Курц ги дискредитира Австрија и ЕУ со поддршката за Груевски
30 април 2017Долга е листата на гревови на ЕУ кон Македонија, вели за австриската агенција АПА, пратеникот на Зелените во Европскиот парламент и потпретседателка на парламентот, Улрике Луначек. Меѓудругото, таа ги набројува грчкото вето кон Македонија, но и недостатокот на јасна ЕУ перспектива која можела да ја спречи ескалацијата на националистичката политика на Груевски.
Но, Луначек особено ја потенцира, како што вели, „неславната улога на австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц“, кој му даде отворена поддршка на Груевски на последните избори. Луначек наведува дека за време на случувањата во македонскиот парламент, Груевски бил во Виена на „пријателска средба“ со генералниот секретар на конзервативната ЕВП, Вернер Амон.
„Со тоа, Курц и ЕВП ги дискретираа Австрија и ЕУ, а се дискретираа и себеси и други членови на Европската народна партија како можни надпартиски медијатори за стабилноста на Македонија и на Западниот Балкан“, вели Луначек.
Австриската европратеничка бара од шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини и од комесарот за проширување Јоханес Хан, „активно да го поддржат формирањето на новата влада“, а на Груевски и на неговата партија јасно да им стават до знаење дека „мора да ја прифатат улогата на опозиција“.
„Покрај тоа, ЕУ мора да го зголеми својот ангажман на Западниот Балкан, а процесот на проширување да го позиционира како централен столб на стабилноста во регионот“, вели Улрике Луначек.