Лицемерието на Меркел
12 март 2016
Така значи изгледа доследноста на Ангела Меркел: таа се труди никој да не забележи оти ја промени својата политика и го ограничи приливот на бегалци. Затоа се ангажира за договор со кој бројот на барателите на азил ќе биде сведен на нула. Бидејќи, ако Турција во иднина ги преземе назад сите бегалци од Грција, и ако истовремено бидат попречени во работата криумчарите со луѓе, а алтернативните рути останат затворени, никој веќе нема да може да дојде во Европа, а со тоа - ни во Германија. Проблемот е решен.
Тоа е политичко макијавелистички најдобар начин. На крајот Берлин милостиво ќе земе еден контингент Сиријци од Турција, како што тоа го предвидува договорот со Анкара. Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие уште нагласи и дека се работи за „мал број“.
Збогум на вредностите
Де Мезие игра улога на противтенковско куче кое треба да ги совлада отпорите од договорот со Турција. На пример, отпорот на Австрија која смета дека „нашите вредности ќе отидат во неповрат“, бидејќи Турција ја укинува слободата на печатот. Или, правните дилеми, какви што изрази комесарот за човекови права на ОН: тој вели дека масовното протерување на бегалците без идивидуална проверка е едноставно противзаконско. И навистина, треба само да се замисли што ќе се случува: турската влада ќе им признае на Сиријците само статус на бегалци. А што е со курдските Ирачани кои бегаат од териториите под контрола на ИД? Со политички прогонетите од соседен Иран? Со Хазарите од северен Авганистан чии животи се под закана?
Таквите приговори германските претставници не сакаат да ги слушнат и со задоволство лапидарно велат оти Турција ќе ги исполни своите меѓународни обврски. Дали? Турција ги разорува со бомби градските населби на курдските подрачја не водејќи сметка за цивилни жртви. Го зајакнува ли тоа правниот кредибилитет на претседателот Ердоган? Или можеби затворањето на опозицискиот весник „Заман“ требаше да разбуди доверба во неговата лојалност кон правилата?
Ангелски ореол - за лицемерие
Германската влада со еден потег ја фрла во отпад Женевската конвенција и другите меѓународни правила, па и Обединетите нации. Бидејќи, сето тоа само ја попречува новата идеја за собирање на бегалците во Турција и делегирање на валканата работа на масовно протерување на другите. А за тоа, автократска влада како што е онаа во Анкара - е добар партнер. Цел е воспоставување европско утврдување.
А тоа што сите организации за човекови права на светот протестираат... На кого му е грижа за тоа, нека одат по ѓаволите. Германската канцеларка што поскоро би требало да го врати ангелскиот ореол што ѝ го додели за хуманост генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун. Бидејќи, со тој ореол само се бламира.