Луѓето може да ги заразат животните со коронавирус
Александер Фројнд
11 декември 2021
Луѓето инфицирани со САРС-КоВ-2 може да ги заразат домашните миленичиња. Обратен начин на инфекција е речиси исклучен, но тоа не важи за сите животни.
Реклама
Италијанските научници тестирале 540 кучиња и 277 мачки од домаќинства со корона-пациенти или региони многу погодени од корона, како Ломбардија. Кај 3,4% од кучињата и 3,9% од мачките се пронајдени антитела против вирусот.
Истражувањата на релативно голем број животни ја потврдуваат претпоставката дека домашните миленици може да се заразат од луѓето со САРС-КоВ-2, додека инфекција по обратен пат не е многу веројатна, зашто тестовите со земање брис од пределот на челуста, носот и грлото кај сите животни биле негативни. Тестовите врз животните биле правени во периодот од март до мај 2020 година.
Домашните миленици главно не го пренесуваат вирусот
За научниците ваквите сознанија се корисни. Томас Метенлајтер, претседател на институтот „Фридрих Лефлер“ (ФЛИ) вели дека резултатот не го изненадил: „Тоа го потврдува она што веќе го знаевме“, нагласува тој. Сепак, добро е да се има студија со толкав број домашни миленици. „Не е толку едноставно да се добијат проби (материјал за истражување, н.з.)“, вели Метенлајтер.
Студијата го потврди досегашното сознание на ФЛИ дека кучињата и мачките не играат улога во ширењето на САРС-КоВ-2. Клучен е преносот од човек на човек. „Сметаме дека по правило вирусот се пренесува од човекот на животните“, вели Метенлајтер.
Контактот на здрави лица со домашните миленици, според ФЛИ, не треба да се ограничува. Инфицираните луѓе би требало да избегнуваат контакт со домашните миленици заради сигурност.
Животните не умираат од инфекција со корона
Досега, вели Метенлајтер, нема докази дека животни починале од корона-инфекција. Дури и да се заразат, тоа не значи автоматски дека вирусот може да се размножува во телото на животното и потоа преку секретот од носот, преку кашлање или изметот да се исфрли надвор, велат од ФЛИ.
Освен тоа, како што се додава, нема укажувања дека свињи, кокошки или други домашни животни може да се инфицираат со САРС-КоВ-2. На институтот во моментов се спроведуваат тестови со различни видови животни.
Освен тоа, научниците истражуваат како вирусот стигнал на фармите за видри во Холандија и Шпанија и како се инфицирале речиси сите животни, односно дали вработените на фармите им го пренесле вирусот на животните, или пак животните го пренесле вирусот врз луѓето.
Заштита на орангутаните од Ковид-19
01:29
Заразата на фармите почна во април. При истражувањето, професорот Вим ван дер Поел од Универзитетот Вагинген утврди дека вирусниот геном пронајден кај видрите е сличен со оној кој циркулира кај луѓето.
„Претпоставивме дека е можно тој повторно (од животните) да се пренесува на луѓето“, вели Ван дер Поел. Тоа било случај кај најмалку двајца вработени на фармите.
Како мерка на превенција, на шпанската фарма за видри кај Ла Пуебла де Валверде по наредба на властите се убиени повеќе од 92.000 видри. Деведесет проценти од видрите биле заразени со коронавирус.
Во Холандија досега се убиени 1,1 милиони видри заразени со коронавирус, соопштија холандските власти надлежни за безбедност на продукти за потрошувачка. Во Холандија има околу 160 фарми за видри. Земјата е четврт по големина производител на крзно по Данска, Кина и Полска. Шпанија има 38 фарми за видри, од кои најголемиот дел се наоѓаат во Галиција.
Какви промени носи коронавирусот во производството на храна
Рестрикциите поради Ковид-19 пореметија бројни животно важни сектори, па и земјоделството. Пандемијата може да ги промени прехранбените синџири, од индустриско одгледување животни до пораст на урбано градинарство.
Фотографија: DW/K. Makoye
Откажување од масовно одгледување животни
Иако научниците не се сигурни како настанал Ковид-19, се смета дека последните вирусни закани предизвикани од свинскиот и птичјиот грип, својот зачеток го имале во големите фарми за свињи и кокошки. Со оглед дека постои корелација меѓу индустриското одгледување животни на тесен простор и ризикот од пандемија, можеби е време да се поразмисли околу индустриското одгледување животни.
Фотографија: picture alliance/Augenklick/Kunz
Месната индустрија во фокусот
Пандемијата ги рефлектираше и лошите услови во месната преработувачка индустрија. Во Германија постојат повеќе жаришта на коронавирус меѓу работниците во индустријата за месо, па дури повторно во карантин се ставени и два окрузи, откако преку 1550 вработени во кланицата „Тенис“ се инфицираа со коронавирус. Во целата бранша расте повикот за подобра регулатива.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen
Затворање фарми за диви животни
Експертите претоставуваат дека коронавирусот веројатно потекнува од диви животни продавани на рибен пазар во Вухан во Кина. По избувнувањето на пандемијата, Кина ја ограничи трговијата со диви животни и затвори речиси 20.000 фарми на кои тие се одгледуваа. Одделни кинески провинции на сопствениците им нудат државна помош во преориентација кон одгледување на растенија или свињи и кокошки.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Bernetti
Поотпорен сектор
Пандемијата предизвика индустријата, креирана за исхрана на глобалниот свет, во одделни случаи да се редуцира на локално ниво. Земјоделците мора да размислат како да се прилагодат на новата и несигурна иднина – од непречен пристап кон храна за животните до недостиг од работна сила.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Процут на урбаната агрикултура
Сѐ повеќе луѓе се принудени да поминат повеќе време дома, па се обидуваат да си произведат храна за себе. Долгорочно, тоа може да биде позитивен развој. Бидејќи до 2050 година две третини од светското население ќе живее во градовите, градското земјоделство е сѐ поважно, тоа штеди фосилна енергија за транспорт и нема толкава потреба од површини како конвенционалното земјоделство.
Фотографија: Imago/UIG
Да ѝ се врати земјата на природата
Светското население на планетава веројатно до 2050 година ќе достигне 10 милијарди луѓе, што го прави неизбежен фактот дека производството на храна мора да се зголеми. Додека некогаш излез се гледаше во освојување нови земјоделски површини, сега решение се бара во посилна концентрација врз урбаното земјоделство и свест за последиците од интервенцијата во природата.
Фотографија: Kate Evans / Center for International Forestry Research (CIFOR)
Преориентација кон растителна исхрана
Со развојот на свеста за потенцијалната здравствена цена на пазарот на месо, Кина бележи зголемен интерес за производство на растителни продукти. Западот во последните години веќе доживеа тренд на вртење на луѓето кон растителна исхрана, кој веројатно ќе продолжи, зашто потрошувачите водат сѐ повеќе сметка за потеклото на месните продукти.
Зголемена сигурност за обезбедување храна во земјите во развој
Пандемијата на Ковид-19 силно ќе ги погоди земјите во развој, посебно во областа на обезбедување храна. ОН веќе предупредија од „глад од библиски размери“, поради намалување на ресурсите. Покрај итната помош, за сузбивање на гладот долгорочно е потребна подобра заштита во земјоделството, одгледување поразновидни наместо монокултури и посилна поддршка за загрозените ситни земјоделци.