1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Магијата на писмото и уметноста на дневникот

4 ноември 2019

Во ситуации на страв и загроза, записот во дневник дарува стабилност и заштита. Небаре пишувачот сознава оти не е целосно сам со стравот. Дека писмото бдее врз него, создава имагинарен заштитен простор. Пишува Кица Колбе

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Им припаѓам на генерациите родени по војната, на почетокот на педесеттите, кои имаа учители и наставници од „старата школа“. Најголемиот број од  нашите  учители и наставници се беа стекнале со високо образование во универзитетските центри надвор од земјата. Можеби токму затоа тие учителската и наставничката дејност уште ја разбираа како просветителска мисија. Меѓу нив имаше и харизматични личности, вистински ерудити, даровити полиглоти. Сите беа совесни и трудољубиви, одговорни учители. Сите имаа една заедничка особина, барем така јас ги запаметив моите учители и наставници. Тие беа полни со восхит за учењето и писмото, за културата и уметноста. Тие се мереа со најдобрите свои професори, а не со најпросечните. Тоа го очекуваа и  од своите ученици. Затоа што немале можност да учат, да студираат на својот мајчин јазик, тие можноста, која за нас беше нормална работа,  ја доживуваа како востински просветителски проект. Во 1958-тата, кога јас тргнав во школо, уште кај сите нив беше силно присутна таа свест која, секако,  не можеше да не ги зарази нивните ученици со истата жар  за учењето и со истата жед  по просветеноста. Нашите наставници и учители беа навистина просветни работници во најубавата смисла на зборот.

Паметам уште со колкав трепет ја отворив новата тетратка за калиграфија или, како што го викавме тогаш, краснопис. Ако не ми успееше буквата да ја напишам веднаш читко и совршено во нејзината форма, па морав да ја избришам,  неколкупати потоа поминуваав со прстот врз тоа место. За да проверам да не случајно површината на листот од бришењето станала рапава. Си велев, не може да е краснопис ако се гледа „трагата“ од исправката. Напати ми  се чини дека денешните гуми за бришење не се толку меки како тогашните. Како и да е, краснописот ни‘  откриваше дека писмото, пишувањето е навистина магија, творечки и свет чин. Тој што не го памети уште мирисот на првата тетратка.

Фотографија: Imago/PhotoAlto

Тој што не го памети мирисот и допирот на пластелинот. Тој што не го памети чувството на бескрајна радост кога прв пат му успеало, лесно и без мака, да ги извие и извлече сите завои и кривини  на рокописното В или Ж, тој не ја запознал докрај вљубеноста во писмото и ракописот, од која зрачи  тајната на просветеноста. И денес ми се присторува дека  е доволно да замижам, да помислам на букви и да се видам како  од светликава хартија ја сечам, полека и претпазливо, буквата А. И уште повнимателно, со трепет, ја лепам со густото социјалистичко лепило во тетратката наменета само за буквите од светликава хартија! А да не говорам за радоста кога уште во четврто одделение ми успеа да „измислам” своја стихотворба, копирајќи ја формата на тие што ги учевме секоја недела наизуст. А кога се запишав на  студии на групата за филозофија на Филозофскиот факултет,  сфатив дека токму мојот професор по логика, Јонче Јосифовски, бил авторот на првата стихотворба, која мораше да ја научи секое прваче. Онаа едноставна химна на чистотата и силата на водата - „Чиста Дана” – која веројатно секое социјалистичко дете ја говореше додека се миеше. А често се миевме надвор, во дворовите, на пумпите, со студена вода!

Да се почувствува  моќта на записот

Не паметам дали беше во четвртото или во петтото одделение. Ама знам дека тоа беше кога веќе можев  брзо и убаво да пишувам. Учителката или наставничката ни‘ говореше за уметноста на пишување дневник. Паметам дека ни‘ препорача да си купиме посебна тетратка во која, во едно полугодие, требаше да се обидеме да водиме дневник. Веројатно  беа малкумина тие што успеаја да ги исполнат со записи сите страници  од тетратката. Дури сега, од перспективата на мојата писателска професија, сознавам  каква симболичка  моќ имаше тој „експеримент“ со првиот дневник. Всушност, се работеше за тоа да ја почувствуваме  моќта на записот – на сопствените мисли и доживувања. Секако, не лежи во секој ученик неразбудена писателска дарба. Меѓутоа, на секое дете со тоа кусо искуство на  катадневно запишување во дневникот му беше покажана една од најважните особини на писмото и на азбуката. Можноста, со писмото да  внесеме во нашите мисли и доживувања ред и форма. За миг да се повлечеме сами со себе и со писмото. Да стапиме во процес на себеиспитување, прашувајќи се на крајот од денот, што се‘ доживеав и со кои мисли се разделувам од него. Секако, како сите ученици, и ние ги препишувавме едни од други истите формулации. И, сепак,  во тоа кусо искуство ни‘ беше покажано дека учењето не е само механичко собирање на информации, туку и култивирање на духот, на мислите и на доживувањата. Доволно беше барем да почувствуваме за миг  дека записот е еден возвишен, особен чин. Дека тој е згуснато или запрено време. А тоа го дознавме самите дури подоцна, во младоста. Кога пишувавме дневници како скришно сведоштво за првата вљубеност.

Фотографија: Fotolia/Aleksandar Kosev

Сузан Зонтаг јасно ја изговара суштината на пишувањето дневник. Таа, имено, се прашува: „Од каде да знам што мислам, пред да прочитам што пишувам?” Искуството со дневничкото запишување во моето основно училиште  ја имаше токму таа цел. Да ни‘ покаже дека можеме да дознаеме што мислиме само кога ќе ги прочитаме нашите сопствени мисли. Затоа што пишувањето е процес кој  не` учи на концентрација. Затоа што со самата намера да  изаразиме една мисла во запис или еден настан во опис, ние  мораме најнапред да ги согледаме најважните, најсуштинските нешта во темата за која сакаме да пишуваме. Освен тоа, записот во личниот дневник, кој ниту некој ќе го прочита, ниту ќе го вреднува,  дозволува целосна слобода во откривањето на светот и животот. Дневникот, по дефиниција, не смее да го чита некој друг. Ние, додуша, денес ги читаме дневниците на Франц Кафка и на Томас Ман, ама тоа се случува дури по нивната смрт. Патем, последната волја на Кафка била да бидат уништени сите негови списи. А за Томас Ман се знае дека сите дневници од младоста самиот ги уништил. А во подоцнежните веројатно избирал што ќе забележи. И, сепак,  со тестамент наложил да се објават дури дваесет години по неговата смрт. Тие, сепак, се драгоцен извор на информации за неговотот творештво. Особено дневниците што ги водел во Америка, кога пишувал на романот „Доктор Фаустус”, се значајно историско и литературно  сведоштво. Секој дневник на голем пистел ни‘ дозволува подобро да го разбереме неговото дело.

Лечебната моќ на записот и на зборовите

Пишувањето на дневник, всушност,  е израз на граѓанската култура и на нејзиниот култ кон образованието и писменоста. Во таа смисла, тој е знак за култивираност на личноста. Тоа, пак, не значи дека секој писмен и образован човек мора да пишува дневник. Затоа што ниту секој писател не пишувал  дневник. Меѓутоа, луѓето пишувале дневници во извонредно тешки, судбоносни периоди од животот. За војниците на фронтот запишувањето во дневникот било еден вид ментална дисциплина. Тоа било  извор на сила да се издржи. И покрај апсурдот на војната,  да не се изгуби вербата во смислата на животот. Модерните психолози често истакнуваат дека  луѓето интуитивно ја препознаваат  лечебната моќ на записот и на зборовите. Не се ретки оние психолози кои дневничкото запишување го препорачуваат како вид терапевтски ритуал. Записот има смирувачка моќ во состојба на очај и безизлезност.

Фотографија: APTN

Најславното сведоштво за силата на записот како извор на надеж е токму „Дневникот на Ана Франк”. Кога првпат ја прочитав книгата бев уште дете. Таа беше една од нашите летни лектири. Паметам, длабоко ме потресе сознанието дека човек може да биде во разговор со самиот себеси, а тоа да стане извор на надеж. Тоа што не може поинаку да се изговори - од  преголем страв, од болка, од стравопочит - најчесто можеме да го довериме само на скришноста на записот во дневникот. Такво  е прочуеното  „Писмо до мојот татко” на Франц Кафка. Во ситуации на страв и загроза, записот во дневникот дарува стабилност и заштита. Небаре пишувачот да сознава дека тој не е целосно сам со стравот. Дека писмото бдее врз него. Дека тоа му создава имагинарен заштитен простор, во кој стравот не допира. Така нобеловката Херта Милер  го опишува своето преживување со силата на записот во дневникот, во состојбата кога умрел татко и‘, а таа била шиканирана од романската тајна служба. „Стравот можеше да се припитоми само со записот“, изјави таа во една пригода. А тоа е  голема вистина, која ја знаат сите писатели!

Други колумни од авторката: 

Заветот на писателот – Горан Стефановски

„Европска Казабланка“

Писателот, надвор од земјата на мајчиниот јазик

Југославија – „ботаничкиот стакленик“ за етерични билки на културата

Германскиот писател  Олаф Георг Клајн објави пред една година во реномираната издавачка куќа „Вагенбах“ книга посветена на уметноста на пишувањето дневник – „Tagebuchschreiben". Тој смета дека пишувањето дневник  дарува чувство на самодоверба. И секако, во земјата на Гутенберг, не може да нема и институција посветена на овој  симбол на писменоста. Веќе дваесет години постои „Германски архив на дневници“(„Deutsches Tagebucharchiv"). Во него досега се документирани повеќе од дваесет и пет илјади дневници, преписки и поединечни писма. Архивот се наоѓа во малото  место Емендинген, близу Фрајбург во Брајсгау, во покраината Баден-Виртенберг. Го основаше здружение на поклоници на културата на дневникот во 1998-та. Работата на архивот  се финансира само од донации.  Сите задачи ги извршуваат  стотина доброволци, без никаква надокнада. Колку е значајна работата на  овој архив како заштита на духовното наследство, говори фактот што тој од неодамна е  прогласен за споменик на културата и е запишан во листата на културното наследство на покраината Баден-Виртенберг. 

Си велам, учителите и наставниците  во моето детство беа навистина во склад со духот на германската култура на писменоста и просветеноста. Има ли такви учители и наставници денес во македонските училишта?

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми