Локални избори во Северна Рајна Вестфалија: СПД гледа светлост на крајот од тунелот
27 септември 2004Социјалдемократите, и покрај минусот од 2,2 процента во однос на исходот пред 4 години и најслабиот резултат досега воопшто на локалните избори во најголемата покраина според бројот на населението, сепак го гледаат светлото на крајот од тунелот. “Мислам дека се во темелна заблуда оние кои веруваа дека Северна Рајна Вестфалија веќе се определи за другата страна. Ова покажува дека СПД, кога се определува за реформите - како што беше во Северна Рајна Вестфалија, се стабилизира и може врз тоа да ги гради натамошните планови” – оцени канцеларот Герхард Шредер.
Сосем спротивно го оценува изборниот резултат водачот на демохристијанската опозиција Ангела Меркел. ЦДУ загуби речиси седум проценти во споредба со претходните избори, но останува најсилна партија. Меркел гледа добри изгледи за кандидатот на ЦДУ за изборите за покраинскиот парламент по 8 месеци: “Сметам дека постојат сите шанси Јирген Ритгерс да биде иден премиер на Северна Рајна Вестфалија” – рече таа.
Зелените, кои остварија плус од три прцентни поени, се прогласија за вистински победници на изборите. Нагорниот тренд го потврдија и либералите со плус од 2,5 насто. Петтата партија која е застапена во сојузниот парламент, ПДС, на комуналните избори оствари вкупно само 1,4 насто од гласовите.
“Кој, значи, смее да слави? Секако вистински ни СПД, ниту ЦДУ. И секако дека социјалдемократите длабоко воздивнаа. СПД во една традиционално своја покраина веќе не падна позначително. Ова е историски најслаб резултат, па сепак, запрено е силното бегање на избирачите, ниедна протестна партија не успеа решевачки да се профилира и растојанието во однос на Унијата е намалено” - пишува весникот "Штутгартер Нахрихтен" во анализата на изборите.