1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мадуро против Гуаидо: Борба како онаа на Али и Формен

1 март 2019

Конфликтот во Венецуела се заострува. Гуаидо се враќа во Каракас, Мадуро се заканува со апсење. Експерт ја споредува битката за моќ со легендарен боксерски меч.

Bildkombo Venezuela Guaido Maduro

Киншаса, 30 октомври 1974 година, 30 степени Целзиусови и 90 проценти влажност на воздухот. Актуелниот светски првак во тешка категорија и фаворит на мечот Џорџ Формен постојано му задава удари на противникот Мохамед Али. Самопрогласениот „најдобар“ прима удар по удар, но сепак лета како пеперутка во рингот и боде како пчела. Во осмата рунда Али го нокаутира Формен, 100 илјади гледачи во стадионот ја слават победата на својот миленик.

„Битката за превласт помеѓу Гуаидо и Мадуро е иста како најголемиот боксерски меч на сите времиња“, вели венецуелскиот политиколог Луис Саламанка: тактизирање во екстремно тензична ситуација, битка со јасно поделени улоги. Но, кој е Али, а кој Формен?

„Секако дека Гуаидо е Али“, одговара Саламанка со насмевка. „Мадуро, пак, е како Формен. Тој беше во тоа време голем и со огромна сила, но и по малку несмасен“

Битката во Венецуела ќе се води на долги патеки, а во која рунда ќе се знае победникот, е отворено прашање, вели политикологот. Секогаш би можел еден единствен удар да биде одлучувачки. Предноста на Гуаидо е дека како и тогаш во Киншаса Али, така и самопрогласениот претседател го има народот на своја страна.

Џорџ Формен и Мохамед Али во Киншаса (30.10.1974)Фотографија: imago/UPI Photo

Прва рунда: Хуан Гуаидо го возвраќа ударот

Гуаидо сака уште неделава да се врати во Каракас, по меѓустаницата во Бразил и средба со бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. „Јас не ја презедов оваа должност за да ја извршувам надвор од земјата“, објасни тој во контекст на своето преодно претседателство, признато од повеќе земји во светот. Преку колумбиската телевизија Каракол, Гуаидо предупреди дека негово апсење би предизвикало реакција каква што Венецуела нема доживеано ниту на домашен терен ниту од странство: „Доколку направат историска и политичка грешка да ме уапсат, ќе мора да одговараат пред цел свет. Тоа би било атентат врз стабилноста на земјата!"

За Луис Саламанка, Хуан Гуаидо е феномен: „Николас Мадуро на почетокот на јануари си легна една вечер и утредента одеднаш тука беше Гуаидо. Излезе од никаде. И уште му ја расипа револуцијата."

Инстантната слава на Гуаидо е - иронично - споредлива со онаа на Хуго Чавез кон крајот на 90-те години на минатиот век. Гуаидо во изминатите недели го преживеа своето огнено крштевање, вели Саламанка. „Тој е вистинскиот човек во вистинско време на вистинско место."

Ако тој вистински човек за Венецуела сепак заврши на погрешно место по враќањето во Каракас, имено во затвор?

„Нема мала, средна или огромна грешка. Ако владата го апси Гуаидо, ќе направи голема грешка. Тој веќе е светска политичка фигура.

Луис Саламанка, политиколог од КаракасФотографија: Privat

Втора рунда: Николас Мадуро напаѓа

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро се закани со кривични мерки во случај на враќање во Каракас. „Не може едноставно да доаѓа и да оди кога ќе му текне, судот му забрани да ја напушта земјата“, рече Мадуро во интервју за амеиканската телевизија Еј-Би-Си. Гуаидо ја игнорираше забраната и минатиот петок присуствуваше на хуманитарен концерт за Венецуела во колумбискиот град Кукута. Заканата на Мадуро предизвика лавина меѓународни реакции: САД јасно ставија до знаење дека нема да прифатат апсење на Гуаидо, министерот за надворешни работи на Колумбија Карлос Холмс Трухиљо рече дека каков било насилен акт спрема Гуаидо ќе „има меѓународна реакција која ќе наложи заедничко делување".

Владата на Мадуро во моментов може да биде само губитник, вели правникот Хезус Оларвес од универзитетот Католика Андрес Бело во Каракас: „Без разлика дали Гуаидо ќе биде уапсен или не, конфликтот секако ќе се заостри.“ 

Оларвес е убеден дека во војската е клучот за борбата за превласт и дека таму ќе има и други кои ќе преминат на другата страна, ако Мадуро навистина го апси својот противник: „Би можело капка да ја прелее чашата. Може војската да биде приморана да смени страна и со тоа да падне владата на Мадуро."

Хуан Гуаидо на прес-конференција во Богота со колумбискиот министер за надворешни работи Карлос Холмс Трихиљо (24.02.2019)Фотографија: picture -alliance/E. Herrera

Трета рунда: Борба за одлука?

Следната рунда (а според Оларвес веројатно и последната) во борбата за власт во Венецуела започна - војната со зборови пред враќањето на Гуаидо е фатален потсетник на вербалните престрелки што им претходеа на планираната распредеба на помош во саботата. Таму Мадуро се наметна на крај, ги блокираше границите и не дозволи конвојот со хуманитарна помош да влезе во земјта. Но, со истрелите испукани врз сопствениот народ Мадуро таму истовремено излезе како губитник.

Џеф РемзиФотографија: Privat

Сепак и репутацијата на Гуаидо како спасител на Венецуела беше во одреден дел нарушена – многу Венецуелци, кои на пресудниот ден се упатија кон колумбиското месо Кукута, го критикуваа Гуаидо дека во саботата само кусо се појавил пред камерите и потоа волонтерите ги оставил сами.

„Хуан Гуаидо во секој случај мора брзо да се врати во Каракас, бидејќи без негово присуство таму постои опасност дека ќе се распадне единството на опозицијата," вели Џеф Ремзи од тинк-тенкот „Advocacy for Human Rights in the Americas" од Вашингтон. Овој политички аналитичар верува дека владата на Гуаидо ќе оди во затвор, макар и привремено: „Мадуро најверојатно ќе дозволи тој на некое време да биде уапсен само за да ја демонстрира својата моќ."

Повеќе: 

Какви се шансите за американски воен напад во Венецуела?

Венецуела: Кој ќе издржи во политичкиот покер?

Советот за безбедност ги блокираше резолуциите за Венецуела

Владата и внатрешно и надворешнополитички е под огромен притисок, а дополнително се воведени и санкции од меѓународната заедница. „Казнените мерки дополнително ја задушуваат Венецуела, иако тие сега не се зголемуваат значително“, вели Ремзи.

Од друга страна, Хуан Гуаидо ќе се обиде да им се приближи и на „чавистите“, оценува Ремзи, и тоа „со стратегијата: повеќе морков од стап. Значи со понуда за дијалог, каква улога може да одиграат во една можна преодна влада.“

„Оној кој нема доволно храброст да преземе ризик нема ништо да постигне во животот“ - има еднаш кажано Мохамед Али. Хуан Гуаидо може да го примени овој цитат, особено пред неговото враќање во Венецуела.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми