1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Лимузината на Тито повторно блеска

БГ /АФП
14 мај 2018

Пакардот од 1948 година, кој наводно му припаѓал на „најголемиот син на југословенските народи“, наскоро повторно ќе се најде на улиците на Србија. Луксузниот автомобил е целосно реставриран од фолк-печајот Милош Бојаниќ

Slowenien Museum Tito's Packard Custom 8 Limousine
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Makovec

Со години таложената прашина е избришана, моторот е заменет, а каросеријата повторно блеска во темно сина боја - едно од омилените луксузни возила на поранешниот претседател на СФР Југославија, Јосип Броз Тито го живее својот втор живот во Србија.

Автомобилот - Пакард од 1948 година, луксузен автомобил од американско производство кој Тито го поседувал до смртта - сега е целосно реставриран од српскиот фолк пејач и љубител на олдтајмери Милош Бојаниќ.

„Овој автомобил, би рекол, оваа убавина, е Пакард од 1948“, вели Бојаниќ за АФП.

Овој 67-годишник ги минал последните три години во потрага по делови за реставрација на олдтајмерот во неговата работилница во Нови Сад.

„Многу е тешко да се најдат резервни делови за автомобил кој бил произведуван во толку мал број“, вели тој.

Автомобилот на Тито со години бил стациониран во Македонија, а потоа бил донесен во Србија од страна на анонимен бизнисмен кој планирал да го изнајмува како возило за свадби.

Пакардот завршил кај Бојаниќ откако негов пријател, чиј идентитет не сака да го открие, го купил автомобилот и му го дал да го ремонтира.

Овој Пакард на Тито се наоѓа во музеј во СловенијаФотографија: Getty Images/AFP/J. Makovec

„Во мојата работилница беше донесен со целосно скапан праг и со мотор кој не беше негов. Имаше само каросерија, без прозорци, или други оригинални елементи, освен тркалата и раткапните“, вели Бојаниќ.

Само околу 30 од вкупно 1.000 произведени луксузни автомобили од овој тип и натаму се функционални, според Бојаниќ, а неговиот реставриран Пакард наскоро ќе се најде на улиците низ Србија, 70 години откако бил произведен.

„Го доведов во речиси перфектна состојба и ќе биде ист како што бил кога излегол од фабрика“, тврди тој.

Тито, кој важел за голем обожувач на луксузни возила, поседувал десетици лимузини, меѓу нив и бројни Мерцедеси, Кадилаци и Ролс Ројс.

За споредба, Пакардот произведен 1937 година кој на подарок од Јозеф Сталин го добил поранешниот бугарски комунистички лидер Георги Димитров, според бугарските медиуми, денес има вредност од околу 6 милиони долари.

Пакарди произведени во периодот од 1948 до 1950 во САД денес можат да се купат за цена која се движи од 5.000 до 80.000 долари, во зависност од моделот.

Внатрешноста на ПакардотФотографија: Getty Images/AFP/J. Makovec

Според историчарите, Сталин им подарил три Пакарди на комунистичките лидери на Романија, Југославија и Бугарија по Втората светска војна. Сите три биле подароци кои Сталин ги добил од фабриката во Детроит.

За Пакардот од 1948 година, кој е сега реставриран во Србија, не се знае со сигурност кога е набавен ниту како завршил во Македонија, пред да биде продаден во соседството.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми