поводливоста на публиката кон лажни вести на подолг рок. Лажните вести ќе станат непопуларни, што досега всушност беше нивниот најголем адут.

- Вакцини- факти и митови

Популистите пак, кои својата сила ја црпат од овој вид на антагонизам кон експертите и образованите, како динамика на анти-елитизмот, исто така ќе се соочат со предизвик на нивната идеологија, ќе почнат да стануваат маргинализирани, игнорирани, и, на крајот, презрени. Нивната фундаментална мантра за популарност како замена за способност брзо ќе стане крајно „демоде“. Никој во овој момент не бара, на пример, доктор кој е „близок со народот“, напротив. За противниците на масивните системи на владеење и интервенционизам, исто лоши вести: кризата ќе значи и враќање на „големите влади". Како што медицинскиот и економскиот одговор се повеќе ќе зависи од капацитетот на владите да се справат со предизвикот, така и довербата во владите и националните институции ќе се зголемува, а популациите ќе бидат подготвени се поголем дел од сопствените судбини да ги отстапат на Хобсовиот концепт на предаден суверенитет – за колективното добро ќе жртвуваат слобода.

Но, националистите можеби ќе доживеат ренесанса. Одговорот на голем дел од земјите, кои се принудени да се фокусираат на сопствените граѓани, ќе ја оживее дебатата за нациите-држави, најмалку во Европската унија. Затворањето на границите како одговор на кризата е добар индикатор за тоа. Ѕидовите помеѓу државите, кои се сега неопходни во здравствена смисла, можат да станат мејнстрим доколку светот се соочи со долготрајна немаштија пост пандемијата – и граѓаните, а и државите ќе мораат да станат себични во одбраната на сопствената популација.

Сеуште е рано за конечни прогнози, но изгледа се поизвесно дека светскиот поредок ќе претрпи значајни измени како последица од пандемијата во која сега се наоѓаме.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми