1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори: Родова рамноправност на машки начин!

27 септември 2021

Според статистичките податоци бројот на жените и мажите во РСМ е приближно еднаков. Но она што природата го „уредила“, општеството не го потврди со кандидатурите на локалните избори.

Бројот на жени на кандидатските листи за локалните избори, ни оддалеку не ја отсликува македонската демографска состојба
Бројот на жени на кандидатските листи за локалните избори, ни оддалеку не ја отсликува македонската демографска состојбаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

Од денеска тече изборната кампања за локалните избори закажани на 17-ти октомври и ќе трае 20 дена, до 15-ти октомври на полноќ. Партиите и независните кандидати пред гласачите ќе ги презентираат програмите со кои ќе се борат да ја добијат довербата на локално ниво, но тешко ќе може да објаснат зошто во таа битка има многу малку кандидатки за градоначалнички, и тоа помалку од 10 проценти од вкупниот број на кандидати!

Малку повисoка е застапеноста на жените на листите за советници во општинските совети, но само затоа што тоа е законски предвидено со одредби во Изборниот законик. Сепак, ако се спореди процентот на жени што се номинирани како носителки на листите на советници, бројот на жените исто така е помал во однос на мажите.

Фифти - фифти

Ако Законот не познава афирмативна мерка за кандидирање на жени за градоначалничка функција, тоа не ги ослободува партиите од „обврската“ да размислуваат за родовата рамноправност. Фактот дека во земјата се паметат избори на кои не била избрана ниту една жена градоначалничка, и дека денес драматично помалку ги има во изборната трка во споредба со мажите, јасно говори за бавното менување на состојбите во општеството. Процентот на кандидирани жени е спротивен на природниот баланс во половата структура на населението во земјата, каде според статистичките податоци бројот на жените и мажите е приближно еднаков.

Од денеска започнува кампањата за локалните избори во РСМФотографија: picture-alliance/AA/H. Gina

„Тоа што природата го уредила ‘пола – пола', за жал, општеството сѐ уште не може да го уреди“, укажува аналитичарот Алберт Муслиу.

„Предложената структура е нериродна. Тоа е неодговорно и некреативно. За споредба, албанскиот премиер Еди Рама, од 16 министерски места, на 12 позиции предложи жени. Ние со закон се трудиме да решиме полова структура во парламентот, а ги изоставме другите битни чинители за да има баланс. Треба да се работи на демократизација во политичките партии, со законски решенија преку кои ќе се обезбеди родов баланс и во структурите на одлучување. Ако во структрите на одлучување половина се мажи, половина жени, ваков дисбаланс нема да се случува", вели Муслиу.

Повеќе на темата: „Машкиот клуб“ на македонската политика

Тој потенцира дека изборниот процес мора да биде рефлексија на општеството и потребите.

„Зошто воведуваме принцип на правична застапеност и инклузија на одредени категории, а не бараме и соодветна застапеност на половите? Ако има дисбаланс тогаш треба да има и посебни мерки, кои ќе станат непотребни кога балансот ќе биде обезбеден. Демократијата не е еден изборен циклус, затоа потребна е едукација, и резултатот ќе дојде. Но, потребно е и граѓаните да се охрабрат, па и да испратат порака - немаш баланс, не те гласам“, смета Муслиу.

Владеење на стереотипите

Досега во „оправдувањата“ за малиот број кандидирани жени за градоначалнички, како примарна се сметаше нивната наводна незаинтересираност за учество во креирањето на јавните политики на локално ниво. На второ место беше рангирано непостоењето на политичка волја за вклучување на жените во политичкиот живот, на трето - непостоење на организирано женско делување за подобрување на состојбата на локално ниво, и како последно - стереотипите за местото и улогата на жената во особено во руралните средини. Имено, сѐ уште преовладува мислењето дека местото на жената е во домаќинството и во посветеност на грижа за семејството, додека јавните работи во заедницата се одговорност на мажот.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ѓулистана Марковска која е непартиска, граѓанска кандидатка за градоначалничка на Општина Кисела Вода поддржана од коалицијата на ДОМ и ЛДП, смета дека тие стереотипи и натаму владеат. Таа воопшто не е изненадена од многу малиот број на жени кандидирани за градоначалнички.

„Многу тешко ќе ги надминеме стереотипите за ‘цврста машка рака’ во носењето на крупни одлуки т.е. ликот на општините и нивно препознавање преку ‘стопанот’ кој е на нивно чело. Очигледно е дека политиката сѐ уште се идентификува како машка професија, каде способните жени можат да бидат само ‘исклучок’ што го потврдува правилото“, вели Марковска.

Прашањето е како се можни поместувања во општествената свест, за промена на ставот дека местото на жените не им е на челните позиции, туку некаде „околу нив".

„Сметам дека тоа е можно со тоа што оние што се успешни ќе бидат и исклучително посветени и во подигањето на таа свест, ама само со добро реализирани проекти во делот на почист воздух, здрава храна, повеќе зеленило наместо бетонизација која ја врши урбаната мафија, и која е најчесто од машки род и малку потешко ‘ќе се договори’ со жените. Едноставно жените треба да работат повеќе и понапорно за да биде вреднуван и повисоко оценет нивниот труд. Тие нешта на Балканот потешко се менуваат, иако, ако се угледаме на соседството, напредок има", оценува Марковска.

Каков отпечаток?

Доминацијата на машкиот пол е првиот „отпечаток“ кој ќе остави белег на локалните избори. Но партиите не се многу загрижени за тоа. Во доминантно машкиот свет на политиката, повеќе се заинтересирани за техничките перформанси во обезбедувањето на фер и демократска процедура: употребата на терминали за читање отпечатоци од прсти, кои за првпат ќе бидат употребени на овие избори. И тоа навистина е единствена новина. Сѐ друго е веќе видено и слушнато - речникот, слоганите, критиките, па дури и општините во кои партиите официјано ќе ја почнат кампањата. За ВМРО-ДПМНЕ стартот традиционално е резервиран за Охрид. СДСМ централниот настан го закажа во Битола, Беса во Скопје, ДУИ во Гостивар, а Алијанса за Албанците и Алтернатива во скопски Чаир. 

Со потпишување на Кодексот за фер и демократски избори, политичките партиите се обврзаа на демократски изборeн процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Инклузивноста во однос на родовата застапеност, сепак, не го положи испитот.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми