Лоши пораки на линија Скопје-Тирана
28 ноември 2012Одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да не замине во Тирана е соодветна и правилна реакција, коментира поранешниот амбасадор Ристо Никовски. Според него, инцидентот во Тирана за време на посетата на премиерот Никола Груевски не е единствената причина. Влијаеле и последните настани во Скопје за време на сеалбанската прослава во саботата кога според Никовски се случила тешка политичка провокација:
„Среде Скопје дојдоа премиерите на Албанија и Косово на манифестација на која се игнорираше македонската држава. Немаше ниту еден белег дека тоа што се случува, се случува во Скопје и на некој начин како што сметаат некои коментатори, а и јас, се обележуваше албанската територија со знамиња во Кичевско кои рекоа дека никогаш нема да ги тргнат и така натаму. Имам впечаток дека се повампирија сеништата на минатото на Балканот и дека Албанија и Тирана почнува да се вклучува во една игра очигледно на сигнали преку „барата“, дека македонското прашање е пред затворање и дека секој може да направи се што може за да профитира што повеќе. Тоа се погрешни калкулации и мислам дека што поскоро западот и главниот меѓународен фактор сфатат дека не може да си играат со Македонија и Македонците тоа ќе биде подобро и за регионот и за Македонија“, смета Никовски.
Лоша порака за Албанците
Наспроти него, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека потегот на Иванов е лоша порака за Албанија и за Албанците воопшто:
„За Албанија ова е една од најголемите прослави кои Албанија ги слави во последните 20 години. И да се одбегне учество со таков изговор и на таква прослава, мислам дека е непримерно и сигурно дека ќе влијае лошо врз односите со Албанија, Косово и целата албанска јавност. Инцидентот што се случи со премиерот Груевски во споредба со инцидентот со претседателот на Грција Папуљас, или Меркел во Германија е минорен. Имаше реакција од албанската влада, така што мислам дека не е баш умерен и правилен одговор. Можеше да се најде некој поинаков изговор“, коментира Муслиу и додава дека ова може да ја стави во незавидна положба десницата во Македонија за време на претседателските избори кога ќе треба да бара поддршка од албанскиот електорат.
На денешната прослава во Тирана по повод празникот „100 години од независноста на Република Албанија“ ќе присуствува министерот за одбрана на Македонија Фатмир Бесими, а на централната воена парада ќе маршираат тројца офицери на АРМ со државното знаме на Македонија.