1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Луѓе од потерници на чело на хрватските медиуми?

17 јуни 2011

Хрватскиот совет за национална безбедност расправаше за приливот сомнително стекнати пари во медиумите. Досега законите пропишуваат истакнување на сопственикот како правно лице, а вистинските газди често беа в затвор.

Кој е вистинскиот сопственик на „Национал“?Фотографија: picture alliance/dpa

Освен членовите за национална безбедност, на состанокот беше и хрватската министерка за финансии Мартина Далиќ. Се претпоставува дека таа дала повеќе детали за финансирањето на одделни медиуми, потеклото и тековите на парите кои би можеле да упатуваат на извори од криминални дејности, но и прикриено сопствеништво.

Седницата на Советот за национална безбедност заврши со одлуката владата во следните десет дена да подготви измени и дополнувања на неколку закони, пред се’ врзани за сопствеништвото во медиумите.

„Ќе бараме законите да бидат така конципирани, што ќе се знае името и презимето на сопственикот, значи не правното лице, туку физичкото лице или лица“, изјави по седницата премиерката Јадранка Косор.

Фотографија: DW

Сопственици со сомнителен профил

Повод таа да го свика Советот за национална безбедност околу влезот на сомнителен капитал во сопствеништвото на одделни медиуми, според некои тврдења, е писмото на дел од поранешните сопственици во неделникот „Национал“, чиј најголем поединечен сопственик Иво Пуканиќ беше убиен. Тие обвинуваат дека зад германскиот адвокат, новиот сопственик на неделникот, стои еден од главните припадници на црногорската мафија. Истите тие бивши акционери на „Национал“ го покренаа неделникот, што е во мнозинска сопственост на хрватскиот тајкун Андрија Кевиќ, против кого постојат десетина кривични пријави. И профилот на останатите сопственици на хрватски медиуми, познати и прикриени, исто така е многу живописен.

Но, покрај тие ликови, од кои дел се в затвор, како сопственикот на „Вараждинске вести“, или зад решетки поминале неколку месеци, како газдата на „Нови лист“, значаен сопственички удел имаат и странски медиумски компании. Така, луксембуршката компанија ЦЛТ од составот на групацијата РТЛ има 74 процентно сопственичко учество во хрватскиот РТЛ. Покрај нив, акционери со по 13 проценти се хрватските претприемачи Ивица Тодоровиќ и Емил Тедеши. Другата комерцијална телевизија со национална концесија, „Нова ТВ“, е во сопственост на фондацијата ЦМЕ, стопроцентно сопствеништво на Роналд Лаудер.

Фотографија: DW

Австриска „Стирија“ ја презеде мнозинската сосптвеност над „Вечерњи лист“, откако беше утврдено дека тајкуните Паво Зубак и Ивица Нуиќ се само параван за фондацијата Каритас од Девствените острови. Нуиќ подоцна беше убиен, а под автомобилот на сопственикот на другиот влијателен весник, „Јутарњи лист“, беше подметната бомба. Претходно германската медиумска корпорација ВАЦ стана сопственик со 50 проценти на Европа Прес Холдинг, кој покрај „Јутарњи лист“, издава уште дваесетина весници.

Освен што биле или се во затвор, сопствениците на хрватските медиуми се соочуваа и со претепување, подметнување бомби, рекет. Еден од тајните финансиери на Еуропа Прес Холдинг, Мирослав Кутле, е во бегство во БиХ, откако во Хрватска му беше изречена затворска казна, но не поради незаконитост во работата на медиумите, туку заради други зделки. Во БиХ се скри и неформалниот газда на „Гласот на Славонија“, Бранимир Главаш, но поради пресудата за воени злосторства. Против сопственикот на „Гласот на Истра“ е подигната кривична пријава поради незаконско извлекување пари и измама на доверителите.

Новинарите бараат транспарентност

Пред седницата, отворено писмо до членовите на Советот за национална безбедност упати Извршниот одбор на Хрватското здружение на новинарите. Во писмото се истакнува одамнешното укажување на недоволната транспарентност на сопствеништвото како најголем проблем на хрватските медиуми. Новинарската фела бара охрабрување на независната и ефикасна работа на надлежните служби заради одговор на прашањето околу легалноста на приватизацијата и за вистинската сопственичка ситуација во речиси сите водечки дневни весници и неделници во Хрватска, но и во локалните медиуми.

Автор: Гордана Симоновиќ/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми