1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080210 Jugend Lobby Control

16 февруари 2010

Здружението „Лоби контрол“ од Берлин се занимава со откривање на задклусните активности на лобистите, кои се обидуваат да ги протуркаат интересите на претпријатијата во политичките кругови.

Што се’ се случува под куполата на Рајхстагот и околу него?Фотографија: AP

Во здружението „Лоби контрол“ од Берлин се ангажираат посебно голем број млади од Германија. Она што се чини дека посебно ги привлекува во оваа невладина организација е нејзината мисија, имено откривањето на задклусните активности на лобистите. Здружението организира два пати месечно и посебни тури по Берлин, во кои им ги покажува на заинтересираните местата каде се среќаваат лобистите и политичарите и ги појаснуваат нивните активности.

„Туристичка тура“

Студентката по политички науки Миријам Штајн води група гимназијалци во студеното зимско утро и им објаснува: „Овде стоиме пред зградата на германското здружение на производители на пиво, кое секоја година доделува почесна титула ’амбасадор на пивото’. Таа е секогаш наменета на политичари. Овде на сликата се гледа актуелната министерка за земјоделство, Илзе Аигнер, која ја доби почесната титула за 2009 година.“

Министерката за земјоделство Илзе Аигнер на отворањето на годинешната „Зелена недела“ во БерлинФотографија: AP

На оваа информација минува ромор низ групата од дваесетина гимназијалци, кои не можат да се начудат колку тесно се поврзани политиката и претпријатијата. Во турата низ лобистичката џунгла на главниот град спаѓаат посети на зданијата на рекламни агенции, седишта на концерни за производство на електрична енергија, но и на неугледни кафулиња, во кои се среќаваат политичарите и застапниците на интересите на индустријата. Целта на ваквите средби е да се создадат добри контакти со политичарите за некои подоцнежни времиња, кога тоа ќе биде потребно. „Проблемот е во тоа што претпријатијата се обидуваат да ги вметнат своите соработници како лобисти во министерствата, за да можат таму да бидат присутни кога ќе се донесуваат одделни закони и на тој начин да можат да извршат соодветно влијание. Втор проблематичен аспект е кога формулирањето на законските предлози се префрлаат од министерствата во стручни фирми или адвокатски канцеларии, на пример по налог на министерството за сообраќај. Се’ е во ред додека не се дојде до податокот дека истата адвокатска канцеларија како свои муштерии има големи автомобилски концерни и со тоа автоматски е пристрасна при изготвувањето на документот“, појаснува студентката Миријам Штајн, која веќе една година активно соработува во здружението „Лоби контрол“.

На наредната страница ќе читате за барањето за формирање на регистар на лобисти во Германија.

На граница на легитимност

Блиску до парламентарците: главното седиште на Железниците со зданието на парламентот во позадинаФотографија: AP

Одвреме-навреме во текот на турата таа посочува дека е легитимно во демократските системи приватните и правните лица да се ангажираат за остварување на нивните интереси. Но, нагласува дека сепак претставува проблем кога таа борба за интереси се одвива зад кулисите, нетранспарентно и кога со тоа се создава нерамноправна основа во однос на другите учесници во политичкиот натпревар. Така на пример богатите и силни претпријатија можат подобро да им влезат под кожата на политичарите, додека синдикатите или еколошките организации немаат такви можности.

Токму затоа „Лоби контрол“ бара создавање јавен регистар на лобисти. „Во него треба да стои кој и со колку пари работи, по чиј налог и за која тема. Така можеме подоцна да видиме за што станува збор ако некој поранешен министер за одбрана по завршувањето на мандатот станува член на управен одбор на некој концерн за производство на оружје. Или на пример кога некоја министерка за земјоделство истовремено е активно вклучена во некое земјоделско здружение. Во САД, како и во некои источно-европски земји таквиот регистар на лобисти веќе постои, додека Германија на ова поле уште заостанува“, објаснува Миријам Штајн.

Главоболки за лобистите

Токму со ваквите барања во јавноста здружението „Лоби контрол“ стекна добар имиџ. Тоа беше основано во 2006 година и набрзо стана трн во окото на домашните лобисти. Особено откако го откри скандалот околу приватизацијата на Германските железници. Нивното раководство имено најмило соработници на рекламни фирми, кои под псевдоними пишувале статии и писма до редакциите на разни весници и други медиуми, барајќи приватизирање на железниците. Со тоа се создал впечаток дека обичните граѓани се за тоа. Подоцна се дозна дека станувало збор за свесно насочување, односно манипулација на јавното мнение.

Поинаков агол на гледање

Ученикот Армин Бернзее не може да го прикрие чудењето кога ги слуша ваквите информации. Овој осумнаесетгодишен гимназијалец е многу ангажиран за еколошки теми и неодамна дури отпатува на светскиот самит за климата во Копенхаген. Тој е задоволен што тој и неговите соученици ја сместија турата за лобистите во матурската екскурзија: „На часовите се занимаваме со тоа како се донесуваат законите. За време на екскурзијата поточно ќе се запознаеме со тоа во парламентот. А преку оваа тура за лобистите добиваме увид во процесот на формирање политички одлуки и закони од критичка гледна точка. Многу ме изненади тоа што политичарите добиваат пари од лобистите без да мораат да сторат нешто за возврат, туку само со надеж дека можеби во некоја прилика ќе можат да им се најдат при рака за некоја цел.“

Транспарентна архитектура: пленарната сала на парламентот во БерлинФотографија: AP

По два часа на турата и` се ближи крајот. Водителката Миријам Штајн им ја нуди на учениците брошурата „Лобистичка планета Берлин“, секако за оние кои се повеќе заинтересирани за оваа тема. А за оние уште позагреаните има уште еден адут во ракавот: брошурата за активностите на лобистите во Брисел. Таа е всушност многу битна, бидејќи се` поголем број одлуки што не` засегаат во секојдневието се донесуваат на ниво на Европската унија.

Автор: Ајгил Чизмечиолу/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми