1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерите се сокрија, преговорите пропаднаа

Костадин Делимитов
11 септември 2019

Правото останува заложник на политиката. Нема компромис за Законот за јавно обвинителство. Заев и Мицкоски до долго во ноќта се расправаа, но не собраа храброст за тоа да проговорат пред новинарите.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Наместо договор, продлабочување на кризата околу иднината на СЈО и Законот за јавно обвинителство. До рано утрината лидерската средба не даде никаков епилог. Бројните новинарски екипи попусто ги чекаа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се појават во прес салата и да кажат каква било информација околу преговорите. Откако тоа не се случи, речиси по седум часови чекање, новинарите решија да заминат од Парламентот и да ги остават на раат да спорат околу позициите.

Мачни и жестоки преговори

Она што е дефинитивно е дека решение нема, иако пред стартот на лидерската преовладуваше оптимизам и кај двете страни. Без договор, преговарачките тимови заминале кратко откако тоа го сторија новинарите. Во отсуство на официјални ставови, она што се дознава е дека преговорите биле мачни, на моменти и жестоки.

Извори од преговарачките тимови брифираат дека остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и предметите што ги отвори ова обвинителство. Посебно во периодот по 30 јуни 2017 година. Мицкоски наводно барал овие предмети да запрат, што било неприфатливо за Заев, кој предупредил дека расветлувањето на предметите на СЈО биле услов за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

Опозицијата уценува!?

Од преговарачкиот тим на власта предупредуваат дека главната цел на опозицијата била предметите на СЈО да не продолжат, односно обвинетите од оваа партија да не одговараат пред правосудните органи. Ова прашање според власта е затворено бидејќи со предавањето на предметите од СЈО кај јавниот обвинител, тие веќе не зависат од политички договори. Според тимот на премиерот Заев, шефот на Jавното обвинителство ќе одреди, согласно законските овластувања, кој јавен обвинител ќе го продолжи so секој од предметите. Со ова, судбината на случаите се решава во Jавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии.

Остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и предметите што ги отвори ова обвинителствоФотографија: DW/P. Stojanovski

Предлог за две обвинителства

На маса било ставено прашањето или идејата за формирање две обвинителства од кое едното би гонело висока корупција сторена од сите функционери со шеф кој би го предложила опозицијата. ВМРО ДПМНЕ биле против и инсистирале да ја добијат челната позиција во Обвинителството за организиран криминал во кое според предлог законот треба да се инкорпорира СЈО. Не бил постигнат договор ниту за статусот на обвинителите и вработените во СЈО. Според ВМРО ДПМНЕ, власта сакала тие директно да преминат во новото обвинителство, што за нив било неприфатливо бидејќи тие биле компромитирани и блиски на СДСМ.

Рускоска камен на сопнување

Работите запнале и околу изборот на новиот специјален обвинител. Опозицијата обвинува дека власта сакала по секоја цена со него да раководi обвинителката Вилма Рускоска, но и наместо Собранието, Советот за јавни обвинители да биде надлежен за изборот на новиот обвинител. Доколу Рускоска остане на чело на новото обвинителство, тоа според ВМРО ДПМНЕ би значело амнестија за случајот „Рекет“ и за низа други скандали поврзани со власта.

Дали воопшто се стигнало до дневен ред за точката предвремени избори, исто така нема информација. Мицкоски најави дека ќе го стави ова барање на маса, Заев пак уште претходно најави дека тоа засега не е прифатлива опција.

Дека работите се далеку од она што се претпоставуваше, навести и изјавата која ја даде премиерот Зоран Заев пред стартот на средбата. Тој предупреди дека суштинско прашање за Законот за јавното обвинителство не е постапувањето по предметите на СЈО по 30 јуни 2017 година, туку дали „бомбите“ ќе се користат како доказ или не:

„Кривично дело за кое што постојат индиции и аргументи дека било сторено не може да не се гони, бидејќи насекаде во светoт е така. Ако не го гони СЈО, ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем во државата и тука нема дали Заев, Мицкоски, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ нешто сакаат или не сакаат“, рече Заев.

Непосредно пред стартот на лидерската средба, од Основното јавно обвинителство соопштија дека  испратиле допис до Специјалното јавно обвинителство во врска со преземањето на предметите. Дописот за преземање на предметите следува по неодамнешното известување што од притвор го испрати специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со кое даде овластување сите предмети на СЈО да ги преземе Јавното обвинителство.

Вангеловски разрешен

Она што дополнително создало нервоза пред стартот на лидерската, според информациите е веста дека Судскиот совет го разреши од функциите Јово Вангеловски. Тој повеќе не е ниту претседател на Врховен суд, ниту судија. Одлуката за разрешување на Вангеловски падна речиси две години откако тоа беше побарано, односно во декември 2017 година.

Вангеловски падна со седум гласа за од вкупно 10 членови на Судскиот совет поради нестручно и несовесно работење во случајот на СЈО „Труст“ кога беше донесена одлука притворениот Сеад Кочен да биде пуштен, по што тој беше во бегство. Предлогот за негово разрешување беше уште кога со Советот раководеше Зоран Караџовски, кој оваа точка не ја стави на дневен ред.

Јово Вангеловски не е веќе ниту претседател на Врховен суд, ни судијаФотографија: DW/K.Blazevska

Јово Вангеловски важеше за близок до функционери од претходната власт, пред се` поради кумските врски со поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски. Тој беше на чело на Врховен кога падна одлука за начелното правно мислење со кое се прогласи Специјалното јавно обвинителство за ненадлежно да покренува истраги и да отвора предмети по спорниот рок. Вангеловски има право на жалба на одлуката пред Врховниот суд, што најави и дека ќе ја поднесе:

„Постапката не е правосилно завршена. Штом ја добијам и проучам одлуката, ќе се жалам. Но и сега знам дека има бројни процедурални и материјално правни повреди во постапката пред првостепениот орган“, изјави Вангеловски.

За вршител на должност, на негово место е назначен судијата Фаик Арслани. На новата функција тој доаѓа од редовите на врховните судии. До 2010 година тој работел во судот во Гостивар.

Роковите газат

Од исходот на лидерската средба зависеше кога ќе се одржат продолженијата на комисиската и пленарната седница за Законот за ЈО, како и на парламентарното заседание за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева, која  мора да биде разрешена најдоцна до 15 септември. Претседателот на Парламентот Талат Џафери изјави дека доколку има договор, тогаш седниците би можеле да бидат закажани уште денеска.

Тој предупреди дека мора да се почитува рокот до 15 септември за разрешување на Јанева, а поради скратените рокови до истиот период да биде донесен и законот за јавно обвинителство, за кој пак е потребно двотретинско мнозинство од пратениците. По утринското фијаско на преговорите, нема информации како натаму, а нема најава ниту за нова средба на лидерите или партиските преговарачки тимови.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми