Лов на рекорди
7 јуни 2010И оваа година милиони навивачи пред ТВ-екраните повторно ќе ги поддржуваат своите национални тимови.
Рекорден светски првак
Бразил веќе петпати ја овои титулата на Светски фудбалски првак, а покрај тоа е единствената нација досега која присуствувала на секое СП. Јужноамериканците последен пат триумфираа во 2002 година: во финалето во јапонскиот град Јокохама ја победија Германија со 2:0. Актуелниот носител на титулата Италија беше светски првак четирипати, додека Германија на своето конто бележи три успеси: во 1954, 1974 и 1990 година.
Рекордери-играчи на СП
Лотар Матеус играше во 25 натпревари на пет Светски првенства, помеѓу 1982 и 1998 година. Успешниот фудбалер двапати го освои второто место, а во 1990 година рапрезентацијата под негово раководство ја победи Аргентина во финалето во Рим со 1:0: „Тоа е капитенот со трофејот: Лотар Матеус, Франц Бекенбауер, Пјер Литбарски...“
Од играчите кои се‘ уште се активни, Италијанецот Фабио Канаваро е најискусен со 15 натпревари, но тоа не претставува опасност за рекордот на Германците.
Рекордер стрелец на голови
„Балак, Боровски, Клозе, гооол. Волшебен гол. Резултатот е 1:1. Неговиот прв гол со глава на Светското првенство. Мирослав Клозе!“
Мирослав Клозе од „Бајерн Минхен“ влезе во трката по рекордите. Напаѓачот од Бундеслигата досега постигна десет гола во неговите две учества на СП во 2002 и 2006 година. Му недостигаат уште пет гола за да го сруши рекордот на Бразилецот Роналдо, кој води на листата со стрелци на постигнати голови. Предноста на Клозе е што од оваа година Роналдо повеќе не игра на СП.
Најлошиот учесник на СП
Ел Салвадор двапати немаше среќа во завршната рунда на СП. Во 1970 и 1982 година поединечно, по три порази го освоија третото место во прелиминарната група. Против Унгарија во 1982 година доживеаја фијаско со 1:10, но на Средноамериканците сепак успеја да постигнат погодок на СП.
Најмногу црвени картони
...во историјата на СП влегоа Ригоберт Сонг од Камерун и Французинот Зинедин Зидан, секој со освоени два црвени картони во три учества на првенството. Сепак најспектакуларен беше црвениот картон за Зидан од пред четири години во Берлин. Во финалето против Италија Французинот го удри неговиот противиграч Марко Матераци со глава во горниот дел на стомакот, очигледно поради навреди од страна на Италијанецот.
Најстар тренер на СП
„Луѓето го заслужија тоа, оти пожртвувано се бореа. Извонредно достигнување, силен ментален чин.“
По Европското првенство во 2004 година тренерот Ото Рехагел кај Грците си подигна нов споменик, успешно водејќи ја репрезентацијата низ квалификациите за ФИФА-СП во Јужноафриканската Република. 71-годишниот Германец веќе се запиша во историјата. Учествувајќи за првпат на СП како тренер, тој е три години постар од досегашниот рекордер Ото Фистер, кој во 2006 година го тренираше тимот на Того.
Автор: Ули Петерсен/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска