Луфтханза бара излез од штрајкот, но патниците извисија
7 ноември 2019По повеќемесечна пауза во преговорите, шефот на бордот на директори на Луфтханза, Карстен Шпор денеска соопшти дека е подготвен повторно да седне на разговори со претставниците на синдикатот на авионскиот екипаж, Уфо. Целта е да се постигне спогодба, која ја понуди синдикатот. Досега концернот ги одбиваше преговорите со аргумент дека раководството на Уфо не е овластен претставник. Синоќа бил одржан состанок со конкурентскиот синдикат Верди и новата Кабинска унија, но без присуство на Уфо. Одлуката на Луфтханза е сега да преговара со сите три синдикални групи, кои водат ривалска борба која од нив може да потпише тарифни договори со Луфтханза за околу 21.000 вработени како авионски екипаж.
Уфо е подготвен да седне на преговарачка маса со Луфтханза, но тековниот штрајк треба да продолжи непрекинато и утре, со тоа што нема да се проширува.
Од Уфо објавениот штрајк, започнат денеска, доведе до бројни откажани летови. 48-часовниот штрајк кој е предвиден до утре на полноќ, за последица има 1.300 анулирани летови, многу авиони на најголемите германски аеродроми - Минхен и Франкфурт останаа на земја, отпаднаа и повеќето прекуморски летови. Во внатрешниот авионски сообраќај, погодени се првенствено дестинациите до и од Минхен и Франкфурт. Вклучувајќи ги за утре планираните 600 сторнирања, според Луфтханза, ќе бидат засегнати околу 180.000 патници, на кои им се нудат алтернативни летови со други авиокомпании и во други денови, како и превоз со железница.
Синдикатот на авионскиот екипаж, Уфо, бара повисоки плати и додатоци, како и подобар достап на сезонските вработени до редовен работен однос.
Обидот на Луфтханза вчера по судски пат да го спречи штрајкот, беше неуспешен - судиите сметаат дека тој е навремено најавен и легален.