1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лукашенко - промена на диктаторот во демократ?

Роман Гончаренко/З.Јордановски9 октомври 2015

По ослободувањето на политичките затвореници Лукашенко би сакал неговиот реизбор за претседател на Белорусија да изгледа чист. Тој се надева на приближување со Западот. Но, останува неговиот авторитарен систем на власт.

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Gapon

Сето навестува рутинска победа: во анкетите Александар Лукашенко стои многу добро, неговите противници слабо, па претседателот на Белорусија, кој од 1994. година владее со цврста рака со некогашната советска република, може на изборите в недела релаксирано да ја очекува својата петта победа.

Но, неколку недели пред гласањето токму Русија, најблискиот сојузник на Лукашенко, внесе мешаница во предизборната кампања. Моксва ги конкретизира своите планови да гради воздухопловна база во Белорусија. Во фонот на војната во соседна Украина, во анкетите речиси половината (45 проценти) од Украинците се против тоа. Опозицијата се обиде да ги мотивира луѓето на улични протести. Во вторникот Лукашенко необично остро ја критикуваше Русија и рече дека на неговата земја не и’ е потребна таква база.

Лукашенко веќе не сака да биде „последен диктатор во Европа“

Но, рускиот план веројатно нема многу да влијае врз победата на Лукашенко. Тој сака да се ослободи од имиџот на „последен диктатор во Европа“. Во интервју за агенцијата Блумберг во април годинава рече: „Има полоши диктатори, нели? Јас сум помалото зло“, алудирајќи на рускиот претседател Путин. Од избивањето на украинската криза Лукашенко се’ поретко го нарекуваат „диктатор“.

За разлика од изборите во 2010. година, овој пат тој не остава простор за сомнение дека ќе победи. Пред пет години во главниот град Минск имаше протести, кои ги разби полицијата. Повеќемина водачи на опозицијата беа уапсени и осудени на долгогодишни затворски казни. ЕУ воведе санкции, забрани за влез и блокади на банкарските сметки на политичари и бизнисмени од Белорусија. Лукашенко беше изолиран од Западот.

Украинската криза политички искористена

Но, 61-годишниот претседател на Белорусија ја искористи кризата во Украина за да ја разбие таа надворешно-политичка изолација. Минск стана место за разговори меѓу украинската влада и проруските сепаратисти. Кон крајот на август Лукашенко ненадејно помилува повеќемина затворени опозициони политичари. ЕУ го поздрави таквиот развој. Сега Белорусија мора да го направи наредниот чекор и да одржи демократски претседателски избори, беше речено од Брисел.

Претседателските кандидати на изборите во БелорусијаФотографија: DW/E.Danejko

Од украинската криза Лукашенко профитира и внатрешно-политички. Во изборната програма тој скицира две опции за Белорусија: стабилност или хаос. Пораката е: кој не сака „револуција, крв и војна“, треба да гласа за него. Очигледно сметката му е точна: за 48 проценти од Белорусите најважни приоритети се мирот и стабилноста, утврди белорускиот институт за испитување на јавното мислење НИСЕПИ, со седиште во литванскиот главен град Вилнус. „Настаните во Украина беа најважниот фактор кој влијаеше врз внатрешно-политичките ставови на населението во Белорусија“, рече за ДВ основачот на институтот, социологот Олег Манаев. Според него, од страв од настани како во Украина, народот застанал зад Лукашенко.

Санкциите го зголемија економскиот притисок

Социолози како Манаев предвидуваат победа на Лукашенко со двотретинско мнозинство. Освен него, право да настапат на изборите добија уште тројца кандидати, за прв пат и една жена. Раскараната опозиција не можеше да се договори да настапи со единствен кандидат, па затоа некои политичари од опозицијата, како Александар Лебедко, ги повикаа граѓаните да ги бојкотират изборите. Тој самиот сакаше да се кандидира, но не успеа да ги собере за тоа неопходните сто илјади потписи.

Набљудувачи сметаат дека причините за гестовите на Лукашенко спрема Западот се економски: земјата има проблеми и руската помош веќе не е доволна. Наскоро ќе се покаже дали ќе биде исполнета надежта на Лукашенко - рокот за санкциите од ЕУ истекува на 31.октомври. Линас Линкевициус, литвански министер за надворешни работи, уште кон крајот на август се изјасни за нивно олабавување. Оливер Качмарек, пратеник на СПД во Бундестагот и член на германско-белоруската парламентарна група, е скептичен: „Во моментов се’ уште не постои никаква причина да се верува дека во Белорусија се вратија демократски состојби. Но, ги примаме позитивните сигнали со ослободувањето на политичките затвореници“. Сега, вели Качмарек, ќе видиме како ќе поминат изборите. „Не треба да се верува дека белорускиот владетел одненадеж се промени и стана демократ“, вели Александар Класковски од онлај-порталот Naviny.by и укажува дека Лукашенко и натаму сам владее.

Русија останува најсилен партнер

Доколку навистина наскоро дојде до приближување меѓу Белорусија и ЕУ, Лукашенко не би сакал тоа да биде сфатено како вртење кон Западот. „Ние секогаш бевме заедно и уште долго ќе останеме заедно“, рече тој на една конференција, мислејќи притоа на Русија. Набљудувачите сметаат дека Русија ќе остане негов најсилен партнер, но и оти таа има доволно средства за притисок за да може да ја спроведе идејата за воспоставување воздухопловна воена база во Белорусија. Двете земји се основачи на Евроазиската унија на почетокот на годинава. Со тоа би требало уште и да се зголеми и онака големата економска зависност на Белорусија од Русија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми