1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либералите се борат за живот

ЕМФ/дпа21 април 2012

Германските либерали одржуваат конгрес кој треба да придонесе за подобар успех на партијата на покраинските избори во мај. Ќе успеат ли либералите да се „извлечат од калта“?

Фотографија: dpad

Либералите на партискиот конгрес во Карлсруе треба да донесат нова програма, на која работеа речиси две години. Се надеваат дека по конгресот ќе имаат малку повеќе избирачи на своја страна. Во Карлсруе ФДП презентира борбен дух и решителност. Лидерот на партијата Филип Реслер тврди дека сите кои го бараат политичкиот центар, кај ФДП се на вистинското место. Либералите најавуваат дека проблемите на граѓаните ќе се обидат да ги решат со напорна работа. „Ако ние тоа не го сториме, никој нема да се бори за слободата. Затоа во Германија е потребна либерална партија“, изјави Реслер и нагласи: „Ние се бориме на вистинската страна, за вистинската цел.“

Шефот на либералите во својот говор на партискиот конгрес се дистанцираше во одреден дел од својот коалиционен партнер, партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ). Тој рече дека ЦДУ веќе не е партија на центарот. Остри напади од Реслер имаше на сметка на опозиционата СПД. Социјалдемократите, рече тој, досега не научиле како да се однесуваат со парите. За Зелените Реслер оцени дека сакаат на луѓето да им наметнат „диктатура на животен стил“, а за Пиратите нагласи дека за таа партија „целата политика се состои само од бесплатно даунлодирање“.

Филип Реслер, лидер на ФДПФотографија: picture-alliance/dpa

Либералите во моментов имаат многу лоши резултати во истражувањето на јавното мислење. За нив би гласале само три до пет проценти избирачи. На покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија на 13 мај, и една недела претходно во Шлезвиг Холштајн, партијата мора да се бори за влез во покраинските парламенти. Врвниот партиски кандидат во Северна Рајна Вестфалија, Кристијан Линднер, ја повика партијата да не се обесхрабрува од слабите резултати во анкетите. Тој призна дека дел од избирачите се „разочарани од стилот и супстанцата на дејствувањето во владата“ и затоа „сега е препорачливо да се има извесна скромност во настапот“. Врвниот кандидат на ФДП во Шлезвиг Холштајн, Волфганг Кубики, пак, самокритично констатираше дека либералите се сами одговорни за тоа што две третини од луѓето што гласале за нив на парламентарните избори во 2009 година, потоа и‘ го завртеле грбот на партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми