1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јагма за лиценци за фотоволтаици

ДТЗ
16 мај 2022

Компаниите имаат огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Но, сложените процедури за добивање лиценци често ги одвраќаат инвеститорите од намерата.

Nord-Mazedonien | Efix Electrical
Фотографија: Privat

Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати. Заклучно со април 2022 година Регулаторната комисија за енергетика има издадено 36 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со инсталиран капацитет од 12,7 MW. „Годинава ниедно барање не е одбиено ниту отфрлено“, велат од Регулаторната комисија за ДВ. 

Компаниите преку инвестирање во фотоволтаичните електрани можат да обезбедат струја за сопствени потреби, или пак да ја продаваат. Пред да добијат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) треба да поминат низ сложена процедура, да тропнат на десетина врати и да обезбедат куп документи.

Првиот човек на регулаторното тело, Марко Бислимоски, деновиве изјави дека се прават напори да се донесат уредби за олеснување на овој процес. Тој апелира сите кои имаат можност да постават фотоволтаици, а тоа ги вклучува и домаќинствата. „Домаќинствата досега можеа да поставуваат фотоволтаици за производство на 4 киловати, а отсега и 6 киловати електрична енергија, а ЕВН Хоум ќе ја презема - и ним повеќе им одговара да ја преземат дома произведената струја, отколку да купуваат од слободниот пазар. Домашните ресурси секогаш се подобра опција“, вели Бислимоски.

Системи „клуч на рака“

Со оглед на тоа дека граѓаните не издаваат фактури за продадената електрична енергија, во тек се измени на законската регулатива со која ќе се овозможи „ЕВН Хоум“ или кој било снабдувач, да може да биде даночен застапник во име на домаќинствата кои ќе им ја продаваат електричната енергија. 

„ЕВН Македонија активно ги следи и регулативите за фотоволтаични системи за домаќинства и мали бизниси. Согласно последните најавени законски измени се очекува значително подобрување на условите за инвестирање на фотоволтаични системи кај домаќинствата. Тоа главно ќе биде овозможено од одлуката домаќинствата и малите бизниси снабдувани од универзалниот снабдувач да останат и понатаму снабдувани од истиот, преку фотоволтаичните системи да ја редуцираат сопствената потрошувачка на електрична енергија, а вишокот произведена енергија да ја пласираат во дистрибутивната мрежа и да ја продаваат по цената по која универзалниот снабдувач ја купува енергијата од ЕСМ“, вели Вјоса Селими, портарол на ЕВН Македонија за Дојче веле. 

Интерес за фотоволтаици има и кај големите индустриски капацитети и кај граѓаните, но комплицираните постапки за обезбедување лиценци за инсталирање на фотоволтаични системи за производство на струја често ги одвраќаат од намератаФотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

ЕВН Македонија АД поседува 11 Мали ХЕЦ со вкупен капацитет од 47 MW, кои ги управува и одржува преку фирмата ќерка ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ. Дополнително, од 2018 година ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ го проширува своето делување и во делот на фотоволтаичните централи, со план за зголемување на сопствените капацитети на обновливи извори како и со услуги кон надворешни компании – изведба на фотоволтаични системи по принципот „Клуч на рака“.

Досега производственото портфолио на компанијата е зголемено за 2 фотоволтаични центали со вкупна моќност од 3 MW во местата Војшанци-Неготино и Долани – Штип. Дополнително изведени се фотоволтаични централи за 38 надворешни клиенти со вкупно над 10 MW капацитет. До крај на првата половина на 2022 година планирано е да се завршат уште две фотоволтаични централи во Свети Николе со вкупна моќност од 2,2 MW.

„Паралелно започнуваме со процес на прибавување на документација за изградба на дополнителни производни капацитети за фотоволтаични централи.  ЕВН Македонија преку своите компании ќерки ЕВН Електрани и ЕВН Снабдување, единствено на пазарот нуди комплетна услуга по принципот 'Клуч на рака' која вклучува снабдување со електрична енергија, како и откуп на вишок произведената електрична енергија, водење на постапка за целосно обезбедување на документација, дозволи и лиценцирање на централите како и нивна регистрација во надлежните институции“, велат од компанијата за Дојче веле.

Сложени процедури

Интерес за фотоволтаици има и кај големите индустриски капацитети и кај граѓаните. Но, комплицираните постапки за обезбедување лиценци за инсталирање на фотоволтаични системи за производство на струја често ги одвраќа од намерата.

„Има премногу бирократски процедури, но ме радува што конечно Владата покажа разбирање дека постојат законски пречки, без разлика дали станува збор за Законот за градба или за Правилникот за обновливи извори. Доколку навистина се отстранат сите пречки, очекувам во наредните неколку години во Северна Македонија да се изградат повеќе од 1GW фотоволтаични системи“, вели сопственикот на „Пиксел Груп“, Горан Паунов.

Според него, со сегашната цена на чинење на електричната енергија, фотоволтаичните системи и за домаќинствата и за компаниите, се високо исплатливи инвестиции. „Поврат на инвестицијата има во период од 3 до 6,5 години, во зависност од статусот на инвеститорот и неговите енергетски потреби. За едно четиричлено семејство инвестицијата се движи од 4.000 до 6.000 евра, а повратот на инвестицијата не е повеќе од 6,5 години“, вели Паунов за ДВ.

Токму поради вртоглавиот пораст на цените на струјата, многумина сметаат дека вреди да се чека и со месеци само да се обезбеди обновлив извор на енергија. Некои од компаниите кои се во бизнисот со фотоволтаици комплетно ја преземаат обврската за обезбедување на потребната документација - сѐ до монтирање на системите, со цел да им го олеснат патот на фирмите за поставување на соларни системи на своите покриви.

Но, сопственикот на компанијата „Ефикс електрикал“, Зоран Митрески, за ДВ вели дека  процедурите се искомплицирани беспотребно, што ги одвраќа многумина од намерата да поставуваат фотоволтаици. Некогаш постапките траат со месеци, па и една година. 

„Ако во општина ги доставите документите за дозвола, потоа 80% од истите документи ги доставувате во ЕВН, каде се чека да се добие енергетска согласност, па потоа се чекаат уште 20 дена за дозвола од Регулаторната комисија за енергетика. Често се случува пред истекот на рокот, инвеститорите да добијат известување дека некој документ им недостига, поради што повторно мора да плаќаат 500 евра за да добијат лиценца. Со тоа се губи време, пари, па многу фирми се откажуваат од постапката пред самиот крај“, вели Митрески. 

Од Регулаторната комисија за енергетика укажуваат дека лиценци се издаваат само на компании кои што ќе обезбедат комплетна документација. Потребните документи за издавање на лиценца се  транспарентно и таксативно наведени на интернет страната на РКЕ. „Постапката за да се издаде лиценца трае најмногу до 20 дена, доколку барањето е уредно поднесено“, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски за ДВ. 

Бислимоски: Постапката за да се издаде лиценца трае најмногу до 20 дена, доколку барањето е уредно поднесеноФотографија: DW/K. Delimitov

Шест чекори до фотоволтаици

Од Стопанската комора на Северна Македонија неодамна ги советуваа инвеститорите на фотоволтаици за сопствени потреби да се охрабрат, а оние што инвестираат за продажба на струја да бидат повнимателни. И едните и другите треба да изодат десетина чекори за да ја реализација идејата за фотоволтаици. 

Во првиот случај, кога се произведува на покрив за сопствени потреби, компаниите треба да имаат предвид дека постојат шест чекори што треба да се изодат. Тие треба да извадат решение од Општината, под услов објектот да е запишан во катастар, да е изваден имотен лист и да има проект за статика на покривната конструкција, бидејќи се става дополнителна тежина на покривот. Ако документите не постојат, за нив треба да се спроведе постапка за легализирање на објектот, но и за изработка на проект за статика на изведена состојба. Исто така треба да се направи проект за електрика на фотоволтаичната електрана, но и да се поднесе пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија. Потоа треба да се склучи договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија. 

Во вториот случај, кога се произведува електрична енергија за продажба од фотоволтаици поставени на земја, треба да се реши урбанистичко-административното прашање. Ако земјиштето не е урбанизирано, треба да се спроведе постапка за урбанизација и да се направи пренамена на земјиштето. Притоа, треба да се има предвид дека ако станува збор за инвестиција до еден мегават, постапката се води во општините, а над еден мегават во Министерството за транспорт и врски. Потребно и е да се побара приклучување на мрежа, каде што произведената електрична енергија ќе се предаде во системот. 

И инвеститорите на фотоволтаици за сопствени потреби и оние што инвестираат за продажба на струја треба да изодат десетина чекори за да ја реализираат идејата Фотографија: Privat

Операторот на преносниот или на дистрибутивниот систем („ЕВН дистрибуција“ или „МЕПСО“) има обврска да издаде место за приклучок кога е издадена градежната дозвола. Точката на приклучување инвеститорот треба да ја провери однапред, бидејќи неретко се случува трошокот за изградба на приклучокот да биде поголем и од инвестицијата во фотоволтаичната електрана. Снабдување опрема е исто така постапка, бидејќи најголем дел од опремата или од деловите за опрема се увезуваат од Кина и од други азиски земји и нивната вредност зависи од моментот на испорака и од начинот на плаќање, процес кој може да трае подолго, со што се менува вредноста на целата инвестиција.

Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, неодамна побара да се разјасни како инвеститорите во техничко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) можат да аплицираат за добивање дозвола за поставување фотоволтаични модули на покривите на своите производни капацитети со цел - производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка. По него и македонските компании бараа елиминирање на административните пречки за да инвестираат во фотоволтаици. Тие бараат Владата да им помогне на компаниите побрзо да дојдат до дозволи, да можат да се приклучат на системот пред доаѓањето на зимата кога енормно ќе им се зголемат трошоците. 

Лов во матно

Со оглед на тоа дека станува збор за брзорастечки бизнис, експертите укажуваат дека на пазарот се појавија стотици компании кои сакаат да делат од „колачот“. Во овој брзорастечки бизнис сѐ почесто се појавуваат и фирми кои несоодветно ја извршуваат дејноста - инсталираат  термални колектори без минимален квалитет или пак се инсталираат топлински и фотоволтаични системи од нелиценцирани монтери, што некогаш резултира со пожари на покривите или пак доведува до експлозија на инверторите. 

Токму тоа се најголемите проблеми со кои можат да се соочат граѓаните во моментот на пазарот. Огромниот интерес создава притисок - има голема побарувачка, но не и доволно професионални фирми и монтери на пазарот. „Ова е како лов во матно во којшто се јавуваат некои нови 'професионалци' и фирми“, вели Митрески. 

„Ова е како лов во матно во којшто се јавуваат некои нови 'професионалци' и фирми“, вели МитрескиФотографија: Privat

Тој укажува дека е потребна професионалност, бидејќи во спротивно доаѓа до курцшлуси - па се случува при инсталацијата да експлодираат инвертори и да се запали покривот на објектот.  „Фабрика вредна стотици илјадници евра може да изгори за момент доколку системите не се постават професионално. Тоа може да ги заплаши граѓаните да се откажат од намерата. Оти што му значи некому дека поставил соларен систем, ако тој е закана дека може да му изгори инвестицијата?“, вели Митрески.  

Сличен став има и сопственикот на „Пиксел Груп“, Горан Паунов. „Точно и дека енергетската криза во многу придонесе драстично, јас би рекол дури и драматично да се зголеми интересот за инвестирање во поставување на фотоволтаични системи, било за домаќинства, резиденцијални објекти, фирми или пак инвестирање во поголеми соларни фарми. Кога нешто се случува наеднаш и во поголем размер, без претходно да се направи прецизна анализа и да се подготви теренот, за да нема никакви пречки и да се прецизира до колку може да се оди во инсталирање на вакви системи, може да се појават и ризици“, вели Паунов.

Ризици

Тој укажува и на појавата на несоодветни и нестручни изведби на вакви инсталации, како и од немањето соодветен механизам за следење и контрола на целокупниот процес на инсталациите. „Државата мора да најде начин да ја зајакне контролата врз фирмите кои ги изведуваат овие инсталации - преку проверка на лиценци за изведба, оспособеност на стручен кадар и сертифицирани или овластени инсталери и инсталатерски компании, со цел да се добијат пред сѐ безбедни и технички исправни системи за производство“, вели Паунов.

-повеќе на темата: Фотоволтаична треска во Северна Македонија

Според него, државата мора да воведе контрола на увоз на панели, инвертори и допопнителна опрема, затоа што во моментов, вели дека никој не води сметка што се увезува и со каков квалитет. „Добар дел од инвеститорите импровизираат со набавките, заради пониски цени или побрзо да се обезбеди потребната опрема, а се занемарува квалитетот. Да не заборавиме дека се импровизира и со изведбите преку нелиценцирани компании за изведба, па дури и со човек-фирма или уште полошо некоја самоорганизирана група луѓе, која го користи моментот на прекумерна побарувачка, па изведуваат работи со големи ризици“, вели Паунов. Прашање е, додава тој, колку и релевантните чинители во енергетскиот сектор се исто така на соодветно ниво подготвени да го артикулираат моменталното побарување на пазарот со изведба на фотоволтаични централи.

Од Регулаторната комисија за енергетика за ДВ велат дека постои еден вид контролен механизам во однос на поставувањето на фотоволтаиците, со тоа што еден од документите коишто се доставува при барање на лиценца за производство на електрична енергија од БЛ 10.1 образецот е одобрение за употреба на енергетски објект или извештај за извршен технички преглед и ставање во употреба согласно закон. Ваквиот документ значи дека објектот е изграден согласно соодветните проекти и може да се стави во употреба. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми