1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија бара меѓународна помош во борба против тероризмот

АТ/ ртр/ афп20 март 2014

Напади, борби, запоседнувања на пристаништа - во Либија владата не може да ја стави под контрола безбедносната состојба во земјата. Сега земјата со драматичен повик за помош се обрати до меѓународната заедница.

Фотографија: Reuters

Либија упати апел до меѓународната заедница за борба против „тероризмот“. Либискиот владин кабинет по кризна седница ги повика пред сѐ Обединетите нации да пружат „неопходна поддршка“ за „да се искорени тероризмот од либиските градови“. Во соопштението уште се вели: „Нацијата е во борба со терористички групации“.

При бомбашкиот напад на истокот на земјата (на насловната фотографија) на почетокот на неделава беа убиени најмалку седум војници. Авторите на атентатот сѐ уште се непознати. Либиската влада меѓутоа по насилното соборување на долгогодишниот диктатор Муамер ел Гадафи не може да ја стави под контрола безбедносната состојба во земјата. Особено во изминатите месеци ситуацијата драматично се влошила.

Сепаратистичките милиции на истокот на земјата, кои ја помогнаа револуцијата од 2011 година, се противат да го положат оружјето. Тие постојано се борат со владините војници. Милициите бараат автономија на истокот на земјата и учество во приходите од нафтата. Поради овие причини тие ги запоседнаа нафтените терминали во Либија. Последно се обидоа да натоварат нафтен танкер кој плови под севернокорејско знаме.

Либискиот парламент минатата недела го отповика премиерот Али Сеидан, бидејќи критиката поради безебдносната состојба во земјата стана прегласна. Поранешниот министер за одбрана Абдула ал Таби ја презема премиерската фотелја. Неговата влада меѓутоа не појасни конкретно како би требало да изгледа бараната помош. Единствено што се знае е дека помош е итно потребна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми