Магијата на божикниот панаѓур во Загреб
Средишна точка и оваа година е Зрињевац, каде елките ќе бидат накитени со милион лампиони, а фонтаната на познатиот архитект Херман Боле ќе биде претворена во детско игралиште. Божикниот панаѓур во Загреб е отворен од 26. ноември 2016 до 6. јануари. Мотото на манифестацијата која привлекува бројни туристи и од странство е „ „Доживејте ја магијата“.
Божикен пазар во Загреб
Минатогодишниот Адвент во Загреб оствари 101.000 ноќевања. Според податоците на Туристичката заедница, посетителите дошле од Италија, Словенија, Србија, БиХ и Јужна Кореја. Градот заработил дури 12,4 милиони евра.
Повторно најдобар
Загрепскиот адвент втора година по ред ја освојува титулата за најдобра адвентска дестинација во Европа според изборот на читателите на порталот „Европски најдобри дестинации“. Средишна точка и оваа година е Зрињевац, каде елките ќе бидат накитени со милион лампиони, а фонтаната на познатиот архитект Херман Боле ќе биде претворена во детско игралиште.
Главниот плоштад станува пивница
Плоштадот на Јосип Јелашиќ за време на адвентот станува место за дружење на голем број загрепчани и нивните гости, а тоа ќе се случува и годинава. Речиси е невозможно да се помине низ оваа маса на луѓе и да се стигне од Капитол до трамвајската пруга. Поради тоа дел од улиците низ центарот на градот привремено се пренаменети во пешачка зона.
Сите патишта водат кон Зрињевац
Иако се простира на периметар од петстотини метри изброивме дури три музички сцени, сите патишта сепак водат кон претходно споменатиот Зрињевац. Тамошниот музички павиљон од 1891 година за време на адвентот живее ноќен живот. Удобната атмосфера, налик на онаа во мирниот џез клуб дополнително ја загрева вареното вино.
Се е во деталите
Трговците се трудат да ве намамат кон своите тезги. Освен мирисот и вкусот, не недостасуваат и шеговити натписи, кичасти украси, но и оригинални идеи. Граѓаните кои живеат во средиштето на градот порачуваат дека им е доста од гужва и од „комерцијалниот циркус“, но бројните загрепски гости не се согласуваат со нив. Некои дури тврдат дека загрепскиот адевент е поубав од оној во Виена.
За секој по нешто
Jazzy groove на Европскиот плоштад пред загрепското претставништво на Европскиот парламент? Може! Денс програма и диџеј на главниот плоштад? Да! Или „Stand by me“ на Зрињевац? И тоа може. Адвенската музичка понуда е шаренолика. Иако ретко кој од посетителите знае како се викаат бендовите кои настапуваат, тоа не му смета никому.
Св. Никола
Иако Св. Никола ги подели подароците, се уште можете да го сретнете во седиштето на градот, да се напиете со него чаша варено вино и да направите селфи. Особено ако сте допатувале во Загреб специјално за адвентот.
Одиме кај куќичките
Наместо големиот шатор кој со години го покриваше плоштадот за време на празниците, угостителската понуда е разместена во бели куќички кои се толку бројни и густи што веќе на шала се вели: „Да одиме кај куќичките!“. Угостителите се жалат на високата цена за изнајмување на објектите, но заработувачката не сакаат да ја откријат. Но, со оглед дека има се повеќе куќички, сигурни сме дека не е мала.
Октоберфест или адвент?
Пребирливите посетители, особено оние од крајбрежјето, ќе се пожалат дека пивото и колбасите се повеќе потсетуваат на Октоберфест, а помалку на адвент. Ако ги прашате, повеќе би сакале да видат хрватски специјалитети. Домашните фритули ги најдовме само на неколку штандови, но се чини дека се помалку популарни од лани.
Лизгалиште
Најспектакуларен дел од адвентот во Загреб е лизгалиштето, наречено Леден парк, направено по примерот на виенскиот Леден сон кај градското собрание. На лизгалиштето има можност за евтино најмување на лизгалки и одлична забава со филмска позадина од Уметничкиот павиљон од крајот на деветнаесетиот век и масивната скулптура на кралот Томислав на коњ која ја изработил Роберт Франгеш Михајловиќ.
Уништен парк
Но не се сите среќни. Под мразот се крие трева и цвеќиња. Бројни архитекти предупредуваат дека зеленилото нема цена и дека овој дел не е предвиден за вакво уништување и оптоварување. Во битката со конзумеризмот, зеленилото засега е губитник.
Без селфи како да не сте биле
На странските гости им е посебно важно да направат фотографии на местото на случувањето со цел во реално време на Фејсбук да се покаже дека се на најубавата европска адвентска дестинација. Затоа не чуди што јапонските туристи се опремени со „селфи стапови“ додека шетаат на загрепскиот адвент.
Мобилните во воздух
Домашните гости ќе ги препознаете по тоа што повеќе ги фотографираат случувањата, отколку себеси. Бидејќи тие и следната година ќе уживаат во адвентот. Поинаку и не може да биде. Од работа до дома ќе мораат да поминат најмалку 2 адвентски пунктови на кои сигурно ќе сретнат некој познат и ќе застанат да разговараат со варено вино.
Не е баш се адвентско
Многумина во адвентот претеруваат во уживањето, како што пластичната вртелешка го надминува дозволениот габарит. Сепак, мајките се задоволни бидејќи накратко ги препуштаат децата на шарените машини. За десетина минути, колку што трае возењето, тие успеваат да ги разгледаат штандовите и да купат по некоја дребулија. „Никакво претерување, само капи и ракавици“, коментира на глас една од нив.
Адвент во бројки
Мината година Загреб оствари 101.000 ноќевања. Според податоците посетителите биле од Италија, Словенија, Србија, БиХ и Јужна Кореја. Градот заработил дури 12,4 милиони евра. Оваа година, градските власти тријат раце бидејќи се очекуваат уште подобри резултати. Сместувачките капацитети целосно се пополнети. Раните проценки говорат дека овогодинешната манифестација се зголемила дури за 30%.