1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Магијата“ на сликичките на Панини

С.Матиќ/С.Недевски/сид/дпа17 април 2014

Конечно! Љубителите на самолепливите сликички на Панини можат да здивнат. Во продажба од неодамна се сликичките и албумот посветен на фудбалскиот Мундијал во Бразил. Панини има култен карактер.

Фотографија: picture alliance/dpa

Фабрицио Мелегари задоволно го прелистува шарениот албум на Панини. Тој е шеф на редакцијата и два месеца пред почетокот на големиот фудбалски турнир тој и неговиот тим во италијанскиот град Модена можат конечно да се опуштат. Редакцијата на Панини ја заврши својата работа, сега само се чека што ќе кажат селекторите на 32 репрезентации кои учествуваат на СП.

Панини веќе „знае“ кој ќе допатува во Бразил, а тренерите сѐ уште размислуваат за идеалниот состав на национално избраните тимови. Тоа е стара дилема на легендарните албуми. Панини навреме мора да го испечати материјалот и често во албумите можат да се најдат играчи кои воопшто нема да учествуваат на светските или европските првенства.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Легендарни албуми

Во продажба шарените ќесички со сликички на фудбалерите се веќе неколку недели. Се дистрибуираат во над 100 земји во целиот свет. Подготовките за Бразил во редакцијата на Панини почнаа одамна, а најголемиот предизвик дојде во јануари годинава. Редакцијата мораше да одлучи кои 17 играчи од секоја репрезентација ќе се најдат во албумот „СП 2014“.

„Со месеци ги следевме репрезентациите кои теоретски би можеле да стекнат право на учество на СП“, објаснува Мелегари. Пред донесувањето на конечната одлука за мотивите на албумот, редакцијата на Панини во Модена се занимаваше со статистички анализи, разговараше со стручњаци од целиот свет, водени се и контроверзни дискусии во редакцијата.

„Ова е многу комплицирана работа, може да се спореди со работата на селекторите на некоја репрезентација, само разликата е во тоа што не сте селектор само на еден национален тим, туку бирате состав за 32 репрезентации.“ Освен сликички со играчи, се печатат и посебни мотиви како грбови на националните фудбалски сојузи. Во албумот има место за вкупно 640 различни мотиви.

Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Продукција во три смени

Милионите сликички за Светското првенство во Бразил се продуцираат во италијанска Модена и бразилски Сао Паоло. Во Италија се работи во три смени, од 6 наутро до 3 часот по полноќ. Побарувачката за сликичките е голема, вистинските љубители пред почетокот на првенството сакаат да ги имаат пополнети сите празни места за да можат потоа да им се посветат на фудбалските преноси. Производството започна на почетокот на март, а во јуни се гаснат машините.

Панини со гордост тврди дека сите сликички за СП се произведуваат во ист „број“, значи не се точни приказните дека има многу малку сликички со Лионел Меси и многу повеќе со помалку познатите играчи кои и онака ги има секој сопственик на албум, дури и по неколку пати. Најважни пазари за Панини се Јужна Америка и Европа. Фирмата во 1961 година ја основаа браќата Панини, а во 1988-та ја продадоа.

Иако денес владее огромна понуда на дигитални производи, во Панини веруваат дека добрите стари самолепливи сликички имаат иднина. „Производот е омилен бидејќи е едноставен. Светот од ден на ден е се’ покомпликуван и задоволство претставува враќањето кон едноставните работи, кога нешто се собира и се комплетира“, вели еден претставник на италијанската фирма.

Фотографија: PA/dpa

За секој случај Панини е активен и на дигиталните платформи, нуди онлајн-албуми и една посебна апликација за смартфони која составува список на сликички кои сѐ уште недостасуваат во колекцијата.

Среќно детство

Првиот албум Панини го отпечати во 1970. година по повод Светското првенство во Мексико и продолжи да го прави тоа во четиригодишен ритам. Панини печати и посебни албуми по повод Европските првенства. Првиот албум посветен на Италијанската лига (Калчо) се појави уште во 1961. година. Иако во тоа време имаше многу фирми кои нудеа слични самолепливи сликички, Панини забележа успех. Мелегари смета дека за тоа се заслужни „грижата и почитувањето на муштериите“.

А муштериите, главно децата и оние малку постарите „деца“ со радост ја дочекуваат секоја нова колекција, секој нов турнир, секој нов албум. „Собирањето и размената на сликички е нешто што возрасните луѓе ги враќа во времињата на среќното детство“, тврди Мелегари и додава: „Повторно се чувствувате како дете, тоа е магијата на Панини.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми