1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерите денеска го скршија мразот

Катерина Блажевска14 мај 2015

Разговорите ќе продолжат во понеделник во ист состав, а целта е партиските лидери заеднички да ја договорат рамката на политичкиот дијалог за излез од кризата.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во една тешка недела за државава се сретнавме да дадеме заедничка поддршка на демократските вредности, вклучувајќи го и правото на мирен протест и на осуда на насилството без разлика дали е во криминални или политички цели. Ние исто така се согласивме да продолжиме со дијалогот за унапредување на евроатланската агенда за доброто на граѓаните“, Ова е заедничката изјава-декларација на лидерите на четирите најголеми партии во Македонија - Зоран Заев, Никола Груевски, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои денеска одржаа заедничка тричасовна средба во Клубот на пратениците во Скопје.
Изјавата им беше доставена на новинарите за време на една од двете паузи, кои лидерите ги искористија за консултации со своите тимови. На средбата, на која во својство на набљудувачи присуствуваа амбасадорот на САД, Џес Бејли и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, било договорено разговорите да продолжат во понеделник во ист состав. Целта е партиските лидери заеднички да ја договорат рамката на политичкиот дијалог за излез од кризата.

Зоран Заев и Никола Груевски

Рано за оценки
По средбата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кусо изјави: „Денеска усвоивме една декларација за организирање ненасилни протести или други собири, а исто така разговаравме и за други теми, идеи и предлози“. Запрашан, дали средбата може да се оквалификува како успешна, Груевски рече дека е рано за таква оценка: „Тешко е да се каже. Од аспект на донесената декларација може да се толкува дека е успешна, но од аспект на некои други работи- како неуспешна“, изјави Груевски. На прашањето дали има достоинство и морал, со оглед дека по сите досега објавени „бомби“ не дал оставка, премиерот одговори: „Народот одлучува кој ќе биде премиер, кој на власт, а кој во опозиција.“
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, истакна дека со присуството на средбата ги потврдиле нивните заложби Македонија да го продолжи патот кон евроатлантските интеграции и за враќање на демократијата.
„Ова денеска не беше политички дијалог, туку обид да се воспостави рамка за дијалог. Нашите барања се јасни, но не дојдовме да разговараме за нив. Нормализација на состојбите во Македонија е можна, но само со формирање на преодна Влада која ќе организира фер, демократски и регуларни избори“, изјави Заев. На прашањето дали средбата ја смета за успешна, тој оцени: „Испративме слика дека сите веруваме дека може да ја вратиме Македонија на евроатлантските перспективи и да ги вратиме демократските процеси. За тоа ќе биде сигнал и мирниот ненасилен протест на 17 мај. Испративме слика дека е возможно да се седне на иста маса. Ние му даваме шанса на дијалогот. Но, испраќаме и слика дека има нешто преку кое опозицијата овој пат нема да помине: по сите овие аудио-снимки, прашање е на одлука на власта кога таа ќе ја тргне мачнотијата низ која поминуваат земјата и нејзините граѓани“, потенцира Заев и додаде дека опозицијата не се враќа во Парламентот, освен ако тоа не е чекор за формирање преодна Влада.
Претставниците на ДУИ и ДПА по средбата дадоа идентични изјави.
„Се договоривме за продолжување на разговорите на 18 мај, за рамката на политичкиот дијалог“, изјавија Артан Груби од ДУИ и Луан Треси од ДПА.

Два собира

Но, токму 17 и 18 мај, се деновите кои внесуваат нервоза кај политичките опоненти. Заев денеска изјави дека власта на повеќе начини им прави опструкции во намерата да обезбедат превоз за натпартискиот протест во недела во Скопје.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и високи претставници на партијата им вршат притисок на превозниците да не ги отстапуваат превозните средства, иако тоа веќе е договорено. Превозниците под притисок ги откажуваат договорите. Исто така, се врши притисок врз луѓето да не доаѓаат на протест“, рече Заев. Тој потенцираше дека протестот ќе биде масовен, но мирен.
„На протестот ќе се обратат европски пратеници. Нема да дозволиме пред нив да се срамиме и да се предизвикува насилство. Млади активисти ќе постават тампон зона помеѓу учесниците на протестот и полицијата, за да нема случајно конфронтација, а дел ќе бидат ангажирани да ги снимаат сите обиди за предизвикување инциденти“, објасни лидерот на СДСМ.
Тензијата ја креваат провладини медиуми, кои неколку дена по ред во ударните вести најавуваат дека опозицијата на 17 мај подготвува насилни протести, преку групи задолжени да предизвикуваат инциденти.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска потврди дека во понеделник ќе се одржи голем митинг за поддршка на владата. Министерот Никола Тодоров рече дека собирот е закажан во 20 часот во Скопје, но не прецизира на која локација.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со македонскиот народ, со сите граѓани, со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ќе излезе на голем народен митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија. Овој митинг ќе биде мирен, достоинствен и плод на разумот на секој наш граѓанин. Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците на Скопје за да покажат дека се борат за почитување на правото на глас, за почитување на изборната волја“, изјави Тодоров.
За митингот уште вчера биле информирани коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, со цел и тие да го мобилизираат своеото членство. Но, не сите ја прифатиле идејата.

Најавени два големи протести - еден в недела, еден во понеделникФотографија: DW
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми