1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

С. Македонија ќе продолжи да чука на вратата на ЕУ

БГ
20 октомври 2019

Лидерите на политички партии на средбата кај шефот на државата Стево Пендаровски вечерва ја реафирмирале европската определба на земјата. Има консензус и за одржување предвремени избори

Nordmazedonien Sitzung des Nationalrats
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Реафирмирана интеграцијата во ЕУ како безалтернативна опција за државата и консензус за одржување на предвремени парламентарни избори следната година. Ова се првичните заклучоци од вечерашниот состанок на лидерите на парламентарните политички партии кај претседателот Стево Пендаровски. Средбата продолжува со дискусија за најавените предвремени парламентарни избори за кои, според Пендаровски, има согласност кај сите партии. Она што шефот на државата го барал од лидерите во врска со изборите, е да внимаваат тие на ниту еден начин да не го одложат ратификувањето на членството во НАТО во македонскиот парламент.

Пендаровски, на прес-конференција одржана меѓу двете точки од расправата, рече дека инсистирал на апсолутен консензус меѓу власта и опозицијата за одржување на избори, и тоа и се случило.
Претходно, лидерите со консензус ја потврдиле определбата Северна Македонија да продолжи на патот кон ЕУ без оглед на одбивањето на самитот во Брисел. Пендаровски ја спореди актуелната состојба во која се наоѓа државата со два слични настани од историјата: Декларацијата на ЕУ од самитот во Лисабон во 1991 година со која се бараше да се избрише „Македонија“ од името на државата, и самитот на НАТО во Букурешт во 2008 кога Македонија не доби членство поради ветото од Грција.

„Северна Македонија е по третпат во слична ситуација штро се однесува до етаблирањето на меѓународен план и европските интеграции“, рече Пендаровски.

Но и покрај разочарувањето, македонските политички лидери се одлучни да продолжат да чукаат на вратата на ЕУ и притоа, да не бараат други алтернативи.

„Независно од неповолните заклучоци на Европскиот совет, сите лидери на политички партии искажаа јасен државотворен капацитет и застанаа зад стратешката цел зацртана уште во 1990-те години. Ова е единствениот пат по кој треба да оди земјата и не постојат алтернативи на тој пат.“

„Ние немаме проблем со нова методологија (во преговарачкиот процес која ја бара Франција, н.з.) и со реверзибилност на процесот“, рече Пендаровски 

Претседателот објасни дека на маргините на состаноците на ЕУ во Луксемург и Брисел изминатата недела, не се нуделе, но биле споменувани алтернативни решенија со кои на земјата би и се понудила некаква резервна опција наместо полноправно членство и со кои таа се третирала како „соседство на ЕУ“.

„(...) Ние сме дел од Европа и според основачките документи на ЕУ ние имаме право да бидеме членки откако ќе ги задоволиме критериумите. ’Не’ за било какви евентуални алтернативи“, рече Пендаровски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми