1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во десетина општини гласачите ги „преспаа“ локалните избори

ДТЗ
19 октомври 2021

Излезноста на ниво на државата е 48,99%, а во неколку општини таа достигна и над 70%. Во други пак, не можеше да се достигнат ниту 30%.

Kommunalwahlen in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лозово и Вевчани имаат највисока излезност на последните локални избори во Северна Македонија, додека жителите на Центар Жупа, Маврово и Шуто Оризари покажаа најмал интерес за гласање. Според Државната изборна комисија, излезноста на ниво на државата е 48,99%, а во неколку општини таа достигна и над 70 проценти. Во други пак, не можеше да се достигнат ниту 30 проценти. 

Излезноста на ниво на државата е 48,99%, а во неколку општини таа достигна и над 70 процентиФотографија: Petr Stojanovski/DW

На врвот на листата е Лозово, каде од 1.984 гласачи, на изборите излегле дури 1.518, со што одзивот е дури 76,59%. Вевчанци традиционално и на овие избори беа најрасположени за гласање – од 2.075 гласачи, 1.519 во неделата излегле на гласачките места во општината, постигнувајќи излезност од 73,24%.

Најжелни за гласање на локалните избори  беа и жителите на Дојран, кои во голем број се изјаснија за своите фаворити. Од 2.677 гласачи, дури 1.956 го дале својот глас во неделата. Над 70 проценти излезност, според податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, има и во Демир Капија, Демир Хисар, Карбинци, Конче, Кривогашани, Македонски Брод, Новаци и Росоман. 

Незаинтересираност за избори 

За разлика од нив, во десетина општини гласачите буквално ги „преспаа“ овие локални избори. Најслаб интерес за гласање покажаа жителите на Центар Жупа, каде само 1.873 гласачи излегоа на изборите, од вкупно 7.317 избирачи, или 25,60%. Ова е единствена општина каде излезноста е под 30 проценти. 

Слаба излезност на последните избори има и во Пласница, Липково, Желино, Гостивар, Врапчиште и Боговиње.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Слаба излезност имаше и во Маврово и Ростуше – 31%, како и во Шуто Оризари – 33,31% , слика којашто се повторува од локалните избори во 2017 година, каде овие општини исто така се најдоа на дното на листата по интересот за гласање. Во Маврово и Ростуша од вкупно 10.144 гласачи, само 3.144 го искористија своето право на глас, додека во Шуто Оризари од 24.230 регистрирани гласачи, само 8.045 се појавиле на гласачките места. 

Слаба излезност на последните избори има и во Пласница, Липково, Желино, Гостивар, Врапчиште и Боговиње.

За споредба. во 2017 година највисока излезност имаше во Вевчани - 72,05 отсто, а најниска во општина Маврово Ростуше - 31,2 отсто. Во Скопје, најмногу гласачи излегоа да гласаат во Гази Баба, а најмалку во Шуто Оризари. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми