Локвенец: Од УБК баравме податоци за опремата, но не добивме
31 март 2016Како е можно Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање (АР) да немала никаков увид и сознанија што се случува со опремата во МВР? Ова е прашањето што се поставува од јавноста и безбедносни експерти, откако вчера Специјалното обвинителство во рамките на истрагата за предметот „Тврдина“ соопшти дека има основани сомневања дека во првата половина на 2015 година биле уништени два системи за следење на комуникации во сопственост на МВР.
„Со право се поставува тоа прашање“, вели Хари Локвенец, претседател на Комисијата за надзор над работата на УБК и на АР. Оваа собраниска Комисија, која има осум членови и исто толку заменици, има обврска да ја контролира работата на УБК и АР од аспект на почитување на правата и слободите на граѓаните, законитоста во работењето, пречекорувањето на овластувањата и други злоупотреби, но и обврска за контрола врз нивната материјална, кадровска и техничка опременост. Зошто Комисијата немала увид во техничката опременост на УБК?
„Ова прашање Комисијата го отвори на првата седница одржана есента минатата година“, објаснува Локвенец.
„Побаравме УБК да ни достави список на опремата затекната во 2006 година, на опремата набавена во меѓувреме, на расходуваната опрема, како и податоци за севкупната опрема која во моментот функционира во УБК. Побаравме да ни бидат доставени и сите технички карактеристики за опремата и упатството за нејзина употреба, дадено од производителот. Тоа ни беше потребно како елементарен минимум, за да се подготвиме за контрола во УБК. Но, од таму добивме само еден смешен документ кој не содржеше ништо од тоа што го побаравме“, вели Локвенец.
На кафе во УБК
Ваквиот „одговор без одговор“ бил нотиран на седница на Комисијата и во континиутет било барано УБК да ги достави побараните податоци. Но до денес таков одговор од УБК не стигнал до Комисијата.
„Дури по она што вчера СЈО го соопшти за предметот 'Тврдина', го добивме одговорот на сомнежите и причините зошто досега не било одговорено на нашето барање“, констатира Локвенец.
Иако Комисијата во изминатите шест месеци два пати ја посети УБК, членовите ни тогаш немале можност да видат со каква техника располага Управата.
„Првата посета беше запознавање со организациската поставеност на УБК. Тоа беше еден вид 'подготвителна средба' за следната, на која всушност требаше да извршиме надзор врз техничката опременост на Управата и начинот на нејзиното користење. Затоа и ги баравме податоците за опремата. Во меѓувреме, по барање на ВМРО-ДПМНЕ се одржа уште една средба во Управата, но тоа беше тематски состанок поврзан со закани за тероризам. Оттогаш немавме друга средба, ниту ги добивме оние минимум информации за тоа каква опрема поседува УБК. А без тие податоци, реално немавме никаква можност за суштинска контрола врз тамошните технички капацитети. Не сакавме формално да одиме во УБК за да испиеме кафе и да речеме дека сме ја оствариле контролната функција“, објаснува Локвенец.
Тој најавува дека утре (петок), Комисијата ќе одржи седница на чиј дневен ред се извештаите за работа на АР и УБК за 2015 година, и планот за работа во 2016 година само на УБК, бидејќи АР немала обврска да доставува план за работа.
Според Локвенец, за да не се прават импровизации во иднина и за да се обезбеди суштинска контрола врз УБК и АР, тој смета дека во Комисијата треба да се ангажираат и експерти кои имаат стручни познавања на ресурсите што ги користат овие безбедносни институции.
„Членовите во Комисијата не се стручни за техничкиот аспект на контролата. Мој предлог е да ангажраме експерти, кои ќе можат да одговорат и на стручните предизвици, а не само на политичките“, сугерира претседателот на Комисијата.
Опремата уништена или преселена?
Но, основаното сомнение на СЈО дека минатата година биле уништени два системи за следење на комуникации, во јавноста отвори други сомнежи. Во безбедносни кругови се поставува прашањето дали системите навистина биле уништени или можеби само преселени на други локации, каде и натаму ќе бидат користени и злоупотребувани од политички центри на моќ. Тие сметаат дека е неопходно со вештачење да се утврди дали на отпад завршиле тие системи или друга непотребна техничка опрема, која не е наменета за следење на комуникациите. Ваквите сомневања вчера ги потенцираа и од движењето „Беса“, со став дека „уништената“ опрема за прислушување е потенцијална опасност за државата.
„Зошто поранешната министерка Гордана Јанкуловска и други во МВР ја прогласија за неважечка и застарена опремата за прислушување, под изговор дека треба да се уништи? Како може да се нареди уништување на една софистицирана опрема за прислушување со вредност од над 10 милиони евра? И покрај тоа што постои сомневање дека уништувањето на опремата е направено за да се избришат прелиминарни дела, кој може да гарантира дека оваа опрема е навистина уништена и дека не е во рацете на некоја определена група или субјект, кои ќе ја употребуваaт за да ги прислушуваат граѓаните на Македонија?“, праша Билал Касами од „Беса“.
Правдата доаѓа
Се очекува одговорите на овие прашања да ги даде истрагата. Во правосудни кругови прогнозираат дека многу лица од МВР сега може да се охрабрат да сведочат за овој случај, особено откако началникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој е првоосомничен во предметот „Тврдина“, од синоќа е во 30 дневен притвор. Тој вчера во 13 часот дојде во Основниот суд Скопје 1 на распит кој траеше речиси осум часа, а оттаму излезе со лисици на рацете. Судијата Јован Лазаревски, кој претходниот ден го одби барањето за претрес во домот на Грујевски, овојпат го прифати барањето на СЈО за изрекување на мерката притвор.
„Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1- Скопје, постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за определување мерка притвор за осомничениот Г.Г., по денешното сослушување на осомничениот кој самиот се јави во судот, а во присуство на негов бранител и обвинител од наведеното обвинителство, донесе одлука со која го прифати предлогот на обвинителството за определување мерка 30-дневен притвор“, соопшти Судот.
Ова е првиот притвор кој „падна“ откако СЈО отвори истрага за три случаи. Со оглед дека во јавноста доминираа прогнозите дека и ова барање за притвор ќе биде одбиено од Судот, изненадувањето сега е големо, а огромна надежта дека правдата ќе заживее во Македонија. За тоа сведочат и првите коментари на социјалните мрежи: „Има шанса за правдата“.., „Почнува да се демонтира системот на криминалците“.., „Иако е само почеток, ова е знак дека има надеж за нас!“