1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон го прекршува договорот за Брегзит

агенции
15 јуни 2022

По неколкумесечни закани, на повидок е ескалација на спорот меѓу Велика Британија и Европската Унија. Лондон има намера еднострано да ги промени правилата за Брегзит околу Северна Ирска.

Großbritannien | Brexit - Proteste in Nordirland
Фотографија: Brian Lawless/PA Wire/dpa/picture alliance

Британската министерка за надворешни работи Елизабет Трас се обиде, но безуспешно. Во телефонските разговори со нејзиниот ирски колега Сајмон Ковени и претставниците на ЕУ, таа се обиде да ја протурка британската позиција за т.н. „Северноирски протокол“. Но, од приближување на ставовите засега нема ништо. Потоа, конзервативната влада во Лондон го објави својот предлог-закон со кој практично се предвидува суспендирање на делови од Северноирскиот протокол договорен со Брисел.

Со овој потег не се прекршува ниту еден закон, рече шефицата на британската дипломатија. „Во Северна Ирска се соочуваме со сериозни проблеми, а со овој закон се враќаме на принципите на Договорот од Белфаст, кој треба да донесе стабилност“. На тој начин, во исто време, Велика Британија го штити внатрешниот пазар на ЕУ, се придржува до клучните принципи на протоколот за Северна Ирска и јасно дејствува во рамките на меѓународното законодавство, додаде Трас.

Поедноставна трговија 

Британската влада наведува четири точки кои треба да ја поедностават трговијата меѓу Северна Ирска и Велика Британија. „Зелената лента“ предвидува укинување на царинските контроли на оние стоки што остануваат во Северна Ирска - а Европската Унија стравува дека шверцерските патишта може да процветаат.

Според британската влада, компаниите треба да имаат избор - дали да понудат стоки на пазарот во Северна Ирска според правилата што важат во Велика Британија или во Европската Унија.

Покрај тоа, Северна Ирска треба да има корист од истите даночни олеснувања како и остатокот од Обединетото Кралство. Конечно, споровите треба да се решаваат преку независна арбитражна постапка, а не пред Судот на ЕУ.

ЕУ се заканува со последици

Европската Унија, а пред се Република Ирска, која е директно засегната од најавите на Лондон, едностраните измени на Договорот за Брегзит ги сметаат за кршење на меѓународното право. Ирскиот министер за надворешни работи Ковени изјави за Би-Би-Си: „Обединетото Кралство вообичаено беше пример за почитување и одбрана на меѓународното право“. Земјата сега ја уништува својата репутација, додаде тој: „Се движиме кон нова најниска точка во ирско-британските односи“.

„Едностраните мерки ја поткопуваат меѓусебната доверба“, рече копретседателот на Европската комисија Марош Шефчовиќ. Тој забележува дека Брисел ја регистрирал одлуката на британската влада со „голема загриженост“. Во секој случај, ЕУ смета дека едностраните промени во текстот на договорениот договор се кршење на меѓународното право.

Шефчовиќ додаде дека за почеток ќе се реактивира правната постапка против британската влада, која беше покрената во март 2021 година: „Ја прекинавме постапката во септември 2021 година, во духот на конструктивна соработка, со цел да се отвори простор за конструктивни решенија. Едностраната одлука на Обединетото Кралство директно ја нарушува таа намера“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази жалење за британската одлука: „Станува збор за вртење грб на сите договори што ги постигнавме меѓу Европската Унија и Велика Британија“. Американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен, го предупреди Лондон да не ги загрозува постигнувањата на мировниот договор за Северна Ирска, односно „да ги продолжи преговорите со ЕУ во духот на добрата соработка“.

Во Вашингтон владее чудење поради британските потези. Џозеф Бајден, претседателот на САД со ирски корени, редовно предупредуваше за штетноста на едностраните потези на Лондон во однос на Протоколот. За очекување е дека последните одлуки на Лондон нема навистина да го забрзаат склучувањето на билатералниот пост-Брегзит трговски договор меѓу Велика Британија и САД.

Борис Џонсон ги минимизира најновите потезиФотографија: Jon Super/AP Photo/picture alliance

Џонсон: Се работи само за детали…

Британскиот премиер Борис Џонсон  предупреди на можноста од прекумерна реакција од Брисел, на пример ако ЕУ на британските планови реагира со трговска војна. Впрочем, додаде тој, се работи само за детали.

Колку Протоколот за Северна Ирска ѝ штети на економијата на Северна Ирска воопшто? Мислењата за ова се различни. Северна Ирска е истовремено дел од внатрешниот пазар на Европската Унија, но и од британскиот пазар. Обемот на трговија преку ирско-ирската граница значително се зголеми откако беше договорен Северноирскиот протокол.

Предупредување на трговците од Велика Британија

Британската асоцијација на трговци (ЦБИ), која ги застапува интересите на околу 190.000 компании од таа земја, предупредува дека унилатералниот потег на британската влада може да ги спречи инвестициите, така што кршењето на законот може да создаде клима на несигурност, слична на Брегзит фазата.

Опозицискиот лидер Кир Стармер од Лабуристичката партија исто така го критикуваше предлог-законот: „Има мали проблеми, но можеме да ги решиме на преговарачка маса - со доверба. Но, ние ја немаме таа доверба во актуелниот премиер“.

Не сите во пратеничката група на владејачките конзервативци се за предлог-законот. Дел од Ториевците оценуваат дека тоа е „целосна глупост“ и бараат повеќе зближување со Европската Унија или дури, поради инфлацијата и лошите економски показатели на земјата, се залагаат за враќање на Велика Британија во внатрешниот пазар на ЕУ.

Владата во Лондон се надева дека кралицата би можела да го потпише Законот за Северна Ирска пред летниот распуст, а критичарите очекуваат повеќемесечни тензии во парламентот.

Формирање влада во Белфаст

Спорот околу Северноирскиот протокол продолжува да го блокира формирањето  влада во Белфаст. Уште пред министерката Трас да го претстави предлог-законот во парламентот, Лондон побара од пробританската партија ДУП конечно да овозможи формирање на владејачката коалиција по изборите одржани на почетокот на мај. Досега ДУП ја отфрли можноста за учество во владата со образложение дека најпрво мора да се „урне“ штетниот  Северноирски протокол.
Нивниот пратеник Семи Вилсон, пак, рече дека неговата партија сега сака најпрво да види дали навистина ќе биде усвоен најавениот британски закон.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми