1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лубриканти за НАТО и ЕУ

10 октомври 2018

Пред очигледниот замав на руско влијание во регионот, и стравот на ЕУ и НАТО од такво сценарио, да тврдиме дека Македонија може таквиот расплет да го дочека безбедна, ако не влезе во НАТО и ЕУ, е трансцедентална глупост.

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Прочитав некаде дека ќе се набавувале лубриканти како превенција и заштита од ХИВ вирусот. Ако може, да предложам да се подели и по некое пакување за учесниците во расплетот на кризава. Вака на суво многу ќе боли.

Како и секогаш, изгледа дека само преку носење на ситуацијата до нејзиниот конечен апсурд, само преку играње на самиот раб на бездната, можеме да се надеваме на некаков напредок или пробив во менталната матрица на политичкиот дискурс. Во духот на најдобрата инаетџиска традиција, спротивно на сите геостратешки и светски движења, која ја покажавме во целиот свој сјај за време на референдумот, ние ете ќе успееме толку да ја искомплицираме ситуацијата, што целата судбина на општеството ќе ја заложиме на успехот на два гамбита – појавата на луцидност кај дел од пратениците на опозицијата, или појавата на луцидност кај зголемен дел од електоратот при евентуални нови избори. Јода би рекол: ако досега пораката јасна не беше, зошто појасна во иднина очекуваме да стане таа?

Секако дека носењето на контрастот во зенит на политичкиот апсурд ни станува лајтмотив.  Во истата недела (нареднава), на пример, ем ќе почнуваме преговори со НАТО, ем ќе гласаме дали да се отфрли договорот со Грција. Да споделам уште неколку вакви апсурди, колку чекањето во ред за лубриканти да не помине здодевно.

Фотографија: DW/F. Schmitz

Врв на политичката иронија

Опозицијата вели: власта е виновна за неуспешниот референдум. Значи, истата партија која прва побара референдум, што СДСМ го прифати како политичко ветување, сега вели дека за таквиот референдум власта била виновна? Мицковски направи сѐ за референдумот да пропадне, а Заев направи сѐ за тој да успее, и сега, ако прифатиме дека пропаднал, тоа е, некако, вина на Заев? Истовремено, Мицковски дели заслуги за неуспехот на гласањето за себе, а вина за истиот феномен, кај власта.  Генијално, нема што.

Понатаму, тезата дека цензусот, а не резултатите, се мерило за легитимноста на референдумот е исто така врв на политичката иронија. По таа логика, ако на референдумот, наместо 40.000 гласови против, имаше 400.000 гласови против, т.е. десет пати поголем отпор, тогаш сѐ е во ред, нема проблем, и ВМРО ДПМНЕ уредно ќе ги гласаше, и договорот, и уставните измени. Тоа е во најдобра рака, теза за со лубриканти. 

„Ние не бевме вклучени во преговорите” – уште една мантра која е дотолку апсурдна, колку што се тактички катастрофални потезите на „истекување” на записници од кабинетот на Иванов во обид да се наштети на позицијата на власта во моментов. Добронамерен совет за саботерите: јавноста знае дека навистина се преговарало, и дека сегашната власт била расположена за сите опции (маневрирајќи притоа или не). Нема со доказ за „попустливоста” на преговарачите да им наштетите – тоа јавноста веќе го знае (и потајно го очекува). Напротив, со овие документи имаме најдобар доказ дека овие кои сега се „запенети” против компромисот, со контурите и дилемите од истиот биле и тоа како запознаени „до гуша”.  На крајот, претходните 11 години, тие не преговарале?  Не знаат како стоеле работите? Ако во претходните две децении нивните обиди за решение не биле трик, тогаш и тоа како се запознаени со процесот. Сега да се однесуваат како паднати од Марс, се граничи со политички аутизам.

Други колумни од авторот: 

Расипувачи на забавата

Мицкоски има став дека нема став

Колку пати ќе се спасуваме?

Референдум - ден потоа

Апсурдни услови

Исто така се забавни и условите за нови избори. Се изнедри мудроста на опозицијата, со барања „а ла карт”. Ситни работи, во основа: Заев оставка, договорот аут, СЈО да се укине. Значи, имајќи предвид дека со 100 дена техничка влада роковите со Грција се невозможни, останува Заев да се врати назад во времето за да даде оставка. Потоа, уште да се откаже од двата столба на целата негова политичка стратегија, а тоа се договорот и СЈО, и после можеме на избори? Со други зборови, договорот заради кој би оделе на избори, ако сака избори, Заев однапред да го отфрли?  Па зошто тогаш би сакал избори?  На крајот, малку пошироко гледано, не гледам зошто Мицковски би ги добил истите услови за избори кои Заев ги добил против Груевски. Ситуацијата и поведението на партиите не се исти како тогаш, за да бидат потребни истите заштитни механизми. СДСМ не се заканува со воена состојба, со убивање пратеници, со насилство, дестабилизација и метастаза на државата во институциите. Форматот на пржинската влада беше исклучок, создаден да ја надмине конкретната ситуација во која со Груевски на чело на Владата беше невозможно да имаме фер изјаснување на граѓаните. Ако сега нема такви закани по демократијата, нема ни потреба од такви решенија.

Треба да ни биде јасно дека апсурдот не е ниту во форматот на изборите, ниту во роковите, ниту, на крајот, во договорот. Проблемот е во неможноста за исчекор, во стравот од успех. Погледнете ја само еволуцијата на лагите: (1) немало „македонски” во договорот – се покажа дека е лага, (2) јазикот ќе бил непреведен – повторно неточно, (3) ќе сме се викале Северномакедонци – пак погрешно, (4) амандманите се кријат, биле договорени – пак статива, (5) сега најново, „и сѐ да направиме, пак нема да нѐ примат” (ако овие гаранции не се доволни, можеби на нотар со крв да потпишат).  Не знам како, по серија глупости, повторно се фаќаме на истата стапица, од истите извори кои се покажаа погрешни за секое едно тврдење врзано за овој процес во минатото.

Фотографија: DW/B. Georgievski

Трансцедентална глупост

На крајот, искрено сум во неверица од противниците на договорот кои велат: ако пропадне договорот, никому ништо, „panta rhei”. По разговорите за поделба на територии и население во Косово, по победата на Додик во Босна, пред очигледниот замав на руско влијание во регионот, и јасниот страв на ЕУ и НАТО од таквото сценарио, да тврдиме дека Македонија може таквиот расплет да го дочека безбедна, ако не влезе во НАТО и ЕУ, е трансцедентална глупост. Притоа, никој не формулира алтернативен план, дури ни на козметичко ниво. Целиот наратив врзан со бејрутизацијата на регионот под влијание на Русија е, во основа, негативен. Ниту еден од пропонентите на овој правец не тврди дека таму ќе ни биде подобро, дека ќе имаме повеќе можности, повеќе слобода, подобар живот. Напротив, тие велат, „ќе јадеме корења”. Тој наратив за мене е врвот на нашава политичка перверзија. Значи, ние би требало свесно да одлучиме да се мачиме (перспектива која натофобите не ја кријат), само за, претпоставувам од инает, да ја спречиме перспективата на ЕУ и НАТО, за која и нејзините опоненти признаваат дека е подобра.  Значи, свесно, од инает, да го одбереме полошото. И после, ни требале лубриканти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми