1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лингвистичка формула во предлог за името на Македонија?

1 февруари 2018

Споено или неспоено, Македонија останува во името на северниот сосед, гласат дел од коментарите во Грција, откако тамошни медиуми објавија дека се разговара за предлог ГорнаМакедонија, сложено име споено во еден збор.

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Нема никакви официјални, ни неофицијални коментари во пресрет на денешните разговори на посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, со македонскиот државно-политички врв, по грчките медиумски наводи за наводниот предлог, за кој медијаторот денеска ќе разговара со своите домаќини во Скопје. 

Како што објавија повеќе грчки медиуми, повикувајќи се на извори од грчкото Министерство за надворешни работи, Република ГорнаМакедонија - име со географска одредница, споено во еден збор и непреведено на англиски, би била најприфатлива опција за двете страни. Според истите извори, македонската страна најмногу била заинтересирана за предлогот Република Нова Македонија, а за грчките власти најприфатливо било Република Вардарска Македонија. Позициите на двете земји, наводно, биле приближени околу третото решение од пакетот на Нимиц - Република Горна Македонија. Грчкиот весник „Ефимерида“ тврди дека Нимиц во Скопје на маса ќе го стави токму тоа име, но споено и без превод на англиски, кое ќе се изговара како еден збор. Сепак, дел од медиумите повикувајќи се на високи извори во грчкото МНР, пишуваат дека ни другите предлози не се дефинитивно отфрлени како можни опции. 

„Да не се залажуваме. Споено или неспоено, името Македонија останува во името на северниот сосед“, гласат некои од коментарите во грчките медиуми, со став дека тоа е само „лингвистички параван“.

Посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, денеска на разговори со македонскиот државно-политички врвФотографија: MIA

Договор депониран во ОН до 20-ти март?

Резултатите од разговорите, според грчки медиуми, би требало да финишираат со билатерален договор, во кој освен решението за името, ќе бидат наведени и обврските што двете земји сукцесивно и во определени рокови треба да ги исполнат во следниот период, со оглед дека не е можно сите прашања да се решат во краток рок. Тие наведуваат дека Атина инисистирала на некои промени во македонскиот Устав со цел да се осигури дека северниот сосед нема иридентистички ставови кон северна Грција. Во тој контекст, како што пишува „Ефимерида“, во договорот експлицитно би било наведено дека ПЈРМ ќе го промени Уставот и спорните членови во одреден временски период, со цел до 20-ти март 2018. година истиот да биде депониран во Обединетите Нации. Наводно, во разговорите било вклучено и прашањето за името на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), за која, според изворите на „Ефимерида“, се предлагало да се нарекува Охридска Архиепископија. Во некои од коментарите на ваквите наводи, се вели дека „тоа би било најголем подарок за Скопје, бидејќи ќе се признае историската компонента на МПЦ“.

Конструктивност од опозицијата

Со оглед на дискрецијата во која се водат разговорите, а со цел да не се нарушат преговарачките позиции, извесно е дека во оваа фаза нема да бидат обелоденети детали за предлозите. Сепак, некаков сигнал за насоката во која се движат разговорите ќе се добие од изјавата на Нимиц по денешната средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Медијаторот денеска ќе биде примен од претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев, а ќе има средби со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Повеќе:

Нимиц: Дојдено е време за решение на спорот за името

Спор за името: 25 години лет во место

Подобро е да нема договор, отколку да има лош договор за името

Токму од опозицијата се очекува поддршка во процесот за решавање на спорот, кој ги кочи интеграциските процеси на Македонија. Такви очекувања во интервју за порталот „Нова“ изразија и европратениците Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои деновиве во Брисел имаа средби со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

„Охрабрен сум по средбата со новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ми рекоа дека се подготвени да играат улога на позитивна и конструктивна опозиција. Велат дека оваа соработка мора да оди во двете насоки. Ако дадете нешто, треба за возврат нешто да добиете. Тоа е фер позиција. Новиот претседател на партијата беше на средба за името со претседателот на државата и премиерот и Али Ахмети. Ме уверија дека ќе учествуваат и во работата на Собранието. Јасно им е кога ние им велиме дека тие како опозиција треба во некои прашања да бидат конструктивни да играат позитивна улога за иднината на земјата“, изјави Кукан.

Кнут Флекенштајн: Владата и опозијата имаат различни ставови, но мораат барем да се обидат да се доближат Фотографија: Christiane Rogge

Слични импресии пренесе и Флекенштајн.

„Пораката беше дека владата и опозијата имаат различни ставови, но мораат барем да се обидат да се доближат кога се работи за вистински клучни проблеми во рамките на европската интеграција или за земјата. Да се биде што е можно поконструктивен, околу спорот со името, на пример. Двете страни треба да видат дали можат да се согласат, а ако не, има референдум. Не мораат за сѐ да се согласат, но треба да се обидат. Ова не е работа само за опозицијата, туку и на владата којашто треба да помогне да се дојде до доближување“.

По средбите во Брисел на ФБ се огласи и Мицкоски.

„Браќа и сестри, нашата најголема борба е борбата за Македонија. Борба за подобар животен стандард, за среќни утра и насмеани луѓе. Да се бориме сите заедно за нашата татковина, аманетот на нашите предци, советот од нашите родители и сонот на нашата генерација за економски богата, евроатлански интегрирана и земја на среќни граѓани да биде реалност“, напиша Мицкоски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми