Македонија без депонија според европски стандарди
21 април 2012Македонија итно мора да се справи со проблемот на неконтролирано диво фрлање на цврстиот отпад и да изгради нови, современи санитарни депонии. Таму складирањето и третманот на комуналниот отпад ќе биде според европските стандарди, посочуваат експертите по заштита на животната средина.
„Ние како комунални претпријатија се трудиме сите општински депонии максимално да ги одржуваме. Но свесни сме дека за подобро одржување и развивање на депониите според европски стандарди, потребни се дополнителни средства. Не е во прашање само механизацијата, туку и начинот на одлагањето на ѓубрето, нивното рециклирање и слично. Во Македонија засега единствено Дрисла кај Скопје, задоволува некакви услови и може да се класифицира како депонија, сите други се само како одлагалишта на смет‘‘, оценува за ДВ, Зоран Илиовски претседател на Асоцијацијата на даватели на комунални услуги на Македонија, АДКОМ.
Најголем проблем- дивите депонии
Посебен проблем се дивите депонии кои кои ја нагрдуваат и нарушуваат животната средина, покрај патиштата, реките и езерата, на излетничките и други места. На нив годишно се трупа и до 210 илјади тони секаков отпад, што е 30 отсто од годишниот отпад во земјата.
„Ние како јавни комунални претпријата во соработка со општините вршиме континуирани акции за нивно чистење. Но за жал постојат многу несовесни граѓани кои продолжуваат со фрлање на отпад на дивите депонии кои самите ги создаваат‘‘, потенцира Илиовски.
Дека свеста на граѓаните обременети со високите казни се променува, пример е Велес.
„Со изградбата на депонијата за градежен шут, во последните неколку години најголем дел од граѓаните токму тука го носат сметот. Во соработка со комуналните инспектори, некако успеваме несовесните да ги откриеме на дело и ги казниме согласно законот“, потенцира за ДВ, Билјана Шуркова Манаскова, инспектор за животна средина на Општина Велес.
Таа посочува дека голем проблем за Велес, но и за другите општини во земјата се дивите селски депонии создадени поради немање на организирано собирање на сметот од домаќинствата. И затоа општините во соработка со јавните комунални претпријатија треба да делуваат на тој план. „Во велешко организирано веќе се собира сметот во четири поголеми селски населби, а наскоро тоа ќе се направи и во останатите, потенцира Шуркова Манаскова.
Решение - Регионални депонии според европски стандарди
Решение за ваквите состојби со сметот во Македонија, според експертите е изградбата на нови Регионални современи санитарни депонии на кои ќе се складира, но пред се рециклира целиот отпад. На постоечките ѓубришта во земјава засега единствено се издвојуваат пластиката , хартијата и металот, а кои потоа се рециклираат од страна на други фирми. Општините од сите пет региони во земјава во соработка со Министерството за животна средина во рамките на ИПА програмата последниве години имаат засилени активности во таа насока. Според информациите од Министерството за животна средина, некои од општините веќе имаат распишано јавен повик за избор на приватни партнери кој ќе стопанисуваат со Регионалните депонии. Експертите по екологија велат дека има сеуште процедури, а нивното конечно профункционирање во Македонија треба да се очекува за минимум две години.