1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лонгбордингот е „ин“

Јохен Ломан / Елизабета Милошевска Фиданоска2 јули 2012

За да се биде „кул“ ова лето, треба да се има и соодветно превозно средство. Тоа не мора да биде „бесен“ автомобил - доволен е и лонгбордот, кој е десетици, па и стотици пати поевтин!

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Штица, две оски, четири тркала - повеќе не ви е потребно за ова лето да се движите низ улиците. Таканаречените лонгборди имаат поголеми и помеки тркала и поголеми растојанија меѓу оските отколку скејтбордите. Така се возите постабилно и побезбедно.

Лонгбордите се долги до метар и половина и со тоа се често значително поголеми отколку класичните скејтборди. Ненси Шваде вози лонгборд веќе десет години и за скејтбордите вели: „Тие се многу пократки и не се толку комотни. Лонгбордот е нешто како возење лимузина и едноставно е порелаксирачки за мене. Скејтбордот ми беше секогаш стресен.“

Во Германија има повеќе од 20.000 лонгборд-возачи. Бројот се зголемува и натаму. Лонгбордот е создаден во 1960-тите години од страна на американските сурфери како алтернатива за сурфање, на суво. Сурферите едноставно монтирале тркала на своите штици за сурфање. Лонгбордот е предок на скејтбордот, но успехот на скејтбордите, кои се негова помала варијанта, го однесе во заборав. Сега тоа се менува. Сурферот Тоби раскажува:

„Со лонгбординг се занимавам кога не сум на вода, кога не сурфам. Тогаш можам да возам скејтборд, но да се скејтува значи повеќе да се служите со трикови и тоа не ми е толкаво задоволство како лонгбордингот. Со него возењето е помеко и ве носи.“

Од спортскиот тренд се создаде и стопанска гранка. Во Германија има повеќе од петнаесет фирми кои изработуваат лонгборди. Тие за почетници чинат од 150 евра нагоре. Во април излезе од печат и првиот магазин за лонгбординг во Германија. Редакцијата и продавачите на лонгборди претпоставуваат дека уште ова лето бројот на возачи на лонгборди двојно ќе се зголеми. Еден од пионерите на оваа сцена е Франк Зомер, поранешен учител по кајт-сурфинг. 50-годишниот Зомер веќе десет години го има форумот longboardz.de, кој има 14.000 членови и е најголем во германското говорно подрачје:

Лонгбордот се родил од штица за сурфање - се ставаат две оски и тркала и готово е!Фотографија: Fotolia/Coqrouge

„Онлајн-шопот и форумот толку бргу пораснаа, што морав да се иселам од станот и се одлучив да отворам продавница.“

На Зајтенштрасе во берлинскиот кварт Вединг веќе две години доаѓаат муштерии од цел свет. Има од 20-годишници до 60-годишници. Токму почетниците знаат да го ценат чувството на сигурност на големите штици.

За Франк Зомер особено е возбудливо возењето по надолнина, како овде, на Тојфелсберг во Берлин, на место забрането за автомобили. Максималната брзина на лонгбордот е до 130 километри на час.

Притоа е важно да се има вистинска опрема - кацига, штитници на колената и лактите и ракавици. Дури и професионалците, како Петер Маркграф и Нилс Кнуц, кои имаат големо чувство за рамнотежа понекогаш паѓаат од штиците. Вицешампионот во Лонгборд Денс, Нилс Кнуц, објаснува:

Лонгбордерите тврдат дека возењето со скејтборд не е толку „мазно“Фотографија: Per Liljas

„Паѓањето е дел од возењето, може да се случи секогаш. Тоа мора да му биде јасно секому кој се качува на бордот.“

Шампионот во оваа дисциплина Петер Маркграф надополнува:

„Паѓањето не е предпрограмирано, но може да се случи токму кога се испробуваат нови работи. Затоа, токму тогаш е важно да се носи кацига.“

И во Германија всушност секогаш е важно да се вози на тротоар, иако полицијата, барем во Берлин, ретко ги запира лонгбордерите. Во други европски земји тие смеат да возат и на улица.

„Кога сте на штица, со слушалки во ушите, сонцето ве грее, а вие ги вежбате триковите, тогаш сте концентрирани на тој момент и тоа е едноставно извонредно“, вели Маркграф.

Мазен асфалт и малку аплауз како пред берлинскиот Олимписки стадион. Некои од лонгбордерите од среќа речиси слушаат шумолење на брановите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми