1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот од големоалбанскиот дух

БГ
10 мај 2017

Македонија се наоѓа во длабока политичка криза, а националистите ги продлабочуваат поделбите меѓу заедниците, пишува во репортажата од Скопје, германскиот магазин Шпигел.

Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Се работеше за мал, но експлозивен гест: откако свежо избраниот претседател на Собранието Талат Џафери влезе во својата канцеларија, на работната маса покрај знамињата на Македонија и ЕУ го постави и албанското. Македонија во моментов е најфрагилната земја на Западниот Балкан, а гестот предизвика бура во јавноста“, пишува Шпигел во текстот под наслов „Стравот од големоалбанскиот дух“.
„Националистите во тоа видоа доказ дека албанските политичари во земјата мислат само на едно нешто: поделба на Македонија и обединување на деловите каде мнозинство се Албанците во големоалбанска држава“.

Потсетувајќи на конфликтот од 2001 година и Рамковниот договор со кој, во теорија, се исполнија барањата на албанската заедница, авторот Кено Ферзек натаму го цитира аналитичарот Алберт Муслиу кој вели дека Охридскиот договор не довел до рамноправност на Албанците во земјата. „Албанците не ги чувствуваат државните институции како свои“, вели Муслиу.

„Одговорни за ваквиот развој се долгогодишниот владетел Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Груевски во последните десет години владееше сѐ поавторитарно, наметнувајќи ѝ на земјата националистичка- македонска идеологија“.

„На тоа воопшто не се спротивстави долгогодишниот албански партнер- ДУИ предводен од поранешниот командант на ОНА, Али Ахмети. 'ДУИ го искористи Охридскиот договор за да вработи партиски војници во институциите, да ги зајакне криминалните кланови, и да ја претстави моќта на партијата како успех на Албанците'“, вели за Шпигел, поранешниот македонски дипломат и политички коментатор Арсим Зеколи.

Мал, но експлозивен гест на Џафери, пишува ШпигелФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

„Тиранската платформа“

Шпигел натаму ги наведува исходот од парламентарните избори, објавувањето на албанската платформа под патронат на албанскиот премиер Еди Рама и изјавите на Рама и косовскиот премиер Хашим Тачи за можното обединување на Албанците во случај на неуспех на интеграцијата во ЕУ, како сценарио кое го искористил претседателот Ѓорге Иванов да одбие да го даде мандатот за состав на нова влада.
„Иако документот (Албанската платформа, н.з.) има дебатен карактер, македонските националисти повеќе од два месеци секојдневно протестираат против 'Тиранската платформа'“.

„Опасен развој на состојбата, смета поранешниот македонски дипломат и правник Никола Димитров. 'Етничкиот наратив свесно се користи за да го одвлече вниманието од главниот проблем на македонското општество: авторитарните структури во земјата'.

Активистот за човекови права Џабир Дерала посакува граѓанско општество ослободено од етничкото профитерство. 'На протестите против режимот на Груевски сите етнички заедници беа здружени. Се надевам дека на моќниците нема да им успее да го уништат овој граѓански дух и повторно да ги распалат етничките тензии'“, вели Дерала за Шпигел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми