1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон, престани да кочиш!

Барбара Везел
28 септември 2016

Британците повторно се закануваат со блокада. Овојпат станува збор за заедничката одбранбена политика на Европската Унија. Сакаат ли тие воопшто да ја напуштат Унијата?, прашува Барбара Везел, автор на следниов коментар

Bosnien EUFOR
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Hidajet Delic

Речиси 20 години во ЕУ се зборува за тоа дека би требало подобро да се соработува во областа на одбраната. И има веќе и неколку успеси: на пример, трупите за брзи интервенции, кои, дудуша, сѐ уште не излегле на терен. Или соработка во областа на воздушниот транспорт, но тука за жал соработуваат само 7 земји. Јасно е дека соработката може да се подобри. Бидејќи дури и кога земјите членки на ЕУ заедно располагаат со повеќе војници и заедно трошат повеќе пари за одбрана отколку САД, на крајот резултатот е бедна неефикасност.

Одбраната како заеднички проект?

Граѓаните се збунети и сакаат силна одбрана- тоа е заклучок кој може да се извлече од последните успеси на популистичките партии во Европа. Тоа сигурно важи за заштитата на границите, а освен тоа сигурно ќе наиде и на поддршка- освен кај оние пацифисти кои сѐ уште веруваат во европскиот „Soft-Power" без употреба на оружје како и кај кај новите ултра-националисти. Иако притоа токму унгарскиот десничар Виктор Орбан е единствениот кој сонува за европска војска- веројатно во строга христијанско-западна традиција...

Дали заедничката одбрана ќе помогне во оживување на вербата во Европа, е дискутабилно. Никој не се фали со воодушевување за војска, тоа останува нужно зло. Сеедно ЕУ мора конечно да стане подготвена за делување, во секој случај кога станува збор за катастрофи и цивилно-воени мисии. И кога Британците веќе нема да бидат во европското друштво, тогаш останува само Франција како подготвена и истовремено способна воена сила во Европа: тој товар Париз на долг рок нема да сака да го носи.

Барбара ВезерФотографија: DW/G. Matthes

Соработката е неопходна и разумна

Поминаа старите времиња во кои беше доволно само да се повикаат САД за да се започне некоја помалку или повеќе потребна интервенција некаде во светот. Воопшто не мора да се чека Доналд Трамп да стане претседател на САД. Европа мора да биде способна да се брани самата себе си и своите вредности во случај на потреба и по воен пат. А вечните забелешки дека НАТО не смее да се „минира“ или да се создаваат двојни структури го заобиколуваат вистинскиот проблем. НАТО и во иднина ќе ја игра својата улога во одбрана на територии, но ангажманите, на пример, околу осигурување на бегалските кампови, борба против терористичките групи и многу други работи не се задачи на НАТО.

Соработката во областа на одбраната во Европа е разумна идеја, штеди пари и ја зајакнува политичката ефикасност. И покрај сето тоа може да ја поттикне и интеграцијата, бидејќи на крајот од краиштата тоа е проект кој обединува- за разлика од бегалската политика.

Бритаците конечно мораат да се држат настрана

Велика Британија со години ја блокираше соработката во областа на одбраната. Секогаш упатуваше на НАТО, но тоа всушност беше израз на еден начелен анти-европски импулс. Кога знаеме дека минатата недела во британскиот печат отпорот кон наводната европска војска беше сеприсутен, тогаш тоа јасно покажува каква слика за (вистинските) непријатели има во тамошните глави. Но сега Велика Британија е на пат на излез од ЕУ. Се работи само за тоа на кој начин и кога тоа ќе се случи. А тоа значи дека Лондон би требало да седи настрана од сите проекти кои се однесуваат за иднината на ЕУ. Британците долго ги кочеа работите, а ако сега во текот и по одлуката за излез од ЕУ сакаат да ја спречат ЕУ во нејзиниот натамошен развој, тогаш тоа е бесрамно. Време е за една мала уцена- или да го наречеме „бизнис“ од заеднички интерес: Велика Британија сака добри услови за излез од ЕУ? Тоа ќе успее само ако Британците конечно повеќе  не ја  блокираат европската иднина!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми