1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Листи со „непријатели“ на Германија

Жанет Цвјенк
3 август 2018

Во рациите кај неонацисти, германската полиција пронајде листи со околу 25.000 имиња на „непријатели“ и нивни адреси. Од сите нив полицијата известила само три лица - што предизвика скандал во земјата.

Deutschland Rechtsextremismus - Asylfeindliche Aufmärsche in Brandenburg
Фотографија: picture alliance / Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/dpa

Составувањето листи на политичките и сите други непријатели очигледно е омилена дејност на екстремната десница и на неонацистите. Познато е дека повеќето жртви на неонацистичката терористичка група НСУ претходно исто така се наоѓале на попис, така што пратеничката група на опозициската Левица му остави прашање на германското министерство за правда - што се случува со листата на неонацистите и колку луѓе од таа листа воопшто се информирани дека некој ги смета за „непријатели“.

Одговорот на министерството предизвика скандал: од сите нив, информирани се само три лица. За една од лидерите на Левицата, Мартина Ренер, единствено објаснување е дека актуелната германска влада намерно ја игнорира опасноста која доаѓа од неонацистите и екстремната десница.

Мора ли владата и надлежните служби да ги информираат лицата кои се наоѓаат на такви листи на „непријатели“, до кои е дојдено со полициска истрага? За ова прашање ДВ разговараше со Тило Вајхерт, правник и политоколог, кој е член на претседателството на Германското друштво за заштита на личните податоци.

ДВ: Какви права имаат лицата, кои се наоѓаат на ваквите листи, мора ли да дознаат дека некој ги смета за „непријатели“?

Тило Вајхерт: Нема правна основа полицијата сама да ме извести ако моето име се појави во некоја истрага или во рација или слично. Истрагата начелно најнапред се одвива во тајност. Но ако во неа се утврди дека некој е загрозен, тогаш е задача на полицијата да ја информира таа личност. Но дали е тоа проверено и дали исходот од проверката бил негативен, за тоа во овој момент не можам ништо да ви кажам. Но, токму како и госпоѓата Ренер, се плашам дека воопшто не било проверено дали тие лица навистина се изложени на опасност.

Тило ВајхертФотографија: picture-alliance/dpa/C.Rehder

Зарем не е веќе и самото постоење на таквите листи знак за очигледна опасност?

Веќе самиот факт дека на тој попис имало 25 илјади лица повеќе говори дека тука немало конкретна опасност, барем не за секој наведен. Широко е распространето собирањето информации за политичките противници. Тоа го прават и левичарските групи за екстремната десница. Тоа уште не значи дека тие лица се загрозени. Но ако постојат дополнителни информации, на пример белешки, кои упатуваат на напад или на друга активност, тогаш е должност на полицијата да биде активна и да ја извести таа личност.

Кои правни инструменти им стојат на располагање на лицата од таквите листи да дознаат за тоа?

Да се достави барање и да се добие информација, воопшто не е проблем. Според прописите за заштита на приватноста, секоја личност има право да добие информација за себе ако таа е стекната со кривична истрага. Ако тоа барање уште и може да се конкретизира, како сега со овие листи, тогаш  безбедносните органи многу тешко ќе можат да одбијат да дадат информација. Накратко: барањето за информација може да им се постави непосредно на безбедносните органи.

Колкава опасност мора да постои за некоја личност од пописот да добие заштита од полиција?

За да се добие заштита од полицијата мора да постои конкретна опасност за личноста. Полицијата тука има одреден простор за одлука, каде може да процени дали постои таква реална опасност. Но онаму каде постои видлив ризик, мора да биде сторено сѐ што се може за да се минимизира ризикот, колку што е можно повеќе. Најмалку од тоа би било да се извести таа личност. Но може да се оди и многу подалеку, да се организира преселување, да се надгледува живеалиштето или да се заштитат децата на таа личност. Сето тоа зависи од поединечниот случај.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми