1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лустрацијата во Србија - пуст сон?

28 октомври 2010

Лигата на социјалдемократите од Војводина започна кампања во Србија за конечно да почне да се спроведува Законот за одговорност за кршење на човековите права, познат како Закон за лустрација, донесен во 2003 годинa.

Законот за отворање на досиејата на тајните служби никогаш не е донесенФотографија: picture-alliance/ dpa

Портпаролката на Лигата на социјалдемократите Александра Јерков за Дојче веле вели дека партијата се залага за продолжување на рокот на важење на законот од 2013 до 2023 година. Според Јерков, во Србија и денес на важните позиции во општеството седат многу луѓе кои учествувале во кршењето на човековите права во времето на режимот на Милошевиќ.

„Сметаме дека тоа се злосторства кои не застаруваат, коишто не смеат да застарат. Имаме закон, треба да му се продолжи важењето до 2023 година и треба да се спроведе“, истакнува Јерков.

Политичката елита на сака лустрација

Директорката на младинската иницијатива за човекови права во Србија Маја Мичиќ, оценува дека шансите се мали во Србија да дојде до лустрација, особено ако се земе предвид фактот дека од 5 октомври 2000 година до денес се помирија Демократската партија и Социјалистичката партија на Србија.

Законот за лустрација е донесен уште во 2003 годинаФотографија: AP

„Таа иницијатива ние повеќе ја гледаме како илузија, или утопија, отколку како реалност до која ќе дојде, освен ако во потполност не се смени политичката елита во Србија, и тоа не само во владејачката гарнитура, туку и во опозицијата, бидејки тие меѓусебно се менуваат, а всушност преземаат исти обрасци едни од други“, вели Мичиќ.

Извршниот директор на Комитетот на правниците за човекови права Милан Антониевиќ вели дека приказната за лустрацијата требало да заврши оваа година.

„Или на некој начин законот да се реактивира и да се направи обид за негова реализација или, од друга страна, тој закон да се укине, бидејки навистина е срамно за една држава да постои закон кој никој не се ни обидел да го имплементира“, вели Антониевиќ

Досиејата на тајните служби остануват затворени

Тој потсетува дека во Србија не е усвоен законот за отворање на досиејата на тајните служби, што според него, е еден од основните предуслови за примена на законот за лустрација.

„Самиот закон, повеќе или помалку, беше замрзнат поради тоа што немаше предуслови за негово спроведување, а еден од тие предуслови беше и законот за отворање на досиејата на тајните служби, кој никогаш не е донесен.“

Доколку се случи чудо и сепак и започне примена на законот, Маја Мичиќ смета дека тоа би било одлична порака за општеството.

„Тоа ќе биде порака до сите оние кои допрва треба да влезат во политиката, какви се правилата на игра: некој кој се занимавал со криминал, некој кој е поврзан со злосторства сторени во почетокот на деведесеттите години, нема да може да најде место во политичкиот и јавниот живот во Србија“, вели Мичиќ.

За разлика од поранешна Источна Германија, Чешка, Словачка или Полска, во земјите од поранешна Југославија лустрацијата не е спроведена, па така ни во Србија. Јавноста и натаму не знае кој се’ учествувал во масовни кршења на човековите права во текот на владеењето на Милошевиќ, но и во периодот на социјалистичка Југославија.

Автор: Динко Грухоњиќ / Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска



Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми