1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Лесно е да се манипулира со кревките меѓуетнички односи“

Свето Тоевски19 јули 2014

По пресудата за случајот „Монструм“ експертите бараат да се надмине меѓусебната отуѓеност на Македонците и Албанците преку градење на заедничка иднина и обезбедување социјална правда и рамноправност.

Протести по пресудата за случајот „Монструм“ (архива)Фотографија: Petr Stojanoski

Во изминативе денови се случија протести на дел од албанската популација во Скопје, Тетово, Струга, Куманово и другите градови во знак на револт поради доживотните затворски казни за нивните сонародници, осудени за петкратното убиство во судскиот процес „Монструм“. Се најавуваат нови протести во главниот град и другите етнички мешани средини под мото „Марш за слободата“.

Овие масовни искажувања на незадоволството на Албанците го исфрлија на површина и прашањето на нивниот статус и остварувањето на нивните права во Македонија, но и сета кревкост на меѓуетничките односи во земјата.

Што се случува во меѓуетничките односи по последните протести?

Константин Миновски, професор по социологија на етничките групи на државниот универзитет во Скопје, вели: „Протестите се насочени кон државата, односно кон судската власт, а не кон граѓаните на Македонија. Протестите имаат претежно религиска, но и етничка димензија. Криминален акт, кој доби судска разрешница, се искористи да се претстави како репресија на државните органи врз Албанците, но и муслиманите. Се користи да се изврши политички притисок против одлуките на судските органи. Постојат расцепи во меѓуетничките односи, голема етничка оддалеченост и етнополитичка мобилизација од 1990 година наваму.“

Мерсел Биљали, професор на ФОН универзитетот во Скопје, тврди дека причините за денешната состојба со односите меѓу Македонците и Албанците датираат од порано: „Меѓу 2003 и 2006 година реално имавме меѓуетничка кохезија, кога луѓето речиси и почнаа да забораваат на етничката припадност и секој се гледаше себеси како граѓанин. Со доаѓањето на Груевски на власт започна да се користи национализмот за да се блокираат евроатлантските процеси, за да се создаде поделба и да се создаде магла, која ќе го маскира постојниот организиран криминал. Целта е некој да се промовира како патриот, кога имаме, наводно, национализам кој нас не загрозува, а дека тоа е грчкиот национализам и, условно кажано, албанскиот национализам. Груевски со своите пораки до обичниот македонски граѓанин дека ’знае како да раководи со Албанците’ доведе до голема поделба меѓу двете нации.“

Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

Во анализирањето на меѓуетничките односи академик Катица Ќулавкова, поетеса и теоретичарка на литературата, е категорична: „Веќе 13 години создадовме законски и уставни предуслови за да дојде до понагласени етноцентризми кај малцинските етникуми, а посебно кај албанскиот, затоа што тој се здоби со такви законски и уставни права. Со измените со Охридскиот договор се овозможија територијална реорганизација и услови за етничко отуѓување на македонскиот и албанскиот народ. Допуштивме да се создаде амбиент, во којшто македонскиот јазик повеќе нема да биде поврзувачко ткиво, и ги испуштивме од раце конците на интеркултурализмот. Тие уставни и законски отстапувања, кои се експериментални и не и се својствени на ниедна развиена демократија во Европа, создадоа услови за да дојде до радикализација на овие тенденции на албанската етничка заедница, особено со многу лесното навлегување на радикалниот ислам во Македонија.“

Осман Кадриу, професор по уставно-политички систем од ФОН Универзитетот, не исклучува можност дека имало и и одредени манипулации од поединци, или од групи со протестите во врска со судскиот случај „Монструм“, заради постигнување одредени политички цели и напоменува: „Оваа пресуда беше само повод, а мотивите за протестите се однесуваат на вкупното незадоволство на Албанците, поради тоа што тие не остваруваат значителен дел од своите права, гарантирани со Рамковниот договор, или со другите позитивни прописи. Овие протести упатуваат силна порака што треба да се корегира.“

Социјална димензија на протестите

Арафат Шабани, професор по интеретнички односи и комуникација од Штуловиот универзитет во Тетово посочува дека протестите на албанското население во Македонија имаат и своја социјална димензија: „Преку последните настани тоа население најде вентил да ги искаже, да ги ’катарзира’ и своите севкупни социјални потреби, за што во последните една до две години немаше можност да се искаже. Лошиот дел од сето тоа е што тоа секогаш се исфилтрира преку меѓуетничките односи, што после тектонски може да ги отвори со децении натрупаните проблеми и неефикасното разрешување на меѓуетничките односи. Сега во меѓуетничките односи во земјата имаме минливи осцилации, но, потребно е освестување за сериозноста дека еднаш засекогаш ќе биде потребно да се разработи концепт како да ја градиме заедничката цивилизирана иднина.“

Протести по пресудата за случајот „Монструм“ (архива)Фотографија: Petr Stojanoski

Невладиниот сектор најдиректно ги следи пулсирањата во македонското мултиетничко општество. Затоа, го прашавме и Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција од Скопје: кои согледувања произлегуваат од нивните сондажи на јавното мислење и од контактите со припадниците на македонскиот и албанскиот етникум? Тој истакнува: „Во земја во која не се вложуваат напори за градење вистински соживот меѓу Македонците и Албанците неминовно е да се режираат вакви и слични нереди. Многу малку, или воопшто не се обрнува внимание на зближувањето на двата народа. Кај нас сѐ е изрежирано, сѐ е политизирано, а најлесно е да бидете добар режисер кога имате толку многу моќ, толку многу партиски војници, кои ќе ги употребите во секоја ситуација кога ви се потребни. Протестите тргнаа со наводното незадоволство од одлуките на судот, за да се покаже на собирот во Куманово дека тоа се изрежирани антивладини протести за замачкување на очите на граѓаните и за свртување на вниманието од многу побитните работи во земјата. Со вакви кревки меѓуетнички односи секогаш е многу лесно да манипулирате и да сеете магла и страв меѓу граѓаните.“

Како да се надмине заладувањето во интеретничката комуникација?

Се случи палење на македонското државно знаме, се излеа поголемо количество меѓуетничка омраза и меѓуетнички навреди, се случи и примена на сила во судирите меѓу протестантите и полицијата. За тоа како да се надмине ваквата ситуација професорот Шабани смета: „Потребно е колку е можно поитно академско – експертската јавност заедно со градителите на политиките во земјата искрено да ги определат целите и задачите за иднината на ова општество, примената да почне од таму каде што не е чепнато - образованието. Ако сакаме заедничка држава и општество и заеднички да живееме, тогаш на тоа треба да ја учиме најмладата популација, но, сега настојувањето се во обратен правец: ги учиме младите како да се сегрегираат. За мултикултурен живот се потребни социјална правда и еднакви можности за сите луѓе и сите етнички групи.“

Протести по пресудата за случајот „Монструм“ (архива)Фотографија: DW/F.Musliu

Академик Ќулавкова се надоврзува: „Потребна е заемна почит на сите граѓани и на сите етникуми. Со овие законски архитектури го дерогиравме концептот на граѓанско општество и сега можеме да очекуваме одредени сили и радикални центри на моќ, поврзани со радикалниот ислам, да си ги протежираат своите големоалбански идеи и цели. Не можете да сметате долгорочно на коегзистенција, ако сте направиле устав и договор и закон, кој што прави сѐ за да ги енклавизира етничките заедници. Без заеднички јазик – нема заедница, потребен е интеркултурализам наместо мултикултурализам, кој не затвора секого во својот атар.“

Албанскиот историчар Кочо Данај, заговорникот на идејата за „Етничка Албанија“, порачува дека „албанскиот народ што живее во Македонија има право да одбие коегзистенција со Македонците“. Се поставува прашањето: дали некој може да ја одбие коегзистенцијата, со оние со кои споделува ист животен простор? Да се одбие коегзистенцијата, или таа да се постави како врвен приоритет во градењето на иднината на Македонија?

Професорот Кадриу заклучува: „Не би требало да ги прифатиме погледите дека не е можна коегзистенцијата на албанскиот со македонскиот народ во Македонија. Треба да се градат политика и односи, кои водат кон зближување, кон заеднички живот, а тоа значи и заедничка одговорност за државата. Дежурна тема за државата, сите партии и сите граѓани треба да биде зближувањето на односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етникуми. За да се постигне тоа, државата и нејзините органи треба да го елиминираат непочитувањето на правата во сите сфери каде што тоа се случува. Треба да се создаде здрава политичка клима, во која сите ќе веруваат дека се рамноправни и во правата и во обврските кон државата.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми