1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лесно до лажна потврда за вакцинација против Ковид-19

Јан Валтер
8 ноември 2021

Построгите правила за невакцинираните го зголемуваат притисокот врз луѓето - да се вакцинираат или да обезбедат лажна потврда за вакцинација против Ковид-19. А, второво изгледа воопшто не е тешко. Слаба алка е човекот.

Symbolbild Digitale Covid Zertifikate - Flugeinreise
Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Европските полициски служби веќе открија неколку мрежи кои ги фалсификуваат сертификатите за вакцинација. Во книшката за вакцинација тие пишуваат дека лицето наводно ја примило вакцината против Ковид-19 или издаваат дигитален сертификат за т.н. зелен пасош. Сертификатот се смета за доказ дека неговиот сопственик е вакциниран или дека бил негативен на неодамнешниот тест.

Но, и покрај успесите што ги покажаа истрагите, и натаму е многу лесно да се добие фалсификуван сертификат за вакцинација. Полициските служби известуваат за зголемен број откриени фалсификати.

Во европските медиуми во октомври ударно место имаа информации за очигледно фалсификувани сертификати. На пример, тие беа издадени под имињата: Адолф Хитлер, роден на 1 јануари 1990 година, Сунѓерот Боб и Мики Маус. „Овие сертификати веројатно се направени од фалсификатори за да им докажат на клиентите дека можат да ги направат“, вели новинарот Хано Бек, кој истражува за информативната ИТ-платформа golem.de.

Дигиталниот сертификат за вакцинација на Мики Маус (2.11.2021)Фотографија: Covpass-App

Дигиталните сертификати не се решение

Дигиталните сертификати за вакцинација важат во ЕУ, но и во придружните земји како Швајцарија и Норвешка. Нивното воведување, меѓу другото, требаше да го елиминира едноставното фалсификување на познатите „жолти книшки“ за вакцинација. Но, сертификатите за Мики Маус и компанија јасно покажуваат дека ова - ако воопшто - успеало само делумно.

Матијас Маркс вели дека тоа можело да се предвиди. „Изненаден сум пред сѐ од изненадувањето што, како што се чини, го предизвикува овој случај“, оценува тој за ДВ. Маркс е член на Компјутерскиот клуб Хаос (CCC) и коавтор на експертски извештај на оваа тема, што хакерското здружение го направи за Комисијата за здравство на Бундестагот во средината на мај, кога Комисијата расправаше за воведување зелен пасош. Тогаш CCC им укажа на пратениците дека ниту шифрирана заштита од фалсификување не може да го спречи фалсификувањето на поединечни потврди. На пример, ако системот не е како што треба заштитен од неовластен пристап.

Повеќе:

За фалсификување сертификати за вакцинација - затворски казни

Вакцинирани Роберт Кох и Пајо Паторот?

ЕУ даде зелено светло за македонските сертификати за вакцинација против Ковид-19

ИТ-системите не се побезбедни од нивните корисници

Според истражувањето на Бек за golem.de, најголем број пасоши за вакцинација за Мики Маус и Ко. се издадени од Министерството за здравство на Северна Македонија, чии зелени пасоши важат и во ЕУ. Но, има и лажни сертификати кои доаѓаат од земјите на ЕУ: Германија, Франција и Полска.

Најголемиот дел од кодовите се креираат преку регуларни онлајн-интерфејси, односно веб-страници преку кои овластените корисници - фармацевти или вработени во болница - креираат сертификати и пасоши за вакцинација. Со интерфејсите управуваат надлежните органи. Во Германија тоа е институтот „Роберт Кох“.

Според информациите на Бек, некои страници не се заштитени ниту со едноставна лозинка. „Повторно проверив утрово“, изјави тој за ДВ на 3 ноември. „Ова сè уште важи за две земји кои не се членки на ЕУ - другите во меѓувреме направиле подобрувања.“ Бек не сака да открие за кои земји станува збор, за да не се поттикнат нови злоупотреби. „Секој што ќе ја најде страницата може едноставно да кликне и да издаде сертификат.“

Сертификатот се смета за доказ дека неговиот сопственик е вакциниран или дека бил негативен на неодамнешниот тестФотографија: Hahne/Eibner/picture alliance

Фалсификување од страна на овластен персонал

Друг проблем произлегува од самиот овластен персонал. Според полицијата, во Германија најголем број предупредувања за фалсификувани хартиени книшки за вакцинација доаѓаат од аптеките, бидејќи клиентите таму мора да ги покажат фалсификуваните книшки за да добијат дигитален сертификат. Но, од друга страна, добро направените фалсификати тешко се препознаваат, па не е тешко да се замисли дека фармацевтите несвесно помагаат во дигитализација на фалсификуваните пасоши за вакцинација.

Маркс, исто така, претпоставува дека не сите овластени лица се подеднакво мотивирани да ги проверуваат сертификатите. „Меѓу фармацевтите и лекарите има и критичари на вакцинацијата, а некои од нив очигледно сметаат дека е легитимно да фалсификуваат записи и да заработат дополнителни пари.“ Баварската полиција кон крајот на октомври, меѓу другото, изврши претрес и во една аптека за да разоткрие ланец на осомничени фалсификатори.

Според полицијата, во Германија најголем број предупредувања за фалсификувани хартиени книшки за вакцинација доаѓаат од аптекитеФотографија: Sascha Steinach/ZB/picture alliance

Стимулот за фалсификување расте

Маркс и другите од CCC веќе го предвиделе сето ова: „Колку се построги правилата за невакцинираните, толку е поголем поттикот за нив да си обезбедат фалсификат. А потоа, се создава и понуда“.

А поттикот видно расте: од крајот на август, антигенскиот тест во Германија важи само 24 наместо 48 часа. Задолжителен е во многу ситуации: во ресторан, кино, на концерти или при посета на луѓе во болници или старечки домови. Во исто време, тестовите од октомври веќе не се бесплатни и луѓето сами треба да ги платат. Некои продавници и организатори на настани веќе воопшто не им дозволуваат влез на невакцинирани лица. Ова е дури теоретски можно и во продавниците за храна во покраините Хесен и Долна Саксонија.

Во некои земји од Европската унија, животот без вакцина против Ковид-19 или доказ за прележана болест е уште поограничен. Во Италија веќе никој не може да бара работа доколку нема зелен пасош. Во Франција, само вакцинирани лица можат да работат во одредени занимања, меѓу кои и здравствени работници, пожарникари и полицајци. Невакцинираните се суспендираат без финансиски надоместок.

Некои продавници и организатори на настани веќе воопшто не им дозволуваат влез на невакцинирани лицаФотографија: Sascha Steinach/ZB/picture alliance

Поништување на сите сертификати за вакцинација?

Според германското Министерство за здравство, фалсификуваните сертификати може да бидат поништени. Зошто тоа досега не се случило? На ова прашање на ДВ нема одговор од страна на Министерството. Со сертификатот издаден од институтот „Роберт Кох“, Мики Маус (состојба 3.11.2021) може и натаму да докажува дека е вакциниран.

Во секој случај, ова би било само решение за сертификатите за кои се знае дека се лажни, но не и поништување на масата фалсификувани потврди. Безбедносниот експерт Ридигер Трост, од компанијата F-Secure, за телевизијата n-tv изјави: „Постои само едно чисто решение - сите сертификати мора да бидат повлечени.“

Факторот човек е одлучувачки

Отприлика тоа најверојатно се случи и со клучот на којшто се засноваа лажните сертификати издавани во Северна Македонија. „Но, тоа исто така значи и дека сите регуларни сертификати издадени по истиот клуч, сега се неважечки“, објаснува новинарот Бек.

Во Германија или Франција, таквиот чекор може да значи дека милиони луѓе кои имаат валиден дигитален пасош за  вакцинација ќе мора да добијат нов сертификат. Тогаш комплетната процедура би требало да започне одново - веројатно и со фалсификувањето. Особено доколку надлежните служби и овластените лица не сменат ништо во своето однесување. Затоа што, според безбедносните експерти, не е клучот на сертификатот причината за толку многу фалсификати во оптек, туку е тоа - човекот. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми