1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По мавтањето со документи, Мицкоски во обвинителство?

Костадин Делимитов
12 септември 2019

Преговори за правда или преговори со цел некого да не го стигне правдата? Политичарите почнаа да употребуваат тешка вербална артилерија. Експертите критикуваат и бараат одговорност.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во политичката битка за Законот за јавно обвинителство, власта и опозицијата употребија и тешка вербална артилерија. За случајот „Рекет“ Зоран Заев и Христијан Мицкоски јавно преку говорница си припишаа можна инволвираност. Најдалеку отиде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој на прес-конференцијата по непроспиената ноќ во парламентот, почна да мавта со наводни документи од Обвинителството за организиран криминал во кои наводно имало имиња на високи функционери од власта. Овој потег на Мицкоски уследи по јавно кажаната претпоставка на Заев дека истрагата за „Рекет“ водела до него:

„Нема да го тужам и нема да се заканувам со тужби, но ќе го предупредам дека свиркач во ВМРО-ДПМНЕ ни ги донесе исказите кои што се дадени кај обвинителката која што го води предметот 'Рекет'. Но истовремено и наредбата за вештачење и резултатите од вештачењето во ВМРО-ДПМНЕ. Тука моето име го нема, но има имиња на луѓе од власта. Внимателно ќе го набљудуваме развојот на настаните и нема да правиме воајерски шоуа презентирајќи документи. Сѐ додека гледаме дека постои минимална објективност во водењето на случајот. Првиот момент кога ќе видиме дека некој сака да го заштити јавниот интерес, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави документите во јавноста", изјави Христијан Мицкоски.

Кривично дело на Мицкоски?

Оваа изјава го вклучи алармот и отвори дилема - како може некој да поседува такви документи? Од Обвинителството за организиран криминал и корупција за телевизија Телма предупредиле дека поседување на изјави од предистрага и наредби од истрага е кривично дело, бидејќи оној што ги дал тие документи не е свиркач, туку прави кривично дело. Многу е веројатно дека Обвинителството ќе го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да објасни како ги добил овие документи, велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.  

Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Експертите вџашени

Експертите се вџашени од леснотијата со која актерите во политичките пазарења околу Законот за јавно обвинителство се расфрлаат со меѓусебни обвинувања, клевети и дисквалификации само заради тоа што сакаат некого да спасат од одговорност:

„Ова што се случува е срамно за државата и за сите нас. Сѐ повеќе станува јасно дека никој не сака правда и правна држава, туку спас на сопствената кожа, како и спас на своите алчни сопартијци кои се огрешени од законот и кои по разни основи со криминални дејанија му ја одраа кожата и му ја уништија иднината на сопствениот народ“, реагира универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

Тој предупредува дека ако сакале и биле искрени, двете страни немало да остават толку изгубено време околу статусот и иднината на СЈО:

„Исто така тие - мислам и двете партии - свесно дозволија да се доведе државата во ваква ситуација со премолчувањето во преговорите за иднината на СЈО да учествуваат осомничени и обвинети лица токму од СЈО. Ова е срамно и безобразно и од едните и од другите и станува јасно дека и едните и другите досега само ја замајувале јавноста. Станува очигледно дека и на едните и другите приоритет им се личните и партиските интереси, а не националните и државни интереси“, коментира Кекеновски.

Повеќе:

Мартенс: Случајот „Рекет“ е сигнал дека правото почнува да фукционира

Пропадната лидерска ја вжешти реториката

Лидерите се сокрија, преговорите пропаднаа

Лошото дете Хуго

Загрозени животи!

Дел од правната фела е сериозно загрижена од протекувањето на документи за случајот „Рекет“:

„Во тајна постапка дека ја следат директно од внатре и како се постапува во предметот е навистина загрижувачки. Се доведуваат во прашање одредени работи, бидејќи ситуацијата може да стане многу сериозна и да бидат загрозени животи. Со овие работи не смее да се игра јавно. Јас, како бранител, сум сериозно загрижен. Како може некој да ги поседува тие документи, ако тие се веродостојни“, алармира адкокатот Александар Новаковски во дебатната емисија „Топ Тема".

Се очекува да стартува операцијата за преземање на предметите и истрагите од СЈО од страна на Јавното обвинителствоФотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

Во СЈО не е многу пријатно

Во очекување на политичка разрешница околу Законот за јавно обвинителство, но и гласање во Парламентот за разрешување на Катица Јанева, се очекува да стартува операцијата за преземање на предметите и истрагите од СЈО од страна на Јавното обвинителство. Како тоа ќе се одвива, од СЈО најавија детали за текот на денот. Извори за Дојче веле оттаму велат дека не гледаат ништо спорно во целата операција која може брзо да се изведе:

„Преземањето на предметите не е никаков проблем. Државниот обвинител е секако надлежен според Уставот. Нема ниту пречки што Катица Јанева дала согласност за тоа“, изјави за Дојче веле еден од обвинителите во оваа институција.

Конкретни детали за сѐ што се случувало таму деновиве не сака да изнесува, но вели дека не му е пријатно: 

„Сигурно дека не се чувствувам воопшто пријатно политичари да решаваат судбина на кривични предмети. За мене лично е најбитно предметите да добијат судска разрешница, во законита постапка, а не на зелена маса. Ова е мое лично мислење", коментира обвинителот.

Албанската опозиција критикува

По неуспехот на лидерската, власта и опозицијата си ја префрлаат вината. Се огласи и албанската опозиција. Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, порача дека е неприфатливо за правдата и за владеењето на правото да преговараат оние кои ја избегнувале правдата и повика на формирање на т.н. Државна комисија која ќе спроведела ветинг. Првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, предлага јавен обвинител странец, како единствена опција. Тој вели дека имал сознанија оти меѓу прислушуваните материјали во „Рекет“ имало и бомба за вицепремиерот Бујар Османи и затоа не очекувал случајот да има разрешница

Зијадин Села предлага јавен обвинител странец како единствена опцијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Инаку, Заев и Мицкоски по неуспешната лидерска си разменија квалификации дека наместо за решенија на неа се водело битка за забошотување на криминалот. Предлогот на власта за ново обвинителство кое ќе ја истражува високата корупција во земјата не помина поради несогласувањата околу изборот на првиот човек на новата институција. Власта инсистирала предлогот на опозицијата да го мине собранискиот филтер, а доколку тоа не се случи, обвинителот да биде биран од редовите на помошниците на Катица Јанева во СЈО. За ВМРО-ДПМНЕ тоа е неприфатливо.

Според Заев, оваа институција би требало да формира нови случаи кои може да се однесуваат и за предмети од 2013 година, од 2017 година, во зависност, како што рече, дали според кривичниот законик некој предмет е застарен или не:

„За нив беше важно единствено тоа обвинителство да ги преземе сите предмети од СЈО каде што шеф ќе биде на предлог на опозицијата. Тоа е апсолутно недозволиво, затоа што не постои начин дека некој може да гарантира оти тој шеф во еден момент нема да одлучи да ги поништи сите предмети, да ги повлече, да ги одлага. Тоа е апсолутно недозволиво“, изјави Заев.

За Мицкоски, пак, неприфатливо е што предметот „Рекет“ и некои други од претходно, во кои беше инволвиран актуелниот премиер, како „Поткуп" и „Глобал", немало да бидат преземени од тоа обвинителство, а не дали тоа ќе ги води предметите на СЈО, оти тврди дека тоа бил предлог на власта. Сепак и двајцата оставија простор за нови средби и можен компромис.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми